Ја фатија во прељуба, па ја изведоа да ја каменуваат, оти така налага законот, а тие многу сакаа на други да го применуваат. Ама се појави Тој чудниот, па им рече прв да фрли камен оној што никогаш не згрешил. Ги збуни. Во нивните срца се јави истата мисла, „ама зошто јас прв да фрлам, зошто да се истакнувам, некој друг нека фрли, па јас ќе се придружам“. И бидејќи сите исто мислеа, никој не фрли камен и мрморејќи се разотидоа. Дома веднаш се вмрежија и на мрежите негодуваа дека „Тој провокаторот ја спаси онаа роспијана, а ха, истиот што цело време нешто провоцира“. Во меѓувреме медиумите ги извадија сите детали за прељубата, од пози до воздишки, па јавноста уште повеќе ја намрази жената. Не може да се опише колкава беше нивната радост кога дознаа дека властите го уапсиле чудакот што им ја провоцира стварноста, па сите отрчаа да му Го видат крајот, Му се ругаа на маките и кога Го кренаа на крстот, слушнаа како некому му вели: „Оче, прости им, не знаат што прават!“ Ќе останеа уште да Го исмеваат, да не се случеше земјотрес, ама два дена подоцна, групно ја силуваа прељубницата, па ја запалија на клада и, додека гореше, ја каменуваа. И мислеа дека знаат што прават.
Секоја реченица изговорена од Господ Исус Христос има безвремена љубов, сила и тежина, но „Прости им, не знаат што прават“ веројатно најдобро нè дефинира во суштина. Зашто најчесто и не знаеме што правиме, сеедно што сме убедени токму во спротивното. А кога човек не знае што да прави со себе, зема клинци и чекан, па распнува. Така тоа вообичаено бидува. Кога човек не се спознал себеси во својата суштина, а убеден е дека знае сè за она со кое се соочува, вообразувајќи си дека е безгрешен поради огромното количество оправдувања што ги има за сопствените мисли и постапки, тогаш рацете на умот кој пребива во срцето, оставени без полезна работа, земаат чекан и клинци, па распнуваат.
А ха, значи сега ќе проповедаш…
Не. И јас распнувам. Ние сме тука и сега, малку време ни е дадено, многу простор сакаме да зафатиме, наспроти нас секогаш е Распнатиот, со сета своја љубов која нè дразни, иритира и вознемирува и, не можејќи да се носиме со таа љубовна енергија, не знаејќи што да правиме со фактот дека токму во неа се огледува нашата суштина, ама разголена од сите лаги и манипулации зад кои мислиме дека сме се скриле, се грабаме за клинците и чеканот и, ругајќи се, распнуваме.
А ние што не сме религиозни? А ние што сме атеисти? А ние што веруваме во енергија? А ние што веруваме во повистинска вистина од Неговата? А ние што веруваме само во фактите на науката?
Вие нè распнувате нас кои лажеме дека веруваме во Него распнувајќи ја секојдневно Неговата наука со нашите формалности или ги распнувате оние што ќе се обидат да ве распнат вас и догмата на вашата „библија“ што сте ја избрале за да верувате во неа. Битно, еднакво сме креативни во нашата деструкција, па не само што сакаме да ја чепкаме раската во окото на другиот туку гледаме да му ги извадиме очите, а потоа со гредата од нашето око да му ја скршиме главата и ако тоа не ја задоволи нашата „возвишена праведност“ во однос на неговата „ништожност“, тука се чеканот и клинците во незапослените раце на умот кој пребива во срцето и… и распнуваме.
О да, ја распнуваме суштината за сметка на сите формалности што ги доживуваме за наша слобода да му го правиме на другиот тоа што нас не сакаме да ни го прават, ја распнуваме вистината, оти ни ја вознемирува удобноста на глупоста дека секој има своја вистина, ја распнуваме љубовта кога ќе ја почувствуваме како пречка за вообразениот аздис на нашата себична ароганција со која ја храниме саможивоста, ја распнуваме правдата кога ќе ни ја изобличи илузијата за нашата развревена безгрешност во која сме ја дотерале суетата, ги распнуваме сомилоста, трпеливоста и скромноста кои совеста ни ги поставува како сообраќајни знаци за душата, на животниот пат кон нашата замислена материјална, телесна цел до која сме спремни да стигнеме газејќи преку живи души не бирајќи ги средствата, ја распнуваме и совеста ако таа се обиде да ни ги разобличи намерите, постапките и делата на свеста и потсвеста.
Значи печени сме за во пекол…
Не, таму ќе бидеме печени. Или уште подобро, веќе се печеме, ама мислиме дека смрдеата доаѓа од соседната трпеза, станот под нас, куќата спроти нашата, другата улица, туѓата населба, оние отаде границата, тие што ја имаат власта и невидливите што со нив владеат, системот од кој ние се апстрахираме, ама конкретно го обвинуваме и затоа многу е полесно да распнуваме, отколку барем за миг да застанеме и сами искрено да се распнеме, иако тоа ужасно боли, но со таа стравична душевна болка доаѓа и воскреснување.
А ти демек воскресна, па сега нам ни држиш лекции…
О, не, никако, јас исто така страшно се плашам од таквото себераспнување, ама на моменти ми доаѓаат зборови над кои немам вистинска контрола и ги фрлам за да не ми изгорат, иако вообразената суета ми вели дека во ветер се фрлени. Но, помеѓу ваквите зборови што излегуваат од мене и делата што ги оставам зад себе има провалија која чека да ме проголта, бидејќи такво нешто и заслужувам, оти „не ќе најдете дела што би ме оправдале“.
И јас утринава се разбудив со колумна изделкана како крст, во рацете на умот цврсто ги држев клинците и чеканот и, секако, планирав да ги распнам: Трамп, неговата империја и безумната хегемонија што масакрира и секој ден ја уништува цивилизацијата, Израилот кој ништо не научи од холокаустот, туку, напротив, го надгради како своја сопствена наци-агенда, ама и ајатолахот, Хамас, ИСИС и Хезболах, сите оние султании, калифати и џамахирии што не ја сметаат жената за човечко битие, да ги распнам Путин што ја парчосува Украина и Зеленски, пенис-мајсторот за пијано во геополитичката соната на САД, ЕУ и НАТО кои направија сè Москва да го нападне Киев, да ги распнам истите тие САД, ЕУ и НАТО кои ни го распнаа идентитетот и не престануваат да удираат клинци во суштината на Македонија, ама и оние тука што го одработија тоа, како и овие сега што се плашат да го променат тоа и којзнае уште колку ќе имав за распнување, јас кој сум си вообразил дека сум праведник, демек непогрешлив, а лицемер, кога одеднаш… одеднаш зборовите тргнаа во сосема поинаков правец, запловија по брановите на солзите и, еве, тука завршуваме, јас со пишување, а вие со читање.































