Македонија се соочи со голем број предизвици на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. По потпишувањето на клучниот договор со Грција во 2018 година, се надеваше дека Скопје може непречено да се движи кон интеграција. Сепак, неодамнешниот договор со Бугарија, спонзориран од Франција, сугерира дека Софија сега ќе има непропорционално влијание врз иднината на земјата
По години исчекување, Македонија и Албанија конечно добија зелено светло да ги започнат преговорите за пристап во ЕУ на 19 јули. Ветото на Бугарија, кое дотогаш практично ги блокираше кандидатурите за членство на Тирана и на Скопје, беше засновано на различни тврдења од Софија за јазикот и историјата во однос на Македонија. Рундите билатерални преговори, заедничката комисија за историски и образовни прашања, па дури и обидите на ЕУ за посредување не успеаја да постигнат никаков напредок по ова прашање.
Се чинеше дека пресврт се појави кон крајот на јуни, кога Франција го претстави предлогот за решавање на спорот. Бугарија набргу го прифати овој план „за да го надмине ќор-сокакот“. Според оваа рамка, Македонија ќе го промени својот устав за да го признае бугарското малцинство во земјата, да ги заштити правата на малцинствата и да воведе закони за говор на омраза во кривичниот законик. Дополнително, напредокот на Скопје во ЕУ ќе зависи од добрососедските односи со Софија. Предлогот, кој никогаш официјално не беше претставен во јавноста, ѝ дава предност на Бугарија во која било фаза од процесот на пристапување на Македонија. Тоа е затоа што сега практично има право да стави вето на кој било од следните чекори на Скопје.
Францускиот предлог на крајот беше усвоен од бугарскиот и македонскиот парламент, со што практично беше прекината тригодишната блокада на Софија. Додека радоста низ ЕУ го дочека крајот на ќор-сокакот како пробив за Скопје, одобрувањето на предлогот е далеку од добра вест. За волја на вистината, француската рамка го зацврстува национализмот во неговото јадро и ја прави земјата заложник на каприците и импулсите на Софија. Рамката што ја постави Франција, барем засега, е ќор-сокак за Македонија.
Потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година меѓу Грција и Македонија, со кој се бараше Скопје да го смени официјалното име во замена за Атина да ја прифати нејзината кандидатура за НАТО, беше тешко прифатливо за многумина. Беше поведена голема кампања за да се убеди македонската јавност дека, сепак, болните отстапки ќе имаат опиплива корист на краток и долг рок. Владата истакна дека затоа вреди да се поддржи. Само неколку месеци по надминувањето на грчкото вето – и покрај домашните критики и сомнителните одлуки – преговорите за пристап во ЕУ изгледаа поблиску од кога било.
„Преспанската пилула“ беше тешка за голтање, но, како што беше пренесено во јавноста, неопходна.
Во гореспоменатиот француски предлог не постои ништо од оваа надеж. Иако договорот постигнат со Атина ќе донесе опипливи промени – имено, непречен напредок кон НАТО и ЕУ – во моментов нема гаранција дека Софија нема повторно да го употреби своето вето во одреден момент. Ова, и со добра причина, отвора различни прашања. На пример, дали Преспанскиот договор беше дури и разумна одлука, со оглед на тоа што ќе го подготви Софија само неколку месеци подоцна? Во исто време, дали тогашната влада, а и земјата, би го поминала болниот и поткопувачки процес на наведнување наназад за да се смири една неразумна земја-членка на ЕУ?
Македонија остана со отруено јаболко. За жал, Владата реши да го гризне токму тоа. Оттука почнуваат да се појавуваат две паралелни прашања – и двете еднакво мрачни за Скопје.
Првото се однесува на посветеноста на земјата за, уште еднаш, измена на нејзиниот устав. Иако овој пат мора да признае бугарско малцинство во нејзините граници. За оваа промена би било потребно двотретинско парламентарно мнозинство. Од денешен аспект, сепак, ова е едноставно недостапно. Нештата да бидат уште полоши, по одобрувањето од Бугарија на францускиот предлог – во суштина сугерирајќи дека Софија повеќе не е пречката ниту виновникот – топката сега е целосно на теренот на Скопје. Рацете на Владата се ефективно врзани. Нема да може да го најде потребното мнозинство во Собранието или да го оправда недостигот од напредок на пристапниот пат. Зад фасадата, Бугарија сè уште е решена да остане главниот мешач во процесот.
Второто прашање се однесува на болниот континуитет на власта, која ефективно изврши политичко самоубиство. Во обид да ги имитира триковите што помогнаа да се залепи договорот со Грција од 2018 година, извршната власт на Ковачевски ѝ направи голема и необјасниво лоша услуга на Македонија. Очекувањата и перспективите што го направија компромисот од Преспа пријатен за јавноста овој пат не можат да се оправдаат, дури ни меѓу оние што изразија силна поддршка за договорот со Атина. Преспа понуди светлина на крајот од тунелот и јасни изгледи за напредок. Францускиот предлог, едноставно, не нуди ништо од ова.
Како таква, Владата предводена од СДСМ ја изгуби не само битката за наративот туку и голем дел од легитимитетот што некогаш го поседуваше како „единствена вистинска“ голема проевропска сила на земјата. Како што стојат работите, владата на Ковачевски е ослабена и потрошена од внатрешни борби, не можејќи да ја оправда својата поддршка за францускиот предлог против волјата на огромното мнозинство граѓани.
Понудата за проширување на ЕУ испратена до Скопје е упропастена и ќе бидат потребни години за да се поправи, ако воопшто се случи тоа. Преку својот предлог, Франција ефективно дозволи национализмот и домашниот фанатизам да станат дел од рамката за пристапување на Македонија во ЕУ. Ова само ќе обезбеди платформа за воинствен антидискурс и легитимирање на секое бугарско барање. Во избрзаниот обид да му се стави крај на ќор-сокакот, Париз ја избра страната на насилникот, која одлучи да ја смири во потрагата по брза политичка победа. Се разбира, ова е направено на сметка на жртвата, при што изгледите за пристап на Македонија сега се уште понејасни.
Алехандро Естесо Перез