Надвор врне апсурд. Тоа е сосема логично. Надвор е Нордистан. Тука има војна од поодамна. Војна за сенешто. Не толку крвава, ама доволно идиотска за да знаеме однапред дека во неа, сами себе ќе се поразиме, окупираме и целосно ќе се уништиме спроведувајќи си идентитетски геноцид
Му пишувам писмо на пријателот од детството.
Драг мој и секогаш луд, Макс!
Надвор врне страв. Спуштам ролетна врз душата. Размислувам меѓу редови. Исто е како 1914, како 1939 година. Ги замислувам Ханс и Марусја. Тој, воен инвалид, останал без нога во Првата светска војна. Таа, партизанка, силувана од нацисти, во Втората светска војна ги загубила родителите, братот, сопругот и децата. Љубовна приказна по крвавите оргии на изопачената цивилизација.
Драг мој и секогаш луд, Макс!
Надвор врне паника. Низ олуците на човечката гротеска се слева на тротоарите како рамнодушност. Размислувам симболично. Ако војната е продолжение на политиката со други средства, а политиката е курва, тогаш војната е СНАФ. Кога светот создава и продава СНАФ-филмови, треба да заврши во катаклизма. Бегам во креативноста на генијалците, оти кај нив дури и злото има некаква логика. „Ивановото детство“ ќе се судри со „Фул Метал Џекет“. „Доктор Стрејнџлав“ се радува. Образот по кој сме создадени, „Жртва“ е.
Драг мој и секогаш луд, Макс!
Надвор врне валкана пропаганда. Ја мијам душата со солзи. Течат низ образи право кон срцето. Размислувам холивудски. Бајден презентираше тизер. Ако Русија ја нападне Украина, рече Џо, ќе го уништиме Нордстрим 2. Следуваа западните медиумски трејлери како најава за премиера. И би премиера. Два дела одеднаш. Нордстрим 1 и 2. Она што го најави продуцентот, режисерот и глумците го спроведоа. Западната филмска критика вресна дека филмот е руска продукција, ама се излета еден полски критичар, па им се заблагодари на американските продуценти за премиерата. Сега ќе има одговор од руската тешка филмска индустрија. Веќе утре може да видиме заедничка постмодерна дистопија. „World War Z“ и „Terminator – Judgment Day“, во крвава прегратка што ќе нè претвори во „Dune“, пустинска планета каде што нема ниту еден „Сталкер“ да го пронајде „Петтиот елемент“, љубовта што на оваа наша тажна приказна ќе ѝ напише хепиенд.
Драг мој и секогаш луд, Макс!
Надвор врнат лаги и привиди. Светот стана трансакциска сметка на пеколот. Ѓаволот наплаќа долгови. Ние сме цивилизација, која којзнае по кој пат си прави златни телиња и му жртвува деца на Баал. Може ли од војна да се побегне меѓу редови, да се остане надвор од контекст од крвавиот пир што надоаѓа? Размислувам мечтателски, додека се кријам во суровите реченици на напишаната стварност. Поминав низ „Триумфалната капија“ барајќи ја љубовта, за да откријам дека „На запад ништо ново“ не се случува и залудно бегам „Преку реката, во шумата“, прашувајќи се „За кого бијат камбаните“, кога на крајот ќе заклучам дека каде и да бегам, само „Војна и мир“ се повторува, а „На полковникот веќе нема кој да му пишува“. Нуркам во книжевната магија, читам романи за војната, обидувајќи се да се сетам на она што не сум го преживеал, ама запнало да ми стане дел од биографијата.
Драг мој и секогаш луд, Макс!
Надвор врнат крвавите солзи на Творецот, а јас излегувам без чадор и оставам тагата да ми ја накисне душата, оти ужасите на војната толку често се вруток преполн креативни воздишки. Размислувам цинично. Војната им користи на писателите за да можат да раскажуваат за пропаста на човечкото битие. Им користи на историчарите, оти историјата е хронологија на војните. Му користи на Црвениот крст, зашто војна е смислата на неговото постоење. Им користи на кројачите, по секоја војна се додаваат нови ленти на униформите. Размислувам и практично. Војната им користи на моќните, за да си речат, ние сме боговите. Моќните, демоноподобните, тие ги сакаат војните, оти нивна храна се несреќите, сакатените, мртвите. Им користи на владетелите, царевите, демократите, архитектите и заговорниците на налудничави илузии за нивната посебност, зашто моќта го крева егото удолу, кон резиденцијата на ѓаволот, ол инклузив сместување, а деструкцијата им е единствена креација, во алчноста си ја наоѓаат скромноста, па се убедени дека од нив сè почнува и затоа сè им припаѓа. Војната, многу често е одговор на Бога за нашето однесување, сите ние, глупи, а вообразени, тешко ни е да поверуваме во невидливото, ама затоа идолопоклонички коленичиме пред видливото зло и го храниме со својата понизност.
Драг мој и секогаш луд, Макс!
Надвор врне апсурд. Тоа е сосема логично. Надвор е Нордистан. Тука има војна од поодамна. Војна за сенешто. Не толку крвава, ама доволно идиотска за да знаеме однапред дека во неа, сами себе ќе се поразиме, окупираме и целосно ќе се уништиме спроведувајќи си идентитетски геноцид. Моментално сме во стадионска војна среде „две чрвени“ фронтови, а мене, искрено, ме нервира мачо-просеравање и не ме интересира што тоа наши „мажишта“, во време комуњарско, им правеле на Бугарки, Романки, Чехињи, оти истиве „мажишта“ дозволија татковината да стане јавна куќа силувана од странски и домашни политички макроа, силеџии и манијаци, ама уште повеќе ме нервираат ликови на кои најважна споредна работа им е да продаваат етика, оти они се едни високоморални битија што на стадион го слушаат Шостакович… не, тој е Русин… го толкуваат Хегел дури контемплираат околу естетските влијанија на Аристотеловата поетика.
Драг мој и секогаш луд, Макс!
Надвор врне лицемерството на оние што молчат додека евроварварската Унија преку домашните миленици, Грција и Бугарија, со децении врз Македонија ги фрла своите нацишовинистички срања, ама кога Македонецот испеал навредлива песна на стадион, наеднаш се запрепастени, па се однесуваат како англиски дендија, француски напудрени контиња и германски овчари, оти наместо перница под глава ги имаат Кант и неговата „Критика на практичниот ум“.
Драг мој и секогаш луд, Макс…
…со последни сили пелтечам додека во шталата, некаде близу Мегида, ги оседлувам коњите на светски познатиот квартет „Откровение“…
…бев дете, драг Макс, и сонував да бидам друмски воин како тебе, а еве ме сега, сè уште дете, во тело на средовечен човек кој полека се распаѓа, сфаќам дека дел од соништата може да ми се остварат, оти сигурно нема да бидам друмски воин, ама очигледно ќе ја доживеам твојата стварност.