Се сеќавам: со ококорени детски очи гледам во сликите на сликовницата, додека некој од возрасните ми чита. Повозбудлива сликовница во детството потоа не сум прочитал. Насловот ѝ е „Баронот Минхаузен“. Во неа еден барон, кој живее во својот замок безгрижно, ги раскажува своите белосветски авантури. Се разбира, лаже: не излегол ни од својата соба. Ама лаже со таква фантазија, што му верувате. Ве опива со лаги. И додека се свртите, времето поминало. Особина на лагата (ако е добра нарацијата со која се служи) е да го сопре времето; може животот да ви помине додека слушате некој како лаже. Кај историските лаги, може да им помине животот и на цели генерации.
Вистината често се заборава, но лагата цел живот се помни, се врежува во свеста, во потсвеста, а генетичарите нека испитаат дали можеби се врежува и во геномот. Еве што мене ми е врежано, питорескно, до детали од таа сликовница: баронот Минхаузен се наоѓа на бојно поле. Неговите губат затоа што немаат извидница и информација за распоредот на противничките сили. Баронот, како најхрабар и најумен, доаѓа на генијална идеја: им наредува на своите војници да испалат ѓуле од топот и го јавнува ѓулето во моментот кога тоа излегува од цевката. Високо горе, ја става раката над веѓите и го запомнува распоредот на непријателските формации. Пред ѓулето да ја почне залезната патека, здогледува противничко ѓуле што лета кон него; во лет го јавнува и се приземјува кај своите. Им кажува што видел и потоа неговите победуваат, затоа што знаат каде непријателот е „најтенок“.
Брилијантно, вели детето во мене. „Која будала во тоа може да верува?“, вели старецот во мене. А јас сегашен, одговарам: децата и Македонците веруваат.
Каква разлика има меѓу оваа лага и онаа што веќе три децении, од осамостојувањето, ни ја продава Европа, дека „ќе нè прими, ама АКО“…? Условувањето на втората лага ѝ дава призвук на уцена; затоа, таа лага не е еднаква со онаа на разбушавениот барон што јава ѓуле, зашто баронот не бара ништо од нас, освен да му се воодушевуваме. Бароницата Минхаузен и бара од нас, и добива од нас, а не дава, што значи СТЕКНУВА. Некаква невидлива корист.
Сите лажеме, тоа е неспорно. Дури, песимистички настроените шопенхауеровци би можеле да го дефинираат човековото суштество наједноставно: тоа е она суштество што лаже. Мене не ми е познат случај животно да лаже. Постојат мимикрии и итроштини (цели воодушевувачки стратегии) со кои животните се служат за да дојдат до плен, ама тие се однесуваат на гола егзистенција: животните не лажат капиталистички, за да трупаат резерви, туку го земаат само она најнеопходното, за да преживеат. Лавот нема магацин ладилник со уловени срни што би им ги продавал на другите животни. Но и да е човекот суштество што непоправливо лаже, останува впечатокот дека сепак постојат „бели“ и „црни“ лаги: со првите оној што лаже не стекнува корист, со вторите стекнува.
Па, каков есап би имала бароницата Минхаузен од тоа што ги лаже Македонците веќе три децении дека „ќе ги прими“ во својот круг? Едно е јасно: сигурно не нè лаже за да ѝ се воодушевуваме на фантазијата, како баронот Минхаузен. Таа е веќе славна и ние секојдневно ѝ се поклонуваме како на златно теле (поточно крава). Втората претпоставка е дека нè лаже зашто има некаква материјална полза од нас. И тоа е слабо веројатно: каква материјална полза може да има бароница од сиромашна слугинка што едвај вади корка леб? Претпоставка трета: бароницата лаже затоа што слугинката има нешто што бароницата нема, па оваа сака да ѝ го одземе? Ова веќе има смисла, ама само на ниво на метафора: да речеме, слугинката е скромна и чесна, а бароницата лакома и нечесна. Но сите знаеме дека особините не се пренесуваат од човек на човек како накитот: можеш да украдеш нечиј ѓердан за да го носиш, ама не можеш да украдеш нечија чесност и да ја носиш како своја.
