Од библиските времиња до Заев, од Заев до Ковачевски, од Ковачевски до Пендаровски, македонската историја нема да биде веќе иста. Историјата не ги бараше, народот не ги сакаше, а тие се прогласија за нови политички месии што ќе ја избават Македонија од „режимот“ на Груевски. Дури и нивните морални и криминални пориви беа асимилирани со нивниот лажен месијански идентитет. Годините на нивното владеење се години на лажно и неуспешно политичко лидерство или, уште поважно, недостиг од него и покана да се размислува за социјалните последици од неуспесите на ваквото лидерство. Мислам дека за многумина од нас тоа беа години што се чувствуваа како времето да забавува додека станувавме сведоци на колективна национална несреќа – седум години што се чувствуваат како децении на национално уништување. Ова се години што создадоа лавина од неуспеси на надворешнополитички план, во економијата и демократскиот развој на државата. Години кога ја изгубивме националната гордост и бевме понижени и обезличени како народ и држава. За наша жал, се чини дека нема крај на оваа литанија од невистини и неостварливи ветувања. Ова е предизвик и закана, но не можеме да ја надминеме со малку здрав разум и применета логика. Можеме да ја надминеме само ако ваквите лажни пророци ги тргнеме од политиката, еднаш засекогаш. Да станат вистинска историја – онаа од која се срамиме и на која нема да сакаме да се сеќаваме.
Сигурно дека овие натрапници во историјата не се божествено инспирирани гласници и алатка на бога. Нечии сигурно се, но далеку од божествени. Ништо од ова не треба да се каже, но не сме во нормални времиња овде во Македонија. Нивното месијанство е време на колективна конфузија, дезориентација и заедничка патологија, состојба на малигна нормалност како што би сакале да веруваат тие и нивните следбеници. Заев и неговите наследници се појавуваат како лажни пророци, а не само политичари. Пророкот е спасител. Во случајот на СДС спасител на една каста од едно минато време и наследство што ги одржуваше на власт повеќе од 70 години. Што во комунистичка, што во независна Македонија. Бившите комунисти и нивните наследници во нив го препознаа политичкиот месија што имаше октроиран авторитет од надвор да практикува власт што требаше да ја пресоздаде новата Македонија и да го избрише колективното сеќавање на македонскиот народ.
За жал, поддржувањето на нивното лажно месијанство не е ништо друго освен трагедија на непросветлен личен интерес – или глупост на алчноста. Волјата за верување што ја наоѓаме кај нивните следбеници е класичен претходник на идолопоклонството. Тие се успешно програмирани во овој тип на многу поедноставена бинарна логика. Ако воопшто барате логика во нивото поддржување на своите лажни политички пророци. Предолго луѓето му веруваа на светото тројство на лажни пророци во политиката во Македонија затоа што сакаа да бидат измамени. Вистинскиот измамник не нè принудува да правиме ништо; тој нè прави соучесници во нашето сопствено поништување. Не краде. Ние даваме. И така седум години.
Изборите веќе сега потврдуваат дека Заев, Ковачевски и Пендаровски никогаш не биле и нема да бидат месијански фигури во политиката. Уште помалку историски. Тие не можат да бидат невините јагниња што се жртвуваат за да го спасат својот народ. Тие се мотор за човечки и општествен хаос. Тоа е функција и на нивните личности и политика. Тие се инстинктивни авторитарци и демагози.
Без вистинска идеологија, тие се собирачи на отпадот од суровата корумпирана моќ за свои цели, нивниот проект е демолирачки. Ги мразат демократијата, владеењето на правото и сите други ограничувања на нивното однесување и целта е да бидат власт без временска рамка. Ваквите политички моќници користат хаос, конфузија и уништување како едно од нивните основни оружја за да го исцрпат секој отпор кон нив. Како што покажаа во последните седум години – мајстори се за оваа стратегија. Заблудите за нивната величественост ескалираа во годините на нивното владеење, доделувајќи си ја улогата на политички пророци што ќе нѐ избават од епската борба на доброто и злото во македонската политика. Гледам со истиот наратив продолжуваат и денес во претседателската кампања, а верувам ќе продолжат и во партиската. Тие се во состојба да ги претворат изборите во крстоносна војна, засилувајќи ја нивната лута порака за поделба и омраза. Без оглед на тоа каде се наоѓаме во политичкиот спектар, сепак интуитивно за нас е да бидеме херој во приказната. Херој што ќе ги потопи нивната дрскост и арогантност, ќе им ги одземе ореолите од главите на гласачката кутија и ќе ги фрли во очај. Апокалиптични креатори на иднината веќе никој не ги посакува. Затоа на избори да им порачаме дека нема да бидат реизбрани затоа што имаме избор. А тие секако не се.
Проф. Звонимир Јанкулоски