Чувајте го јазикот, Симјановски

Македонскиот јазик ги живее најдраматичните и најкритичните моменти од своето постоење на долгата историска оска. И не е тоа загрозување само странска, од странски јазик. Во вртежот на политичките превирања на нашиот мајчин јазик му e скусена негата во јавниот простор и во извесна смисла и грижата за него од државата.
На повидок е и изработката на предлог-закон за грижа за македонскиот јазик во практиката во различни сегменти и на различни нивоа од општествениот живот. Се предвидува и инспекторат во кој ќе бидат вработени инспектори за македонски јазик и кои ќе дејствуваат на терен, ќе ја следат состојбата секаде каде што според законот треба да се применува македонскиот стандарден јазик со неговото кирилско писмо.
Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е историја, традиција, обичаи, наследство, идентитетска инфраструктура…Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот.
„Негувај го македонскиот јазик, побарај лектор – здружение на лектори на Македонија“ беше текстoт испишан на билборд што го прочитав во една пригода стоејќи простум во градскиот метеж од перцепции, при што со доза на блага иронија, резигнација и горчина, сам со себе си разговарав и се прекорував. Вака ли се штити идентитетот, се чува и негува јазикот, со билборди, со летоци…
Го враќам филмот години наназад. „Чувајте го јазикот, Симјановски, тој ќе ве чува Вас“. Така говореше Милчин Постариот во една дискусија по повод употребата на жаргонот во филмската конверзација. Конкретно, дебатата беше по повод премиерата на мојот игран проект, ТВ-филмот „Пикасо“, кој во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век беше реализиран во продукција на МТВ и беше прикажан во ударниот драмски термин на тогашната Југословенска радио-телевизија. Како автор на сценариото и режијата сметав, а и така направив, за поголема уверливост во одразот на скопското милје, јунаците во дијалозите да комуницираат на „скопски“.

„Филмот е убав, Симјановски, но задача на вас авторите е будно да внимавате на јазикот, особено во уметничкото творештво, да го негувате и доизградувате, бидејќи тој е вашата легитимација“. Ги доживеав овие зборови како комплимент, но и како благ прекор, кој и ден-денес ми одѕвонува во сеќавањата. Како одминуваат годините сѐ повеќе ја чувствувам важноста на пораката на почитуваниот голем артист, интелектуалец, педагог Илија Милчин и неговите заложби за македонскиот говор и правоговор и учество во културната автономија во Пиринскиот дел на Македонија.
„Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот на којшто зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес и ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија“, ќе проговорат со оружје в раце Славчо Ковачев и Борис Сарафов, комити и дејци што ја обезбедувале праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Поп Георгиев Чернодрински, во салонот на Славјанска беседа, во ноември 1900, во Софија.
Така почнува финалната сцена на ТВ-драмата „Премиера“, за која сценариото го пишувавме заедно со почитуваниот Милан Банов, истражувајќи и прегледувајќи за таа цел многубројни архиви, фотографии на македонски дејци, документи, сведоштва, врз кои ги создаваме сцените на премиерата на македонскиот јазик во драмската уметност. Човекот со куфер што доаѓа од Пловдив да присуствува на премиерата на „Македонска крвава свадба“ беше една од ролјите што ги толкуваше почитуваниот актер Илија Милчин.
Во една пригода, по повод извесни драмски чествувања во салонот на Славјанска беседа во Софија, присуствував на драмски фестивал на кој беше прикажана македонската пиеса „Дунек“, со Владимир Ангеловски во главната ролја. В миг за време на пиесата, повторно го чув далечното ехо на зборовите на Ковачев и Сарафов. Јазикот на кој зборуваат и пишуваат поколенијата, овој пат повторно како пред повеќе од сто години, слободно одекнуваше на сцената. В миг повторно како да ги осознав длабоката смисла и важноста на пиесата „Македонска крвава свадба“.
Mакедонскиот јазик, иако според кодификацијата е многу млад, за кратко време изоде голем пат, помина преобразба и денес се наоѓа високо на листата на современи светски јазици. Тоа пред сè се должи на кодификацијата, односно на моделот што го избрале кодификаторите. Тука пред сè се мисли на оттргнувањето на македонскиот јазик од старословенската основа, за разлика од рускиот и од бугарскиот јазик, кои се засновани на неа, во смисла на морфолошки и ортографски правила, а најважно од сè е успешно избраната дијалектна основа.

Законот за употребата на македонскиот јазик („Сл. весник“ 5/98) пропишува занимање – лектор, кој е единствен овластен да се грижи за правилна употреба на стандардниот јазик. Според членот 7 од Законот: „Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од членот 5 став 1 од овој закон (називи, реклами, плакати, упатства на лекови, меѓународни договори, текстови за масовна комуникација) што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик“.
Во метежот пред лелекот на билбордот во близината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се потсетив на завештанието на почитуваниот и скромен професор, поет, научник, татко на македонскиот јазик и правопис Блаже Конески: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Овие зборови во ова бурно време како да го добиваат своето полно значење. Заложбите за неговиот опстој денес одново силно се интензивираат. Незапирливо продолжува македонското „да се биде или не“ и во сферата на писмото и правоговорот. Овие скромни редови ги посветувам и ги упатувам до сите чесни македонски родољуби и со мал скромен придонес се придружувам во катадневните напори за растурање на маглите, лажните дилеми, полемики со дузина автори, интелектуалци политичари, кои облечени во овчи одежди, кои дали од небрежност или од неразбирање на глобалниот контекст и скриените, невидливи агенди и пропаганди, атакуваат со неразбирливи матни ставови и повици врз бедемот на кревкото македонско битие.

Аљоша Симјановски