Светот конечно заличи на кусите приказни од Данил Хармс. За оние што не знаат кој е Хармс, можеби оваа колумна ќе звучи бесмислено, но сè уште имаат време да се запознаат со авторот што советските комуњари го убија поради неговите зборови. Значи, светот заличи на Хармсовите „Случки“. Тоа, парафразирано, звучи вака! Се преправи Трамп во Путин, па излезе на улица со намера да ја преплаши Мете Фредериксен, токму кога данската премиерка, преправена во Мадуро, тргна од дома за да го извади од памет Трамп. И така, на полпат, се сретнаа Доналд и Мете, преправени во Путин и Мадуро, ама не стигнаа ни асална пцост да разменат, бидејќи помина Зеленски преправен во Си Џинпинг, сакајќи да ги сретне Мерц, Макрон и Стармер и да види како ќе му се лигават за да им помогне околу тензиите со Трамп.
Истовремено, од другата страна на улицата, од два различни влеза на зградата, излегоа Путин и Макрон и се сретнаа. Вова веднаш зграби цигла и со неа, гадно му ја исполира фацата на Ману. Во болна агонија и полн со гнев, Французинот зграпчи голем камен и со сета сила замавна, ама бидејќи погледот му се матеше од болка, а виде два Путина (да не го забораваме преправениот Трамп), каменот со страшна брзина летна кон погрешниот Вова и му ја здроби вилицата на Доналд, кому му одлета и маската. Ману гледајќи дека му ги искршил забите на Трамп, веднаш стави темни очила за да изгледа како слепец што случајно минува тука и фрла со камења, што е крајно нормално за слепите луѓе, токму во моментот кога од автомобил излегуваа Мерц и Стармер преправени во Лорел и Харди оти беа тргнати на маскенбал во Давос, ама гледајќи го Макрон со истриено лице и темни очила, помислија дека е Гадафи од некои минати времиња, па му се нафрлија да го растргнат. Сето тоа, од зградата, застанати на своите тераси, со концентрација на балкански баби, кои она што се случува долу го доживуваат како сапунска серија, возбудени до напнатост, го набљудуваа Каја Калас и Урсула фон дер Лајен.
И така, потскокнувајќи од возбуда и навалувајќи се, Каја изгуби рамнотежа и летна надолу повлечена од гравитацијата, право кон гужвата во која Вова му го откина увото на Ману, Кир се мачеше да му го одгризе носот на Путин, а Фридрих по грешка му брцна во око на Стармер, мадам Калас тресна врз главата на Мерц раѓајќи во неговиот ум мисла дека во вака комплексни меѓународни односи, барем убавици паѓаат од небото. Урси, пак, возбудена од глетката, одлучи да се поткачи на столче за подобро да ѝ се отвори сеирот, заборавајќи дека таму ја остави лушпата од бананата што пред малку ја изеде, па се лизна, изгуби рамнотежа, главечки полета долу кон улицата и падна точно среде демаскираниот Трамп и Мете Фредериксен преправена во Мадуро. Нејзината привлечна појава, иако разбушавена и издраскана од падот, веднаш ја претвори геополитичката напнатост во љубовен триаголник. Трамп почна да ѝ се пушта на Германката, иако Урси гледајќи во Мадуро без да знае дека тоа е Мете, се сети дека уште од „Евита“ наваму ја возбудуваат јужноамерикански диктатори, па фати да трепка со убавите очиња, додека премиерката на Данска само зјапаше во маската на Путин, која падна од лицето на Трамп, оргазмично ежејќи се од чувството дека можеби треба американскиот мачо шовинизам да го замени со страсна руска постела.
Сето ова, седнати во блиското кафуле, го посведочивме јас и Јенс-Фредерик Нилсен, премиерот на Гренланд, додека се обидувавме да ја привршиме нашата билатерална средба на маргините од разумот. Мене ме интересираше дали има албино примероци меѓу белите мечки или белите мечки се албина меѓу сите други мечки, а Јенс-Фредерик лобираше за припојување на Гренланд со Нордистан заради геобезумната состојба во која двата протектората се наоѓаат. Јас додадов дека е добро да го додадеме и Курдистан во нашата нова држава и да ја наречеме Курдигринстан Нордиланд, но морав да испитам дали Нуук е збратимен град со Алта од Норвешка и доколку е, како да направиме, аурора бореалис што таму совршено се гледа, да ја видиме и ние, од Нордистан до Курдистан, ама сакав да ми каже и дали гренландскиот фудбалски клуб Сиумут Амердлок Кунук од Сисимиут е во добри односи со унгарски Фехервар, кој пак е поврзан со Видеотон, омилениот клуб на Орбан за да не излезе подоцна дека Курдигринстан Нордиленд е творба на унгарската Коминтерна финансирана од кинески кредити и сомнителни пари на британската империја.
Нилсен како фан на фудбалски клубови со блесави имиња ми објасни дека Фехервар не е поврзан со Видеотон, туку тоа е истиот тим, односно, во својата историја, тимот од Шекесфехервар што игра во Немзети Бајнокасг 2, втора унгарска лига, вкупно дваесет пати менувал име, почнал како Вадажтолтењгјари СК, во 1941, за денес да се вика Видеотон ФК Фехервар. Како и да е, му ветив на премиерот Нилсен, ќе им ја пренесам на властите оваа наша идеја, иако се плашам дека нема да имаат слух, затоа што, знаеш Јенс, додека опозицијата претура од Данил Хармс во Вилијам Гибсон, власта е во „Тихиот Дон“ филм, некаде се на трета страна од трите тома потребни промени за кои ги сместивме во фотелјите на удобноста и можеби тешко им оди да ја спасат држав… протекторатот од колапсот во кој нè ставија претходните, ама сигурно ќе го спасат светот од нас пушачите, но ги разбирам, тешко им оди да ја пофатат маскарадата во која западнаа западните им партнери, оти тоа утро Трамп се маскира во Путин за да ја уплаши Европската Унија и стигна во Брисел, кој се накити во Москва и…
Вечерта, кога од светот на Хармс, се вратив во „стварноста“, ги проследив сите политички анализи околу светската травестија и за разлика од мене, тоа беа стручни и прагматични аналитичари, ама никој од нив не спомена една работа, а јас, како некој стар, изморен Украинец што на фронт ги изгубил сите свои деца, внуци и роднини, со очај во срцето го констатирав следното: бесчувствителните ЕУ-хистерици, лобираа и финансираа да има руско-украински колеж, поддржувајќи ја Украина до последен Украинец и со сите сили ги саботираа обидите за мир, ама одеднаш, по само „пет минути“ караница со Трамп, веднаш ја покажаа својата хипокризија, велејќи дека е време да се свртат кон Русија и да ја гледаат како дел од Европа. Толку им треба за да ја фрлат како партал, девастирана, искасапена и преполовена, плиткоумната, како Нордистан, Украина, а Украинците, нека продолжат да ѝ веруваат на марионетата Зеленски и на арогантната, ама неспособна унија, сосема е возможно, за глупоста што ја направиле, да нема кој жив да се сеќава.
Александар Русјаков
































