(Повод: Текстот насловен „Реагирам – научнички и патриотски реагирам“ од Гоце Аризанкоски, објавен во „Нова Македонија“, на 23.9.2022)
Александар Донски
Во горенаведениот текст, Гоце Аризанковски со право реагира против фалсификувањето делови од неговиот научен труд од страна на бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева, која, наместо оригинално да ги цитира тие делови, си додавала небулозни уфрлувања според теркот на бугарскиот шовинизам кон Македонците. Но ова не е единствен ваков пример, туку само еден од безбројните примери за фалсификување разни сегменти од македонската етнокултурна самобитност од страна на бугарските историчари и публицисти, но и од други субјекти. За ова, исто така, малку е пишувано во нашата јавност. Овие фалсификати опфаќаат широк дијапазон: од менување на содржината на оригиналните документи, па до криење и уништување на доказите за македонската национална самобитност низ историјата. Да го илустрираме ова со неколку примери.
Во еден разговор со писателот (инаку деклариран етнички Македонец) Славе Македонски од Бугарија (сега покоен), тој ми потврди дека бугарските шовинисти и со неговите романи го правеле истото тоа (барем во периодот на тодорживковистичкото едноумие). Така, на пример, за да го избегне бугарското име, во ракописите на неколку свои романи, не смеејќи да ги користи термините поврзани со Македонија, овој писател секаде ги употребувал компромисните и маскирни термини: христијани, христијански и други.
Меѓутоа, по излегувањето на книгите од печат, термините христијани, христијански и сличните на нив секаде биле заменети со термините: Бугари, бугарски и сл. Се разбира дека за некакви протести не можело да стане ни збор, а и ако ги имало – останувале без резултат. И што ќе се случи во иднина? Големобугарските пропагандисти ќе се скинат докажувајќи дека Славе Македонски бил „Бугарин“, штом, нели, во своите книги „самиот“ пишувал за Бугарите и штом „самиот“ користел бугарски детерминирања.
За сличен настан своевремено сведочел и познатиот македонски лингвист Ѓорѓи Киселинов. Имено, за време на српската окупација тој објавувал статии со македонска национална содржина во познатото списание „Луч“. Но за време на бугарската окупација, тој наеднаш почнал во своите статии да го величи бугаризмот. Сепак, по ослободувањето, Киселинов (иако бил во немилост на новата македонска власт) јавно се декларирал како Македонец и целосно се ставил на услуга на прогресот на македонската нација. За своите пробугарски статии Киселинов признал дека од бугарските окупатори му биле порачувани да ги напише, а честопати се случувало и неговите текстови отпосле да бидат дотерувани од редакциите каде што објавувал, т.е. во нив дополнително биле уфрлувани бугарските детерминирања за нашиот народ (д-р Стојан Ристески: „Табу-темата: Киселинов – Конески“, Охрид, 1994, стр. 16). Уште подрзок фалсификат е направен врз една песна од големиот поет и револуционер Никола Јонков Вапцаров. Станува збор за песната „Доклад“. Поетот во оваа песна, пеејќи за Македонија, ги напишал зборовите: „за Неа“! Меѓутоа, во рускиот превод на оваа песна (цитирана во едно универзитетско московско издание, како што пишува д-р Б. Ристовски, од страна на редакторот Бугаринот Д.Ф. Марков), наместо „за Неа“ биле подметнати зборовите: „за Бугарија наша“ (!?). Ваквиот бесрамен фалсификат на руските читатели уште долго време ќе им зборува за „бугарската национална свест“ на Вапцаров. Врз основа на ваквиот бугарски фалсификат, можно е некои руски аналитичари, историчари или есеисти подоцна да напишат статии за „бугарското национално чувство“ на Вапцаров. И не само тоа. Подоцна нашите бугаромани би можеле да ги земат токму таквите руски трудови како „доказ“ дека и во други земји се „тврди“ оти Македонците се (или порано биле) „Бугари“. Дрзок фалсификат е направен и во бугарскиот превод на Спомените на францускиот барон Франсоа де Тот од крајот на 18 век. Во овие Спомени тој сосема јасно нашиот народ го именува како „Македонци“: Дваесет и двајца Македонци, секој со пушка на рамо… во една кафеана пееја песни за победите на Александар. (Memories du baron de Tottmsur les Turis et les Tartares, Amsterdam, 1784).
