Драги мои, долго време предупредував, пишував, зборував, дека ќе дојде ден кога ќе бидеме избришани од светот на уметноста и културата.
Дојде тој ден. Ние веќе не постоиме. Нѐ нема. Може да си замислуваме што сакаме, да се залажуваме дека ова е само сон, дека нашата смрт не е вистинска, туку само страв од паѓањето и струполувањето надолу, но тоа не е така.
Нас од завчера нѐ нема. Ние не постоиме.
Не знам дали најпосле разбираме дека Министерството за култура и програмите што ги составува имаат една и единствена крајна цел: бришење на авторите и делата што се нарекуваат македонски.
Ние сме им придавката на нивната реалност, која ги потсетува на тоа што се. Ние и нашето творештво сме нивниот срам и пораз. Затоа нѐ бришат. Се срамат од нас.
Но нас од завчера нѐ нема. Ние не постоиме.
Која е нивната крајна цел?
Бришење не сето творештвото на генерациите пред нас, за да се прекине врската на сегашноста со историјата.
Кој нема минато, нема ниту сегашност.
Оневозможување современо творештво и создавање нови автори, кои не припаѓаат на нивните партии, движења и институции.
Кој нема сегашност, тој нема ниту иднина.
Нас од завчера нѐ нема. Ние не постоиме.
Која е нивната крајна цел?
Откако ќе нѐ снема во јавниот простор, во светот на културата, уметноста и медиумите, тие знаат дека со тоа ние ќе престанеме да постоиме и во светот на стварноста, затоа што светот на уметноста е нашиот стварен свет. Народите и заедниците не постојат без заедничка култура, без заедничка уметност, без заеднички духовни вредности што ги обединуваат. И без заеднички различни автори и различни дела, кои создаваат различно творештво, кое на различни начини, со различни содржини и во различни форми, различно се идентификуваат со заедницата и заедницата со нив.
Нас од завчера нѐ нема. Ние не постоиме.
Ние сме избришани од светот на уметноста во нас. Ние сме избришани од светот на уметноста за нас.
Нас нѐ укинуваат. Ние не постоиме. Онака како што ја укинаа Охридската архиепископија, онака како што ја укинаа Република Македонија, така нѐ укинуваат и нас. Со програми и со одлуки.
Нас нѐ укинаа. Ние не постоиме. И не ме боли.
Нас нѐ укинаа и мене најпосле ми олесна.
Сега знам кој е мојот вистински пат. И знам дека најпосле ќе соберам храброст да тргнам по него. Но пред тоа, пред тоа, да се разделиме.
Тоа е, драги мои, да се простиме и да се разделиме. Ние во едни театри, вие во други. Ние во една опера и балет, а вие во друга. Ние во една филхармонија, а вие во друга. Ние во едни институции, а вие во други. Ние во едно министерство, а вие во друго. Ние на една страна, а вие на друга. Ние и онака зборуваме со различни јазици, пишуваме со различни писма, пееме различни песни, играме различни ора, кажуваме различни приказни, веруваме во различни богови и митови, офкаме, лелекаме и плачеме на различни начини и за различни нешта, различно се радуваме за различни победи, различно плачеме за различни порази, различно се будиме, различно заспиваме, различно сонуваме, различно мечтаеме, различно постоиме. Ние повеќе немаме ништо заедничко. Ние веќе сме сосема, ама сосема различни.
Да се разделиме, пред да се замразиме.
Ние повеќе не можеме да живееме заедно. На денот кога ја укинавте единствената заедничка нишка што нѐ поврзува, а тоа е правото на различните од вас да зборуваат различно од вас, ние се разделуваме трајно, засекогаш и неповратно.
Ние не можеме повеќе да живееме заедно, затоа што немаме ништо заедничко. Ние немаме заедничко минато, заедничка сегашност, боли ама тоа е, сосема е јасно дека веќе немаме ниту заедничка иднина.
Тоа е, драги мои, вие тргнавте по својот пат, ние ќе си одиме по нашиот. Вие така одбравте.
Сепак.
Да се разделиме во мир.
Да се разделиме, пред да се замразиме.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и универзитетски професор