Записи во несоница
Првин за Бугарите, драг читателу, и неколку мои дијагностички за нивниот македонски синдром случки.
Случка 1. Некаде пред дваесетина и кусур години во Париз го запознав г. Мишел де Молн, директор на Театарот за поезија во Париз, кој и ми посвети една поетска вечер во него за време на парискиот поетски фестивал „Пролет на поетите“. Секретарка на театарот беше една убава Словакинка во која Мишел беше вљубен, па за да ја придобие нејзината наклонетост реши да основа поетски фестивал во Словачка под наслов „Cap à l᾿est“ (Котва на исток). За таа цел тој формира иницијативен одбор од поети на Југоисточна Европа. Во него од Македонија бевме јас и Радован Павловски. Завршниот состанок го одржавме во Виена. Од Бугарија во одборот беше поетот Кирил Кадијски, франкофон како и јас, што беше и мотив плус за наше зближување. Јас така мислев, но потоа ми стана јасно дека Кирил мислел и малку поинаку. Имено, сакал да провери дали јас се чувствувам како Бугарин, па така, за време на прошетките на паузата од состаноците откако јас ќе започнев со француската литература тој бргу-бргу, нестрплив, поминуваше на неговата тема. In medias res: „Ефтиме, кажи че си Б᾿лгарин“. Но јас не кажувам, молчам и тивко чекорам, а тој пак „Ефтиме кажи че си Б᾿лгарин“. Јас пак се смешкам и чекорам, а тој потсетува. Разговорот завршува, одиме на ручек. Попладнето пак се повторува истото. Јас сега од енигматичната бугарско-македонска шаховска игра ја отворам партијата со кралски гамбит. Велам: „Кирил, не се мачи, ќе ти одговорам во твоја полза дека се сложувам со тебе, ама знам дека нема да ми веруваш“. И Кирил скиснува како попарен, но не многу бидејќи тоа не беше сарказам, туку блага лирска иронија.
Слика 2. Истото време македонскиот ПЕН, чиј секретар бев, и бугарскиот ПЕН се договорија да издадат поетски аналогии, на македонските поети во Бугарија, и обратно на бугарските во Македонија. Ние први одлично ја завршивме работата со едно прекрасно издание. Јас лично преведов околу два-тринаесет бугарски поети, иако како награда за тоа сега Бугарите на нивната Википедија ме портретирале и ме маркирале на крајот како бугарофоб. Сеедно. Сега на ред беше бугарскиот ПЕН-центар. За таа цел нашите источни браќа, кои сега испаднаа од лозата на Каин, нè поканија во Софија да се договориме и да го потпишеме договорот, арно ама работата запна околу тоа како да се дефинира преводот на бугарски: превод од македонски на бугарски, или превод од оригиналот како што упорно инсистираа тие. Бугарската лукавост за да се потврди нивната хипотеза дека сме ист народ во две држави и дека македонскиот јазик е едноставно дијалект на бугарскиот. Абракадабра. Позната приказна. Се разбира, пак, тоа не им помина и договорот остана непотпишан. Како компензација, пак, за тоа ние неколкумина македонски поети бевме на гости кај Љубомир Левчев, струшки венценосец, и неговата сопруга сликарка Дора. Малку виски, малку вино, се олабавивме во некој вид искреност, боемија и космополитско расположение. Мене посебно ми легна разговорот со бугарскиот писател и преведувач на унгарската литература на бугарски Нино Николов. И тој во такво расположение беше докрај, дури исповедно искрен. Рече: „Е бе, Ефтиме, во ред е, треба убаво да се разбереме, ама знаеш тогаш ние ќе треба да се откажеме од најубавото што ни доаѓа од Македонија, големите славни хора (луѓе) Кирил и Методиј, Климент, Наум и редица други“. Го разбрав и му реков, ако беше тоа утешително, дека не е штета, бидејќи тие своето духовно богатство им го поклонија не само на Македонците и Бугарите туку и на сите Словени, па и пошироко.
Случка 3. Сепак, најпосле, по некое време не дека се засрамиле, туку најверојатно од страв да не се компромитираат со постапката пред европскиот и светскиот ПЕН, источните браќа решија, иако со мака, сепак да ја издадат македонската поетска антологија со назнаката дека песните се преведени од македонски, а не од оригиналот. Да. Добро, ама сега имаше друг проблем. Се покажа дека бугарските преведувачи имаат проблем со македонскиот јазик. Не го разбираат, што не беше случај кај нас со бугарскиот што е, како што е историски познато, варијанта на македонскиот. За таа цел, драг читателу, јас морав да отпатувам за Софија и да работам со моите бугарски колеги на превод на македонската поезија на бугарски. Приближно две недели. Таму од еден бугарски поет бев благо укорен дека не знам подетално за Аспарух Кан и за генезата на Бугарите. Признав дека не сум упатен. Нејсе, главно е што се заврши работата, а јас пак поентирав со електрошок кај бугарските колеги: „Е, нели викате дека сме ист народ и јазик, а јас сум тука две недели за да ви помагам да ги преведете македонските поети.“ Молк. Нема одговор. А ни засраменост.
Главно е дека излезе антологијата. Но работите со источните каиновски браќа и денес не се промениле. Напротив, со оној глупав договор на муртинскиот стратег тие ескалираа до небо. Бугарите не ја креваат рампата за наше придвижување кон Вавилонската борделска дама во Брисел без целосно, заедно со Макрон, да нè бугаризираат и да му се реваншираат на Тито затоа што нè македонизирал. Ете. И таа дива бугарска енергија за наша бугаризација е со магнетна сила на црна дупка, на сингуларитет што демонстрира моќ да ја голтне целокупната цивилизација од антиката до денес. Така, а јас сѐ си мислам како да се дефинира македонскиот синдром кај Бугарите. Тука веројатно најдобар одговор ќе даде психоанализата на Фројд, на неговиот механизам на потсвеста (или несвесното) и нејзината фасцинација од другиот, а со скриена желба да се вглоби во неговиот идентитет. Тоа е секако патологија, кај бугарските политичари посебно на клиничко ниво и неизлечива болест. Едноставно се добива впечаток дека тие не сакаат да бидат Бугари, туку Македонци, па и без да сакаат ни доделуваат комплимент.
Тоа. А сега за Егејците, драг читателу, за кои ни остана малку простор. Таа тема е, како што веќе знаеш, поврзана со нашата заменик-министерка Викторија, што значи победа, ама која е пораз. Имено таа, која ѝ припаѓа (ако не се лажам) на партијата што му нанесе геноциден удар на македонскиот народ, сè уште не знае кои се Македонци, а кои не се, па така, Македонците од Егејска Македонија ги дефинира како „посебен народ Егејци“. Тие наравно, според неа, требало исто така да се внесат во Уставот заедно со Бугарите. А всушност, како што се правдаше потоа, мислела на Евреите. Демек направила лапсус. А ние, пак, драг читателу, можеме да се запрашаме дали самата таа е лапсус како министерка. Штета што не е жив славниот комедиограф Бранислав Нушиќ. Ќе напишеше уште една комедија „Госпоѓа министерка“. Оваа ќе беше и многу поубава од претходната, бидејќи и материјалот е поатрактивен и побогат.
Толку за таа министерка, драг читателу. Нека си ја во фотелјата. Не ѝ бараме оставка, оти тоа е мислена именка во нашата во светот најбедна политика и политичари. Ставаме точка. Колумната како да изгледа малку незавршена, иако ти ми велиш: „Па што, незавршен е и Пушкиновиот ’Евгениј Онегин‘, па е добар“. Сè најубаво до следната наша средба.