Меѓутоа, бугарскиот историчар Арнаудов, во својата книга „Верковиќ и Веда Словена“ (БАН, Софија, 1968 г., стр. 12), коментирајќи го овој опис на баронот Франсоа де Тот, пишува: Барон де Тот многу правилно бележи дека бугарските работници за време на одмор ги воспевале победите на Александар Велики. (Подвлекувањето е мое, з.м.).
Значи, терминот „Македонци“ овде дрско е заменет со „бугарски работници“.
Навистина пример за безочен фалсификат! За жал, резултат на ваквите децениски фалсификати се и нашите одродени Македонци, кои лесноумно ги прифатија ваквите дела како доказ дека и навистина повеќето наши предци пишувале за бугарскиот карактер на Македонците. Но кога вистината барем делумно ќе излезе на виделина (што веќе почнува да се случува), поразот на големобугарската пропаганда ќе биде уште поубедлив. Да го кажеме и тоа дека во книгата „Француските патописци за Балканот XV-XVIII век“ (Софија,1975), приредена од проф Б. Цветкова, овој пасус од делото на баронот Франсоа де Тот воопшто не е застапен, т.е. истиот тој е избегнат (Ѓорѓе Радуле, „Историја на Македонија“, Софија, 1997, стр. 251). Следува еден смешен пример за бугарските фалсификати поврзани со македонската историја. Бугарскиот историчар Иван Коларов, во предговорот на својата книга „Македонија и бугарското племе“ (Софија, 1932), запишал дека Александар Македонски бил – Бугарин!? Овде тој запишал дека ги проучува (цитат)… „борбите, големината, падот и подемот на бугарското племе од Александар Велики до денес“ (Ѓорѓи Поп-Атанасов: „Библијата за Македонија и Македонците“, Менора, Скопје, 1995, стр. 24). Да посочиме и еден понов пример. Во своето интервју за светскиот македонски неделник „Македонско сонце“ (8.5.1998), познатиот борец за човекови права на Македонците од егејскиот дел на Македонија, архимандритот Никодимос Царкњас, реагирајќи на една антимакедонска изјава на грчкиот политичар Пангалос, помеѓу другото, вели дека по улиците на Солун: „…Господинот Пангалос ќе се увери дека таму луѓето не зборуваат грчки, туку македонски“. Дел од интервјуто на Царкњас е пренесено во бугарскиот весник „БНС Македонија“ (3.6.1998), но таму зборот „македонски“ безобѕирно е фалсификуван со зборот „славјански“(!?). Значи, на бугарските читатели дрско им е подметната фалсификувана изјава од архимандритот Царкњас, со цел тие и натаму да бидат држени во заблуда во однос на македонската историја и реалност.
Дрски фалсификати се прават и со македонскиот фолклор, дури и во најново време. Во текстовите на македонските песни намерно се уфрлуваат бугарски зборови или бугарски детерминирања, а интервенции се прават и во мелодиите. Така, на пример, на фолклорниот собор, под наслов „Пирин пее“, одржан во 1997 година, стихот од една народна песна посветена за Крали Марко, наместо да биде испеан во оригинал: „…Крали Марко од Прилепа града“, е испеан како: „…Крали Марко од Б’лгарија“ (!?). Фалсификат е направен и во познатите стихови од македонската песна „Каљо, Калино девојче“, која не толку одамна во Бугарија била интерпретирана со изменет текст.
