Живееме во многу бурно време исполнето со војни, земјотреси, поплави и пожари, но и социјални проблеми (немаштија, економски колапс, невработеност, миграции). Не е ни за чудење што менталните проблеми кај луѓето го достигнуваат врвот на инциденциите. Иако физички и интелектуално силен, хуманиот род не е имун на психолошки страдања, па се предвидува дека токму тие ќе бидат на врвот од сите здравствени проблеми. Така, покрај канцерот и кардиоваскуларните болести, депресијата станува едно од најчестите страдања на новото време.
Депресијата е најоптоварувачка и водечка причина за попреченост во целиот свет. Кај децата, депресијата се јавува и кај оние на возраст под/околу три години, но била непрепознаена сѐ до 1980 година кога како дијагноза влегува дури во третата ревизија на ДМС (дијагностички прирачник за менталните растројства).
Депресијата во детството е невообичаена, но сепак е важен клинички приоритет со оглед на поголемата сериозност за долгорочните последици на менталното здравје во споредба со индивидуите со подоцнежна возраст на почеток. Оваа реткост исто така може да објасни зошто многу лекари велат дека немаат доверба во лекувањето на депресијата кај децата, што дополнително се влошува со добивање несоодветна обука. Со тоа, во споредба со адолесцентите, има помали стапки на деца што примаат соодветна грижа за депресија базирана на докази, и покрај силната потврда за позитивните интервенции како што е когнитивната бихејвиорална терапија.
Како и да е, 2000 година беше прогласена за година на депресијата и токму затоа напишав монографија „Депресија кај педијатриската популација“ („Мисла“, 2002). Кажав дека и кај најмалите деца, во доенечкиот период, во болнички услови сме дијагностицирале депресивни симптоми (губење на апетитот, на интересот за околината, тажно расположение, растројство на ритамот на спиење, забавување на психомоторниот развој и сл.)
Во последните децении се забележани големи промени во околината што ги опкружува децата во текот на нивниот раст, а кои имаат битни негативни ефекти на детското ментално здравје. На пример, многу е сменета семејната динамика при што родителите добиваат поголема вклученост во детскиот развој. Во таа насока, презаштитничкиот родителски стил може да биде поврзан со поголемата инциденција на депресивни симптоми кај децата. Дополнително, различните седечки однесувања стануваат позастапени. Исто така, има зголемување на времето поминато пред екранот: се проценува дека дури две третини од децата ги надминуваат препорачаните граници. За возврат, ова влијае на спиењето, на нивото на физичка активност и исхраната, кои сите заедно имаат двонасочна поврзаност со депресијата. Понатаму, проблемите со тежината се од особена важност, бидејќи постојат докази што сугерираат дека зголемувањето на стапките на дебелина резултирало со порано започнување на пубертетот. Таквата промена е суштинска, имајќи предвид дека за биолошките процеси поврзани со пубертетот е потврдено дека влијаат на развојните фактори, што резултира со зголемен ризик од анксиозност и депресивни нарушувања. Покрај тоа, забележана е поврзаност помеѓу раниот пубертет и поголемите здравствени ментални проблеми.
Во последните две децении, забележан е пораст на преваленцата на анксиозни нарушувања кај децата (зголемување од 3,5 отсто во 2003 година на 4,1 отсто во 2012 година). Ова предизвикува загриженост дека можеби слично зголемување се случува и кај депресијата, со оглед на високата коморбидност помеѓу двете состојби. Во моментов, научните докази се нејасни.
Спроведени се многу малку епидемиолошки студии за да се утврди преваленцата на депресијата во детството, имало и неколку метаанализи, но помалку студии што ја разгледувале преваленцата на депресијата, која се менува со текот на времето. Во периодот 1988-2004 г., една метаанализа покажува преваленца од 2,8 отсто кај децата помали од 13 години!? Во овој систематски преглед и метаанализа на 41 студија, здружени процени на преваленцата беа забележани за тешко депресивно растројство (0,71 отсто), дистимија (0,30 отсто), нарушување поврзано со дисрегулација на расположението (1,60 отсто) и 1,07 отсто севкупно. Овие процени не покажале значителни разлики помеѓу машките и женските деца или помеѓу земји со висок и со низок или среден приход, и најбитно од сѐ е дека не се регистрирало зголемување на инциденцијата во период од 15 години.
