Се распадна германската владејачка коалиција. Бугарите и по седми избори, не можат да состават влада. Ако се побратимат како во блиската историја, ене им ја и Мелони во Италија, можеби… не, батали, глуп муабет. Коментирајќи ги изборните резултати во САД, Владимир Путин им фрли „Гогољ-гачка“ на Американците, па искоментира дека Камала Харис е подобра опција за Русија бидејќи е крајно предвидлива. Чекај бе, Вова, како предвидлива, па јас кога таа дама зборува, ама ништо не ја разбирам. Нова мигрантска криза во најава. Холивуд ги пакува куферите за да бега од романтичната комедија, која, според нив, ќе стане хорор-приказна откако Доналд Трамп стана нов продуцент на студиото Америка. А Кина? Кина вообичаено „заостаната“, никако да фати тек со модерната светска хистерија, почна да прави летечки такси-возила, воз што ќе се движи побрзо од авиосообраќај.
Светот е измачена гротеска. Врз искривената насолзена гримаса носи траурна насмевка како презентер на „Си-ен-ен“ во постапокалип… во постизборна програма. Стварно пливав низ Си-ен-ен-брановите во изминативе недела дена. Се наголтав матна вода. Најпрво добро ми го „наштиркаа“ миленцето над телевизор со ентузијазам за Камала и хистерија кон Трамп, а потоа, во средата наутро, жива вода го направија од плачлива неверица. Крајно блесаво изгледаа лицата на презентерите, новинарите и аналитичарите. Онаков траур врз извежбана насмевка никогаш не сум видел. Некаде со моето второ утринско кафе, додека ги слушав како „овој ужас можел да им се случи“, една дама среде анализа, мртва ладна опали со муабетот, а бе знаете што, можеби мнозинството Американци гласаа за Трамп затоа што сите знаеме дека во негово време економијата беше подобра.
Ма, ненормална работа! Ау, какво откритие? Стварно човек да западне во недоумица и да се исчудува. На онакви теми како абортус, џендер-идеологија, мигранти и правата на жената, крајно е бесмислено да се занимаваш со економија. Што е битно дали можам да си ги прехранам децата и да го исплатам кредитот, ако жена ми не може да абортира? Или јас да не можам да абортирам ако утре се почувствувам како жена ми. Ненормални Американци! За економија се фатија.
Јас сум убеден дека ништо драстично нема да се промени. Жените и понатаму ќе можат да абортираат колку сакаат (???), мажот што се чувствува како жена ќе продолжи да го има сето право да биде и сончоглед, ќе има и понатаму генијални хомосексуалци како Ален Гинзберг и Блек Френсис што ќе творат, а јас ќе им се восхитувам без да ми е гајле што се во постела, оти нивна работа, во земјата на мигрантите и понатаму ќе доаѓаат мигранти, а секоја жена ќе продолжи да ја има сета слобода и можност да стане силна и успешна како Камала Харис, Џеј Ло или Барби. Трамп ниту ќе ги запре војните, ниту ќе ѝ го врати чаламот на Америка бидејќи, нели, тврди дека повторно ќе ја направи најмоќна. Фала Доналде, сполај ти, ама стварно не треба! Веројатно само ќе им ја подобри економијата на Американците, што е единствена причина зошто и победи. Сè друго се муабети за нивните избори да останат она што секогаш биле, шоу-бизнис.
Мене, од себични причини, само Холивуд ме загрижува. Не ми е муабетот дали Клуни или Де Ниро ќе ја напуштат Америка. Тоа нема да се случи. Истото, едно чудо ѕвезди „го драпаа“ и во 2016 година. Јас сум вознемирен што ќе се случува со холивудската продукција. Стварно сум обожавател на сите „бетмени, супермени, авенџерси, елиени, терминатори, смртоносни оружја, медмаксовци“ и многу други приказни од холивудските кујни, никогаш не сум бил од оние со муабетот, „јас тоа ср.ње не го гледам, само Бергман, Тарковски и Кјубрик, брат“, оти и Холивуд има свои ремек-дела, од „Кум“ до „Магнолија“. Проблем ми е што сега Холивуд ќе се врати на онаа налудничава анти-Трамп хистерија од 2016 до 2020 година. Не дека во изминативе години немаше прогресивни будалаштини, (терминатор стана феминист, језиво) ама беше колку-толку подносливо. Е, сега ќе полудат. Нема да има филм без хистерија. Ќе ја пикаат и таму каде што нема никаква логика.
Еј, човече, го гледаше новиот „Предатор“? Уф, сега има и трогателна љубовна приказна како сајдстори. Предаторот се вљубува во геј, борец за правата на жените и кога вонземјанинот ќе забремени, знаеш, на нивната планета сите можат да забременат, ќе мораат тајно, бидејќи Трамп забрани абортус, да го абортираат на скришно место плодот на љубовта, за да не ја пореметат космичката хармонија. Ау, брат, а бе прочита? Спилберг ќе прави нов „Е.Т.“. Многу тажна приказна. Е.Т. сака да се врати на Земјата, во Америка, за да го посети својот пријател Елиот, сега веќе средовечен човек, ќе го игра Самјуел Л. Џексон, ама администрацијата на Трамп, бидејќи елиен, не му дозволува. Ужас, човече! Е ужас, затоа сум и во паника.
Туку, кој ѓавол ме тераше (можеби оној од „Таинствениот странец“ на Марк Твен) да продолжам и по избори, да се ѕверам во најизвиканите светски медиуми, кои, нели, родени се лично од утробата на вистината, па затоа се најчитани, највлијателни, најсамобендисани, зашто ја фактчекираат и Божјата промисла, па цело време правеа вистински анкети и највистински ни кажаа дека ова ќе бидат најнеизвесните американски избори во кои Камала ќе победи зашто има блага предност, додека Трамп и републиканците, резултатски не растурија. Е па, истиве медиуми отекоа со приказната за руски влијанија, хакери, служби, мешање на Кремљ врз изборите и нивна улога во победата на Трамп. Истата приказна од пред осум години, само глупо апдејтирана и сега за сега, без Велес во неа. Чекај малку, па нели Америка е најмоќната земја на светот? Како дозволуваат една примитивна Русија, која војува со лопати и чипови од миксери, да им избере претседател? А што не се вмешаат и они, како најмоќни, во руски избори, па Путин да изгуби? Ааа, САД се демократија и не се мешаат во туѓи работи. Значи оној Бејли мене ми беше само дел од кошмари. Можеби, личеше како излезен од хорор Б-филм. Ама изгледа исти кошмари имале и во цела Јужна Америка, Африка, половина Европа и огромни делови од Азија. Како и да е, Трамп секако нема да може да се кандидира на следните избори. Едвај чекам да видам кој ќе биде фаворитот на Русија за четири години, односно идниот претседател на Соединетите Американски Држави.