Кај традиционално христијанските земји, Божиќ е во прв план и многу поважен ден од 1 јануари, не само дека календарски е пред Нова година туку бидејќи станува збор за прославување на вистинските вредности. Речиси сите цркви го прифатија грегоријански календар, кој е поточен од јулијанскиот. Дури и државите што се традиционално православни, како Грција, Бугарија, Романија, се адаптираа на грегоријанскиот календар и го прославуваат Божиќ на 25 декември. Од регионов единствено Српската православна црква сѐ уште се води по јулијанскиот календар и заедно со МПЦ го прославува Божиќ на 7 јануари
Поминаа 31 година откако Република Македонија се осамостои и излезе од политичкото идеолошко едноумие. Меѓутоа, за жал, сѐ уште ги трпиме последиците од наметнатите вредности за верата и тоа особено е изразено за време на божиќните празници. Социјализмот како идеологија јавно го прокламираше атеизмот како врвна вредност и одеше во насока на деградирање на верата и организираниот верски живот. За таа цел, главните христијански празници што датумски беа блиску до некои секуларни или идеолошки празници мораа да бидат минимизирани. Па така, Велигден мораше да падне во втор план наспроти 1 и 2 мај, кои беа неработни, а многу поизразено беше за Божиќ, кој беше (за жал, и остана) во сенката на Нова година. Особено во прилог на социјалистичките власти им одеше неприфаќањето на поточниот грегоријански календар од страна на Македонската православна црква и поради тој факт и календарски Божиќ паѓа во втор план, по Нова година.
Но да видиме како е во демократските, традиционално христијански земји (како што би требало да биде и Македонија). Речиси сите цркви го прифатија грегоријански календар, кој е поточен од јулијанскиот. Дури и државите што се традиционално православни, како Грција, Бугарија, Романија, се адаптираа на грегоријанскиот календар и го прославуваат Божиќ на 25 декември. Од регионов единствено Српската православна црква сѐ уште се води по јулијанскиот календар и заедно со МПЦ го прославува Божиќ на 7 јануари.
Кај традиционално христијанските земји, Божиќ е во прв план и многу поважен ден од 1 јануари, не само дека календарски е пред Нова година туку бидејќи станува збор за прославување на вистинските вредности. Божиќ е ден кога се отелотвори Бог и прифати да биде жртва за нас, за секој еден што ќе поверува во Него да има живот вечен. Сакале да признаеме или не, по тоа копнее човештвото, отсекогаш се трагало по бесмртност, а наше е само да го прифатиме тој дар и нашиот идентитет продолжува да живее во вечен мир со Бог и по напуштањето на телото. Тоа е вредно да се прославува, а Нова година е премин од старата кон новата календарска година и ништо повеќе.
Кај традиционално христијанските земји се кити божиќна елка, а во Македонија новогодишна елка. Според некои податоци, реформаторот на црквата Мартин Лутер прв почнал да кити божиќна елка со свеќички. Елката е зимзелено дрво и ја симболизира вечноста на Бог.
Кај традиционално христијанските земји, ден пред Божиќ дечињата одат од врата до врата и пеат божиќни песни и химни како „Тивка ноќ, света ноќ“, „О дојдете верни“ каде што се навестува Христовото раѓање. Во Македонија ги научивме дечињата да пеат срамна и понижувачка песна што нема никаква поврзаност со Христовото раѓање. Песната „Коледе леде“ промовира несреќен случај (…паднало греде утепало деде) и семејно насилство (деде се мачи баба го квачи…), на какви ли вредности ги учиме најмалите? Која е етиката или моралот, кои се универзалните општочовечки вредности кога се слуша оваа понижувачка песна што го понижувала Божиќ?! Но по толку децении, време е да ѝ кажеме доста!
И, за жал, во Македонија има уште една крајно нехристијанска пракса, ден пред Бадник да се палат огнови. И на тие огнови најредовни се средовечни, во најголема мера алкохолизирани мажи со чаша ракија во раката. Тоа не смее да биде предбожиќен декор пред нашите домови, на нашите улици и паркчиња, особено тоа не смеат да го гледаат најмалите.
Кај традиционално христијанските земји, најчесто вечерта пред Божиќ се делат подароци за децата, тоа е поттикнато од фактот што кога Исус се родил добил подароци од тројцата мудреци (Евангелие по Матеј 2:11). Во Македонија, за жал, остана праксата од социјализмот, на децата подароци да им се даваат за Нова година. Наедно на Бадник кршиме лепче со паричка и, наводно, кај кого ќе паднела паричката тој ќе има „среќа цела година“. Ова нема апсолутно никаква врска со Библијата. Зошто Бог некого би фаворизирал во семејството, а друг не?!? Божјите благослови се за сите што се послушни и го следат божјиот пат и тие се добиваат кога Бог ќе одлучи, не можат да се изнудат преку паричка.
Кај традиционално христијанските земји, Божиќ е во фокусот, а во Македонија, за жал, Божиќ остана afterparty. Moжеби нешто ќе се промени ако се отфрли неточниот јулијански календар и Божиќ го прославуваме на 25 декември, како што тоа е пракса во најголемиот број христијански земји. Но најмногу ќе се промени кога секој што се декларира за верник ќе започне да ја проучува Библијата, односно Новиот завет и ги открие суштината и значењето на Божиќ.
Дотогаш Нова година ќе биде центарот на нашата еуфорија, а Божиќ само уште еден неработен ден.