Може да говориме и говориме за иселувањето од земјава, за демографската состојба, за рамномерниот регионален развој, за територијалната поделба, за образованието, за избирачкиот закон, за тоа што е резидентно население поврзано со балансерот итн. За сето ова има голема можност да се расправа, а врз основа на тоа да се преземат мерки и активности за натамошниот период
На почетокот сакам да му искажам голема благодарност на весникот „Нoва Македонија“, затоа што досега ми овозможи да објавам повеќе од педесет мои трудови односно колумни во овој дневен весник. