Што е проблемот со отворањето на Уставот и оживувањето на тиранската платформа? Прашањето дали ќе се внесат Бугарите во Уставот, кои патем речено веќе се внесени, повторно ја отвори „Пандорината кутија“ за редефинирање на самата суштина на македонската државност. Од самото создавање на Македонија, на 2 август 1944 година, па до денес бараме решение на прашањето „Чија е Македонија?“ и досега никако да се согласиме кој е конечниот одговор на ова прашање. Во меѓувреме дојдовме само до премолчен компромис за две негации, односно Македонците се откажаа од дефинирањето на Македонија исклучиво како национална држава на македонскиот народ во нормативниот дел на Уставот, а Албанците се откажаа од барањето „територијализирана државотворност“, исто така, во нормативниот дел на Уставот на Македонија.
Дефиницијата на државноста и на „носителот на државноста“ во сите светски устави е најгрубо поделена во три категории. Во најчиста форма, постојат национална и граѓанска дефиниција, односно устави што препознаваат титуларни нации и устави каде што сите граѓани на државната територија се носители на државноста. Но, како во случајот на Македонија, најчесто државите имаат некаква плуралистичка дефиниција на носителот на државноста, каде што се препознаваат една или повеќе титуларни нации, национални малцинства, етнички групи, други категории на заедници, па дури и елементи пренесени од граѓанската дефиниција на државноста. Проблемот со плуралистичкото дефинирање на носителот на државноста е тоа што никогаш не може да се изработи прецизна дефиниција што ќе стави конечност на дебатите „кому му припаѓа државата“, а особено „кој е исклучен како носител на државноста“ или „кој е примарен, а кој секундарен носител на државноста“, па секоја генерација е принудена повторно да седне и да го преобмисли овој клучен дел од уставите, најчесто сместен во нивниот прв член.
Во Македонија суштината на проблемот се македонско-албанските односи. Македонците, како најмногубројни, но и како припадници на заедница што е дискриминирана во сите области на Балканскиот Полуостров, каде што живее со векови, како самоникната заедница, се уплашени дека е можно да дојде до дестабилизација на државата поради определени сецесионистички барања кај етничките Албанци. Овој процес е вовед во нова војна за граници внатре во Македонија, затоа што никој не е способен да исцрта праведна граница помеѓу Македонците и Албанците што ќе ги размрси заплетканите македонско-албански јазли ширум Балканскиот Полуостров. Овие стравови кај Македонците се дополнително влошени затоа што најмоќна партија помеѓу македонските Албанци повеќе од две децении е ДУИ, партија предводена од Али Ахмети, поранешен воен командант на отворено сецесионистичката ОНА, која не крие дека тие рамковниот договор од 2001 година го читаат федералистички. Исто така, целокупниот институционален проект на ДУИ е стремежот за „лазечка федерализација“ на Македонија, па тие системски работат за да оневозможат барем една институција во Македонија да функционира интегративно. Не само тоа, туку ДУИ инсистира да го расцепи граѓанството во Македонија, да се создаде целосно одвоена албанска јавност и да се спречи постоењето на островчиња на споделено граѓанство во Македонија што ги надминува етничките поделби. Врвот на лошите политики на ДУИ кон заедничката држава е нивната пламена поддршка за Преспанскиот договор, за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и за предлогот Ковачевски – Петков, попознат како „француски предлог“, каде што со помош на нивните пратеници беа надгласани Македонците, со што се скрши еден од клучните принципи на рамковниот договор и на пристојните меѓуетнички односи во Македонија.
ДУИ, со нивната поддршка за овие предлози, го направи тоа што е незамисливо да им се случи на Албанците во Македонија по 2001 година, односно некој друг да носи одлуки со кои се задира во идентитетот, во културата, во самобитноста, со еден збор во колективните права на една етничка заедница. Болката е уште поголема и подлабока затоа што сето тоа беше направено под надворешен притисок. Јасно е дека постојат кругови во ДУИ што се радуваат на ваквиот развој на настаните, затоа што Македонија станува невозможна и незамислива како држава доколку системски се прекршуваат правата на Македонците (негирање на правата на мнозинското население се нарекува апартхејд), а колку реалноста на функционална Македонија е послаба, толку сништата за „голема“ или „природна Албанија“ се поопипливи за шовинистите.
Но тоа е само еден дел од приказната…
Стравот кај Албанците произлегува од фактот што тие се голема заедница во Македонија, но сепак малцинство. За несреќа, на Балканскиот Полуостров се покажа дека пречесто малцинствата беа предмет на системска дискриминација, која се движеше (и се движи) од непризнавање, асимилација и етноцид (како Македонците во Грција и во Бугарија), па до чудовишните етнички чистења што се случија на просторите на поранешна Југославија, грозоморните размени на територија и население од првата половина на XX век (некои истражувачи велат дека тоа продолжило и во следните периоди) и најодвратните акти на геноцид, кои, за жал, се случија и во мојот животен век. Постојат и кај Македонците шовинисти што сонуваат за поништување на рамковниот договор, за „реванш“ за 2001 година, за „поделба на територијата на населението“ или за некои нови „блесоци“ и „олуи“. Тоа е „Дамокловиот меч“ што виси над Албанците во Македонија, односно прашањето колку Македонците сериозно имаат намера да градат заедничка држава, а колку, всушност, чекаат некое ново преобликување на геостратегиските равенки на Балканскиот Полуостров за наметнување поинакви решенија.
Така што Македонија денес е обликувана од урамнотежувањето на овие два страва кај двете најмногубројни заедници во државата – стравот од поделба и стравот од бришење. За несреќа, и нашиот премолчен уставен пакт е само израз на тие два страва, па, да повторам, Македонците се откажаа од дефинирањето на Македонија исклучиво како национална држава на македонскиот народ во нормативниот дел на Уставот, а Албанците се откажаа од барањето „територијализирана државотворност“, исто така, во нормативниот дел на Уставот на Македонија.
Но „две негации не прават нација“! Вака познатиот либански интелектуалец, дипломат и политичар Жорж Накаш го коментира познатиот либански национален пакт во 1949 година, во колумна за франкофонскиот „Л’Ориент“ од Бејрут. Имено, либанскиот национален пакт почива на премисата „Ни вестернизација, ни ориентализација“, односно ветувањето на либанските христијани дека нема да бараат интервенција од западните земји за нивна заштита, но и ветувањето на либанските муслимани дека нема да бараат обединување со Сирија или со некоја идна панарапска држава. Либанците ги прекршија и двете негации, имаа крвава граѓанска војна и уште неколку лоши епизоди оттогаш, но никако да изградат нација. Исто така и во нашиот случај е невозможно да изградиме нација врз основа на премолчен уставен пакт од две негации. Одговорот нема да го дадат ни преформулирањето на „јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните“ во „албански јазик“, ни дводомното Собрание, ни укинувањето на двојното гласање, ни укинувањето на балансерот, а ни избирањето претседател во Собранието, со истовремен избор на потпретседател, но со двојно мнозинство и за двајцата.
Продолжувањето по овој пат води кон боснизација, кипаризација или либанизација, а не верувам дека кој било посакува таква иднина за своите деца. Единствено демократско решение за македонската уставна загатка е враќање кон принципот на граѓански устав, проширување на јавниот простор каде што живееме како интегрирано граѓанство и меритократски систем за влез и напредување во јавниот сектор, со полно уважување на принципите за правична и еднаква застапеност, како и со полно уважување на правата, самобитноста и културата на секоја етничка заедница во Македонија.
„Deux Négations ne Font pas une Nation!“ – „Две негации не прават нација!“