Ако сте пред поаѓање на вашиот годишен летен одмор, протестите против туризмот во делови од Европа би можеле да ви бидат на ум. Движењето ја зафати Шпанија во последниве месеци, додека Грција исто така од следната година би можела да воведе ограничувања на крузерите што ги посетуваат најпопуларните острови во земјата. Но оние што имаат намера да го запрат прекумерниот туризам мора да внимаваат што посакуваат.
Во јуни означив дека т.н. одмазднички патувања (со кои туристите надоместуваат за изгубените патни искуства за време на пандемијата – н.з.) конечно ја губат својата привлечност. Во текот на изминатата недела тоа стана уште појасно. Досега падот на расположението за патување е најизразен во САД. Европа се држи, можеби поттикната од богатите Американци што патуваат во Париз и Милано. Но опасноста е дека пазарот дополнително се лади, што важи и за побогатите потрошувачи, додека бројот на европски туристи исто така се намалува.
Во секој случај, оваа динамика отвора прашања за видот на трговијата во која трошоците за материјални добра, како на пример за чевли и чанти, се заменуваат со вложувањето во искуства, како што се одморите и оброците надвор оддома.
Откако не можевме да ги „рашириме крилјата“ за време на пандемиските заклучувања, потрошувачите низ светот им дадоа приоритет на одморите. Сепак, три години подоцна, знаците на замор од патувањето се насекаде, влошени од високите цени за авионските летови и хотелското сместување.
„Ербиенби“ минатата недела соопшти дека гледа знаци на слабеење на побарувачката од американските клиенти, кои прават резервации поблиску до времето на патување. „Експедија груп“, која управува со својот истоимен бренд и со „Хотелс.ком“, исто така минатата недела соопшти дека забележала забавување на работата во јули, првенствено во САД.
Пад на интересот е забележан и од страна на големите хотелски синџири, при што компанијата „Волт Дизни“ годинава забележа помалку посетители на своите тематски забавни паркови во САД.
Сепак, бидете сигурни дека патувањата не трпат стрмоглав пад. Но тоа е забавување во однос на силните стапки на раст забележани по повторното отворање на економиите по пандемијата на ковид. Се чини дека има одредено губење на апетитот на пониските и средните сегменти на пазарот, бидејќи потрошувачите се воздржуваат од повисоките цени на хотелите и авионските билети и стануваат повнимателни пред претседателските избори во САД.
Аналитичарите во „Бернштајн“ сугерираат дека генерацијата зед побавно се враќа на патувањата од очекуваното, што можеби е една од причините поради кои има забавување на работата на „Ербиенби“. Постарите побогати потрошувачи сè уште се расфрлаат, особено Американците, кои го користат силниот долар за да ја посетат Европа. Тоа може да објасни зошто регионот досега издржува.
Најголемиот светски туроператор ТУИ соопшти дека летните резервации на глобално ниво се зголемени за шест отсто, со продадени околу 88 отсто од понудата, што во голема мера е во согласност со работењето во 2023 година.
Но цените за летните одмори во ТУИ се зголемени за три отсто, во споредба со зголемувањето од седум отсто минатата година. ТУИ генерално им продава на побогати патници, што е една од причините зашто сè уште напредува. Минатиот месец нискобуџетната авиокомпанија „Рајан ер“, повеќе изложена на клиенти што бараат поекономична вредност, ја ублажи својата перспектива за цените на билетите, предупредувајќи на материјално пониски цени. Сепак, следните неколку недели ќе бидат клучни
Како и во САД, Европејците исто така резервираат многу доцна, со желба за патувања што се следната недела или следниот ден. Тоа доведе до таканаречен „доцен“ пазар, каде што авиокомпаниите и туроператорите бараат да ги продадат преостанатите места во авионските летови и хотелските соби, а потрошувачите можат да најдат добри зделки.
Домашните финансии, но и временските услови, ќе имаат улога во тоа колку од понудата ќе се продаде. Во Британија, на пример, летото не беше топло, што доведе до тоа повеќе луѓе да резервираат патувања во одморалиштата на Медитеранот. Но температурите сега се зголемија, што можеби ги убеди луѓето да останат поблиску до дома.
Нашата жед за сонце и песок ќе ја одреди не само заработката на туристичката индустрија, која најмногу профитира во летната сезона, туку и насоката на потрошувачката.
Откако излегоа од ковид-заклучувањата, луѓето од двете страни на Атлантикот им даваат приоритет на искуствата, вклучувајќи ги и годишните одмори, пред материјалните добра, а луксузните стоки се очигледен пример. Паузата за одмор отвора одреден сомнеж за тоа дали „економијата на искуства“ може да продолжи да напредува. Тоа има импликации за пазарите што извезуваат туристи, но и за медитеранските одморалишта што генерираат економски раст од патниците. Продажбата може да се намали ако повеќе Американци и Европејци останат дома, а кинеските посетители не го дополнат недостигот.
Од индициите во изминатите неколку недели, се чини дека коктелите при зајдисонце се во опасност да поминат на ист начин како брендираните предмети и дизајнерските чанти.
Андреа Фелстед
Авторката е колумнистка на „Блумберг“