Така, наместо стиховите: „…Арнаути баш ракија, а ергени рујно вино“, сега се пеело: „…Арнаути баш ракија, а Б’лгари рујно вино…“ Дрзок фалсификат врз содржината на македонските народни песни е направен и во книгата „Песни от Македониа“ (објавена во Бугарија,1998 година). Македонскиот публицист од Бугарија С. Ратевски, во македонскиот весник „Народна волја“ (јануари 1999), ги демаскира фалсификатите направени во оваа книга. Така, на пример, стиховите од текстот на убавата македонска народна песна „Марије, млада невесто“, овде биле заменети со: „Марије бела Бугарко…“. На крајот од истата песна, зборовите „…нашата вера рисјанска“ биле заменети со зборовите: „нашата вера б’лгарска“. Ратевски со доза оправдан цинизам ги прашува фалсификаторите: каква е таа „вера б’лгарска“? Да не е тоа некоја нова секта?
Да го спомнеме и трагикомичниот пример со фалсификатот на македонската патриотска песна „Една мисла имаме“, која ја исполнува познатиот пејач на народни песни Војо Стојановски. Овој фалсификат е направен во 1999 година, при што сите македонски детерминирања во стиховите на песната се фалсификувани со бугарски. Така, на пример, стиховите од песната што гласат: „Каде и да одиш/ Каде и да шеташ/Не се срами, не се плаши/ Македонец да си…“, сега се пеени: „Каде и да одиш/ Каде и да шеташ/Не се срами, не се плаши/ Б’лгарин да си…“ И понатаму, наместо: „Една мисла имаме/ Еден живот живееме/ Македонија цела да е/ Секој да ја знае…“, сега е пеено: „…Б’лгарија цела да е/ Секој да ја знае“. Наместо оригиналните стихови: „Ние не сме Грци, Бугари ни Срби/ Чеда сме на Александар, гордост македонска…“,сега било пеено: „Ние не сме Грци, Византијци, Срби/ Чеда сме на Аспаруха, гордост најб’лгарска…“ (Значи ние сме „чеда“ на човек што ѝ припаѓал на жолтата раса, каков што бил хан Аспарух). На крајот на песната, зборот Македонија бил заменет со Б’лгарија. Така, овие стихови биле пеени: „Ако некој рече/ Б’лгарија е мала/ Има уште два-три дела/ за да биде цела…“ (Подетално кај Илија Миланов, в. „Народна волја“, Благоевград, февруари 2000, стр. 4.)
На голем број меѓународни фолклорни фестивали или други слични манифестации, бугарските фолклорни ансамбли честопати исполнуваат македонски народни песни и ора, кои ги прикажуваат како бугарски. Со ова се сака да се докаже дека македонските и бугарските песни се едно и исто или дека се многу слични. Тоа значи дека ние и Бугарите имаме иста култура, т.е. претставуваме ист народ. Овдешните малобројни големобугарски пропагатори кога и да слушнат бугарски песни, се обидуваат да покажат дека помеѓу тие песни и нашите нема никаква разлика, па, според тоа, ние сме еден народ со Бугарите. Но сите наводно бугарски песни што личат на македонските всушност и не се бугарски, туку македонски песни. Оттаму е сличноста. Ист е случајот и со други македонски културни сегменти, кои во Бугарија се прикажуваат како бугарски (народни умотворби, носии, архитектура и сл.).