Да не би бароницата да ветила нешто, па не може да го исполни? Често и обичен човек се наоѓа во таква ситуација: од што сака некому да му помогне, ветува нешто што не може, па потоа му се враќа бумерангот: излегува дека лаже? Не, не е веројатно ни тоа. Ако навистина САКАЛА, тогаш и ќе го сторела тоа, макар другите бароници ја кореле што се дружи со слугинка. Аргументот САКА А НЕ МОЖЕ не држи: каква е тогаш таа бароница што НЕ МОЖЕ? Бароницата и е бароница токму затоа што сè што е човечко ѝ е можно.
Да не би бароницата да НЕ САКА да го исполни она што го ветила, а го ветила за пред другите да ја покаже својата лажна хуманост, оти таа, ете и сиромашни вдомува и се залага за FRATERNITÉ и ÉGALITÉ? Е ова е веќе – субверзивно опасно, ако е точно. Отвора пукнатина во моралното битие на Бароницата. Ако е така, таа ветува и потоа не исполнува, за да креира лажна икона за себе, а всушност ПОВРЕДУВА цели народи. Свесна дека еднаш ќе мора да го исполни ветеното, за да ѝ поверуваат во лажната хуманост, таа поставува услови што се морално расипани, зашто знае дека слугинката тие услови не може да ги исполни: Пепелашка не може да отиде на бал кај принцот, зашто нема балски фустан. Тоа е исто како јас да му кажам на мојот петгодишен син: „Ќе ти купам плејстејшн ако до утре ми напишеш есеј на темата „Симболичките форми кај Ернст Касирер во споредба со оние кај Чарлс Саундерс Пирс“. Се разбира, јас знам дека петгодишно дете не може да го стори тоа и токму затоа и го поставувам условот: да ми бидат совеста и образот чисти, а и за да си го зачувам паричникот од не баш неопходен трошок. Прашањето е: зошто другите пред кои Бароницата сака да излезе со чист образ не се побунат и не речат: „Па ве молам, тоа се глупости, кое петгодишно дете ги читало Касирер и Пирс?!“ Но тие молчат. Се прават дека веруваат во тоа дека баронот Минхаузен јавал ѓуле.
Претпоставка последна: бароницата сака, од некои причини, да нè уништи. Можеби не сака сведоци за нејзината слабост, зашто уште нашите предци ја прочитале како блудница вавилонска? Не сум убеден. Има знаци дека сака да нè уништи (од небрежност или од намера), ама не знам што би добила со тоа? Нејзината лага сепак не може ЦЕЛОСНО да се идентификува со онаа на нацистите, кога ги лажеле Евреите дека ги водат на туширање, а од тушевите наместо вода им пуштале смртоносен гас. Јас попрво би рекол дека ние самите се водиме на туширање (ретуширање); можеби само гасот е увозен.
И конечно: структурата на лагата е игра со пробабилитетот – неверојатното треба да се прогласи за веројатно, а убедливоста (епидеиктиката) на лажгото е пресудна за тоа. Лажгото, се разбира, сноси морална одговорност за лагата. Но морална одговорност има и кај излажаниот, не само кај оној што лаже. Веројатноста (пробабилитетот) е категорија што зависи од возраста, искуството и од знаењето на излажаниот. Ако на возрасен човек му кажете дека жена на метла му лета зад грбот и тој се сврти, јасно е дека нема ни знаење ни искуство и носи морална одговорност за тоа што е излажан. Ако тоа им го сторите на деца во градинка и тие се залепат со носињата на прозорците, сигурно нема морално да ги осудите: тие се морално чисти, немаат искуство и знаење, и затоа веруваат. И едно е кога Том Стопард на почетокот од својата драма, во која Розенкранц и Гилденстерн сто пати фрлаат паричка и таа сто пати паѓа на истата страна – ве лаже (од естетски побуди, за да почнете да се смеете), а друго е кога некој политичар излезен од под фустанот на Бароницата ве убедува дека паричката постојано паѓа на иста страна (а го прави тоа од некаков интерес).
Ако верувате во тоа – вие сте или деца, или Македонци. Првите не се, вторите се виновни.