Илустрација / Фото: Пекселс

Тајните документи на Пентагон што „протекоа“ на социјалните мрежи покажуваат песимистичко американско гледање на воената ситуација во Украина, укажуваат на проблемите на Украина со оружјето и противвоздушната одбрана и предвидуваат дека ќе има застој во војната во наредните месеци, наведува Си-ен-ен.

Документите, што се чини дека датираат од февруари и март, ги наведуваат воените недостатоци на Украина додека Киев се подготвува за пролетна контраофанзива.

Неколку доверливи документи предупредуваат дека украинската противвоздушна одбрана со среден дострел за заштита на војниците од фронтот ќе биде „целосно исцрпена до 23 мај“, што сугерира дека Русија наскоро би можела да има воздушна супериорност и дека Украина може да ја изгуби способноста да собере копнени сили за контранапад.

Документите, исто така, ги истакнуваат проблемите со руската воена офанзива, предвидувајќи дека резултатот ќе биде ќор-сокак меѓу двете страни во догледна иднина.

„Руската жестока кампања на исцрпување на регионот Донбас најверојатно ќе влезе во ќорсокак, попречувајќи ја целта на Москва годинава да го заземе целиот регион“, се наведува во еден од доверливите документи.

Официјални лица запознаени со ситуацијата за Си-ен-ен изјавиле дека се чини дека документите се дел од дневниот разузнавачки брифинг подготвен за високи лидери на Пентагон, вклучително и началникот на Здружениот Генералштаб, генерал Марк Мили.

Лондонски „Гардиан“ пишува дека документите откриваат дека американското разузнавање, наводно, во февруари предупредило дека Украина можеби нема да може да собере доволно војници и оружје за планираната пролетна контраофанзива и дека е можно „да не ги исполни“ целите на Киев за враќање на територијата заземена од Русија.

Во документот, означен како „строго доверливо“, цитиран од „Вашингтон пост“, се додава дека Киев се соочува со значителни „недостатоци во создавањето сили и одржување“ и затоа најверојатно ќе оствари само „скромни територијални придобивки“.

Документот е снимка од ситуацијата од почетокот на февруари, а нејасно е колку Украина, со поддршка на земјите-членки на НАТО, оттогаш успеа да ги надомести недостатоците.

Друг документ, од 23 февруари, виден од Гардијан, го опишува напредокот во изградбата на 12 „борбено веродостојни“ нови контраофанзивни бригади, опремени со 253 тенкови и околу 1.500 други оклопни возила од различен тип. Три бригади требаше да формираат самите Украинци, додека останатите девет требаше да се формираат со помош на САД, сојузниците и партнерите. Планираните бригади беа далеку од подготвени во моментот на изготвување на документите, а пет допрва требаше да започнат со обука. Шест од бригадите имале половина или помалку од потребната опрема.