Колку ли вакви интервенции има досега направено бугарската пропагандна машинерија и во објавувањето на мемоарите на илинденските револуционери и на други Македонци, во кои секаде се зборува само за Бугари во Македонија? И колку ли фалсификувани документи, кои наводно се стари и автентични, имаат произлезено од неодамна од бугарските пропагандни лаборатории? Полека, но сигурно, сето ова излегува на виделина. Некои бугарски историчари и публицисти прават подметнувања и фалсификати не само во текстовите туку и во илустрациите. Така, на пример, во книгата (училишно помагало) од М. Атанасов, насловена „Б’лгарски царе“, се претставени илустрации на ликовите на сите бугарски ханови и цареви (почнувајќи од хан Кубрат, па до денешниот претендент за бугарскиот престол Симеон). Но во овие илустрации, илустраторот направил фалсификат. Иако е сосема познато дека турко-монголските бугарски ханови ѝ припаѓале на жолтата раса, во оваа книга, овие ханови се нацртани безмалку со изглед на – Европејци! Ова не се однесува само на вештачки европеизираните црти на нивните лица туку и на облеките. Дури на ханот Кубрат му се нацртани и долга бела брада и коса, иако е познато дека во древниот „Именик на бугарските ханови“ (напишан во 8 век, во времето на неговиот син Аспарух) јасно пишува дека (во согласност со монголската традиција) ханот Кубрат бил со избричена глава, а такви биле и неговите претходници: Атила, Ирник и Гостун. Фалсификатот на илустраторот е со сосема јасна намена – да се избегне вистинскиот тогашен монголски изглед и начин на облекување на Бугарите и на читателите да им се остави потсвесен впечаток дека тие небаре биле Европејци. Фалсификати се правени и преку подметнување фалсификувани историски споменици преку кои се „докажувал“ наводниот „бугарски карактер на Македонија“. Вакви фалсификати се правеле уште во 19 век. Во врска со ова ќе наведеме еден пример. Во 1997 година, во Бугарија, одекна вест дека во Воденско бил пронајден натпис од времето на цар Самоил, кој наводно датира од 989 година. Овој натпис стана познат под името „Воденскиот натпис“. Во него, царот Самоил себеси јасно се декларира како „Бугарин“, а како „Бугари“ ги детерминира и жителите на своето царство. Но лично директорот на Националниот историски музеј во Софија, Божидар Димитров, по стручното прегледување на овој натпис, децидно изјави дека нема никакво сомнение оти станува збор за класичен фалсификат. Како фалсификатори, Димитров ги посочи бугарските националромантичари од 19 век, кои, во својот романтичарски занес, ја фалсификувале оваа плоча и ја закопале за идните времиња. Подоцна истиот тој Димитров (сега покоен) стана голем македономрзец, при што честопати ме напаѓал и мене, но сепак му искажувам благодарност за откривањето на овој бугарски фалсификат. Интересно е тоа што овој „Воденски натпис“ е многу сличен со „Битолската плоча“ (во која, за царот Иван Владислав, пишува дека бил „Бугарин по род“), па сега некои наши истражувачи отворено го поставуваат прашањето за автентичноста и на „Битолската плоча“ и бараат меѓународни експерти да ја утврдат нејзината старост.
На крајот, да ја спомнеме и појавата на криење на документите и на другите предмети што ја докажуваат македонската национална засебност низ историјата. Во 1944 година, во близината на Горна Џумаја (денешен Благоевград, з.м.), бил отстранет споменикот од римскиот период на кој пишувало дека градот Скаптопатра (град што се наоѓал близу денешниот град Сандански) бил „македонски град“. На споменикот пишувало: „Јас, Цезар, им забранувам на моите војници, како и на моите офицери, да влегуваат во Скапопатра и да ги обеспокојуваат жителите на овој македонски град-држава“. Доколку овој споменик и навистина е уништен (како што претпоставуваат некои), тогаш станува збор за чист варваризам на уништување остатоци од древната историја.
Во шеесеттите години на ХХ век, во бугарските библиотеки било можно да се истражува весникот „Македонски глас“ (1885). Но кога големобугарските пропагандисти ја „откриле“ содржината на овој весник, наеднаш исчезнал од бугарските библиотеки и веќе не бил достапен за научните истражувачи од Македонија. По пројавениот интерес на нашите историчари, беследно исчезна од Музејот на Вапцаров во Софија оригиналниот реферат на Никола Јонков Вапцаров, по кој била напишана неговата долга песна „Доклад“. Овој реферат бил однесен во Партискиот архив на БКП и никој досега не може да го види. Причината е во тоа што во него Вапцаров јасно се декларира како национално свесен Македонец. Секако дека има и други вакви многубројни примери, додека за презентирање на сите фалсификати на личните исправи и другите документи на Македонците што беа извршени за време на тоталитарниот режим на Тодор Живков (особено во времето на пописите) не би ни стигнале ниту сто вакви написи.
(Авторот е историчар)