На Гане Тодоровски и Димитар Солев
Попусто пишуваме. Можеш да напишеш песна – крик против состојбите во општеството како Енценсбергер или Гинзберг, можеш да напишеш најумен есеј за изместените вредности, можеш да напишеш уметничка парабола – алегорија на стварноста, можеш да напишеш рубрика „Јазично катче“ како од најдобрите времиња на Благоја Корубин – попусто ти е. Политичарите не читаат весници. Се читаат само себеси, кој што и кој против кого напишал на својот „статус“ на Фејсбук. Обземени се од себе, живеат со стеснето видно поле, во партиска тунел-визија, со крв пред очите како тореадори, отцепени и од народот и од онаа малобројна интелигенција. Единствена цел е да се дојде и да се остане на власт. Тие што пишуваат критики и забелешки, нека си лаат колку сакаат.
Неколкупати сум пишувал за недопустливата леснотија на „англиканизација“ на нашиот политички јазик, и ништо не се променило. И натаму се користи буквалниот превод „испорачува резултати“, она мистериозно-заканувачко „бенчмаркови“ (има уште илјада други примери), а од неодамна, во игра се зборовите „ветинг“ (што е најобична – проверка), но и „класифицирани информации“. Тоа по нашки се вели „доверливи информации“, зашто кај нас глаголот „класификува“ (поточно „класира“) повеќе се сврзува со научна класификација (таксономија), или со вредносен суд (се класира тутун според квалитетот) одошто со тајност и доверливост. Но бидејќи сè преземаме од запад без никакво приспособување, така и нашиот народ почна да го употребува поимот „класифицирани информации“, а тој двочлен поим си стои и на официјалниот сајт на Владата, поточно на „Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации“. Сум се обидувал да одговорам и на прашањето зошто, и покрај толку реакции на стручната јавност, сепак homo politicus повеќе милува странски збор наместо наш, и најчесто сум го сведувал тоа на интелектуален снобизам – човек што е интелектуален сноб не сака да биде разбран, туку напротив, да покаже колку е учен, а снобовите сметаат дека се поучени ако се понеразбирливи.
Тоа е обичен интелектуален кич (акумулација на непотребен накит) и во таа смисла, таквите политички говорители не се разликуваат многу од естрадните ѕвезди како Јелена Карлеуша. Но покрај снобизмот, ваквото јазично поведение има и друга функција: ДА ЗАСТРАШУВА. Психолошки закон е дека непознатите нешта (зборови) повеќе нè плашат од познатите, па веројатно ќе има повеќе нагони за голема нужда кога на службениците ќе им речете „ќе ви направиме ветинг“ одошто „ќе ви направиме проверка“, или кога ќе кажете „сте откриле класифицирана информација“ одошто „сте откриле доверлива информација“.
Е па, кога веќе дојдов до „класифицираните информации“, да кажам збор-два за темата на денешната колумна: БЕЗБЕДНОСЕН СЕРТИФИКАТ. Запад продолжува да си поигрува со нашата севкупна интелектуална потенција, на сите нивоа, уфрлајќи ни сè нови и нови „гаџети“ (ајде и јас малку да се европеизирам и американизирам). Гаџет (на англиски gadget) има две значења: првото е – домашна направа што најчесто е досетка на домашните, а која „врши работа“ за нешто, а второто (она што според Абрахам Мол го прави основна форма на кичот) е – непотребна дребулија ставена врз нешто, играчка за возрасни, непотребен украс: на пример, компас вграден во табакера (што ќе му е на пушач информација за страните на светот?). Е па, „бенчмарк“ беше гаџет, играчка за возрасни. Тоа беше она шише „кока-кола“ што режисерот на култниот филм „И боговите паднаа на теме“ им го фрли на примитивните домородци, па тие на непотребен гаџет му најдоа функција – го претворија во дувачки инструмент, па во него дуваа, произведувајќи различни звуци. Така и ние, како дивјаци од некое архаично племе постапуваме со новите зборови, без да знаеме што значат и зошто ни се уфрлени. Бенчмарковите (или – стандардите) ни беа уфрлени за да не можеме да ги исполниме, а ние се трудевме! А „безбедносните сертификати“ ни се уфрлени за да не може секој да дојде до информација што е „класифицирана“ како строго доверлива. Така, се доаѓа до можноста НАТО, ЕУ, кој и да е што ги смислил сертификатите – тотално да владее не само со цел народ (во смисла на достап на информации) туку и со политичарите. Целата онаа врева што се крена околу изградбата на коридорите 8 и 10 преку конзорциумот „Бехтел и Енка“ се крена токму околу ОГРАНИЧЕНИОТ пристап до информации за договорот со овој конзорциум. Договорот, кој наводно бил „тајна“ (од кога договорите од јавен интерес се државна тајна?!), ќе можеле да го видат само пратениците што имаат БЕЗБЕДНОСЕН СЕРТИФИКАТ: значи, оние што имаат гаџет, справичка со која некој си игра.
