МИКРО – ДВОГЛЕД: Две мини колумни на Венко Андоновски

Дали правото да правиш будала од себе треба да биде впишано во Уставот?

Секој ден слушаме дека некои колективитети (особено малцинства) бараат права за кои сметаат дека им се ускратени.
Но едно малцинско право е целосно неправедно заборавено и оставено надвор од законите и треба итно да се впише во Уставот – правото да не правиш од себе будала.
Поради демократија, треба да се дозволи и другото, спротивно право – секој од себе да прави будала, ако сака. Тоа право, кога веќе толку масовно се користи денес (особено меѓу политичките и медиумските работници и работнички), треба да се заштити со посебен закон, под услов – секој што од себе прави будала, да не бара од другиот да биде исто така – будала.
Тоа значи – оној што го користи уставно загарантираното право да биде будала, не треба да му пречи на оној што сака да остане нормален (паметен), ако воопшто уште има такви.
И ако некој воопшто има желба да биде нормален.


Наградно прашање: Која реченица никогаш не е изговорена во македонската политика?

Читаме: „Ова е ужасна хајка против мене“. Читаме: „Виновни се оние другите“. Читаме: „Не чувствувам никаква одговорност за тоа и тоа“.
Има ли некој во оваа држава, а да не обвини некој друг, туку да каже: „Јас сум, дами и господа, виновен, никој друг не е“? Вака излегува дека никој за ништо не е виновен и дека ние сме држава на светците.
Не трудете се да пребарувате новинско-телевизиски архиви: ниеден политичар не ја изговорил таа реченица кај нас. Таа реченица можат да ја изговорат само спортисти (таму од авион се гледа кој е виновен за промашен пенал или кош), но и луѓе што не се спортисти, но се луѓе со морал, чест, образ или „намуз“, што велат старите. Кај нас, да погледнеш во себе, да побараш вина во себе, се смета за пораз. Како во војна: дури кога поразениот генерал ќе се предаде со бело знаменце, тој признава дека тој е виновен за поразот. Но, дали тоа значи дека ние живееме во состојба на перманентна војна која ја сметаме за мир?
Никој не сфаќа дека ТОКМУ обвинувањето други е најголем пораз, а признавањето на вината е најголема победа на човечкото во човекот. Затоа стоиме во место со голема брзина на стоење, што би рекол мојот драг пријател Дејан Дуковски. А и старите мудреци рекле: ја отвориш ли устата и почнеш да се самооправдуваш, виновен си. А ние уста не затвораме од самооправдување.