Ваквите наоди сугерираат дека епидемиолошката опсервација, најверојатно, се одразува на поголемата свест на лекарите што ги поправи историските стапки на недоволна дијагноза. Сепак, неколку предупредувања за овој резултат бараат понатамошно проучување. Прво, тие не понудија посебни процени за специфични депресивни нарушувања, како што се големо депресивно растројство (MDD), дистимија (DYS) или дисруптивна дисрегулацијата на расположението (DMDD) (првпат воведено во Дијагностички и статистички прирачник за ментални нарушувања, петто издание [DSM5]). Дополнително, овие процени пријавуваат само студии до 2004 година, а сегашната перспектива може да биде значително различна.
Затоа, неодамнешната претпоставка за зголемување на преваленцата на депресивно растројство во детството може да биде веродостојна.
Овој напис се базира на најнов труд објавен во ЈАМА во август 2023 година. Се работи за метаанализа на 12.985 записи и 154 цели текстови од 41 компетентна студија посветени на оваа тема. Поточно, оваа опсежна анализа имала цел да го утврди точниот процент на деца што страдаат од некакви депресивни симптоми во периодот 2004-2019 година. Добиена е општа инциденца од 1,09 отсто, што е пониска од последната објавена во 2004 г., која изнесувала 2,8 отсто, бројка што предизвикува некаква недоверба. Зашто кажавме дека промените во семејното функционирање најмногу влијаат врз менталното здравје на децата.
Во однос на разните ентитети што спаѓаат во депресивно растројство, добиена е инциденца за тешко депресивно растројство од 0,71 отсто, за дистимија од 0,30 отсто и дисруптивно нарушување на расположението од 1,60 отсто. Ова последното претставува релативно нова дијагноза и е многу малку вклучена во студиите посветени на оваа тема. Исто така, не е најдена разлика во манифестациите кај машките со женските деца. Резултатите сугерираат дека факторите од детството можеби не се толку истакнати како другите потенцијални процеси што водат до разлики во менталното здравје меѓу мажите и жените, вклучувајќи и депресијата, кои се битни подоцна во животот. Тие може да вклучуваат разлики во биолошките ефекти на пубертетот, социјални фактори во адолесценцијата или зголемени стапки на сексуално насилство. Сепак, релативно помалку студии понудија посебни полови процени за преваленцата на депресија, така што понатамошни студии кај популацијата чувствителни на ова разлика би биле повеќе оправдани.
Оваа најнова студија покажува дека нема зголемена инциденција на депресија кај децата во последниов период. Сепак, треба да се нагласи глобалниот пад на наталитетот во последната деценија (особено во поразвиените региони), а и фактот што не се вклучени процените за депресија и анксиозност кај децата во периодот на пандемијата на ковид-19. Иако анксиозноста и депресивните растројства имаат неколку заеднички битни карактеристики (особено негативното расположение и избегнувачкото однесување), можно е причинските фактори како што е физиолошката хипервозбуда да водат до зголемување единствено на анксиозните растројства. Еден клучен аспект за идните истражувања е поврзаноста помеѓу пандемијата на ковид-19 и распространетоста на депресија кај децата. Има сѐ поголем број докази дека нарушувањето на животот на децата поради заклучувањето, карантинот и тагата по загубените блиски имаа негативно влијание врз нивното ментално здравје. Дополнително, во многу случаи, пандемијата исто така ги влоши веќе постојните проблеми што го зголемуваат ризикот од депресија во детството, како што е семејното насилство.
Наодите од последната метаанализа сугерираат дека депресивните нарушувања кај деца помлади од 13 години се невообичаени, можеби дури и поневообичаени од претходните процени. И покрај зголемениот ризик од факторите на животниот стил во модерното време, се чини дека депресивните растројства не се зголемуваат кај децата помлади од 13 години. Поврзаноста помеѓу пандемијата на ковид-19 и дијагностичката преваленца допрва треба да се утврди, но податоците од студиите што ги идентификуваат депресивните симптоми користејќи прашалници сугерираат дека таа, сепак, е зголемена. Затоа, студиите за преваленца на депресијата во детството користејќи стандардизирани интервјуа се приоритет на истражувањето, како и повеќе истражувања за модераторите на овие исходи. Од нашето секојдневно искуство, иако не е научно поддржано, може да се заклучи дека децата ако не се депресивни во класична смисла, сепак манифестираат апатичност, инертност, незаинтересираност, а особено немотивираност за училишни постигнувања. Зарем тоа не е некаков аларм дека постои промена во менталното функционирање? И ние како возрасни (родители, воспитувачи, учители, креатори на политиките) не треба да преземеме нешто во насока на надминување на овие случувања? Или и ние, како децата и младите, остануваме во нашиот мирен „зимски сон“?