Може утре да им текне и временската прогноза да ја прогласат за класифицирана информација, па никој да не смее да знае какво ќе биде времето. Или, да смислат професор да не смее да предава на универзитет ако нема безбедносен сертификат, зашто за државна тајна може да се прогласат оние студенти што преку партиска врска се пратени, со само две-три појавувања на предавања, да земат диплома. Настрана што тој фамозен „безбедносен сертификат“ се стекнува со обична ОБУКА, а не со УЧЕЊЕ. Обуката резултира со ВЕШТИНА, а учењето со ЗНАЕЊЕ. И за тоа сум пишувал, но попусто е: денес „вештините“ (кои се често сврзани со снаодливост) им го презедоа местото на знаењата и науките.
И сега, конечно доаѓам до МИЦА. МИЦА е кратенка за маалско разузнавање: маалска информативна централна агенција. Со таа кратенка, кога бевме студенти, именувавме една постара жена од маалото, која без безбедносен сертификат си го пикаше носот секаде и многу нè нервираше. Без безбедносен сертификат ги имаше и ги споделуваше со соседството сите „класифицирани“ информации. Ако правевме журка кога родителите не беа дома, таа рано наутро, кога ќе заспиеја и последните стражи, ги отвораше кантите за ѓубре и според шишињата точно знаеше кој колку и од што испил, зашто од претходни проверки на семејните канти за ѓубре, знаеше кој од соседите – што пие. Ако во ѓубрето најдеше искористени кондоми, точно (или бар приближно точно) знаеше кој кондом каде можел да влезе (според претходното однесување на паровите на журката, кои излегуваа во дворот за повеќе интимност, а не знаеја дека од зад оградата ги демне МИЦА), а според содржината на кондомот знаеше и колку пати се повторил чинот.
А кога ќе излезев со целосно „нетранспарентно“ платнено ќесе по уште пиво, таа, божем си седи на триножното столче на улицата целосно ларпурлартистички (без цел), според ѕвечкањето на празните шишиња во торбата ќе ми речеше: „Па кај купуваш девет, купи десет, едно и за тетка ти Мица“. И навистина: имав земено точно девет шишиња! Какво ГОЛЕМО УВО беше МИЦА!
Истата ноќ кога прочитав дека само пратениците со безбедносен сертификат ќе знаат нешто што сиот народ треба да го знае, ете ти ја неа на сон. Плаче, не сопира. „Те молам“, ми вели, „дај притисни таму да добијам безбедносен сертификат, вака сум неупотреблива, не ми даваат пристап до ниеден извор на ѓубре, то ест информација. Па зар јас сега, иако покојна, не сум членка на НАТО и зар не треба јас прва да имам таков сертификат?“ А јас во сонот почнувам да се смеам и ѝ велам: „Не плачи МИЦО, каков безбедносен сертификат, ти си бре и НАТО и ЦИА и КГБ за наше Влае и без безбедносен сертификат. И да беа умни оние од НАТО, одамна ќе те земеа кај нив, топ немаше да ги бие“. И се смири жената. За НАТО дали се смири со сертификатите – не знам. Не ја прашав МИЦА.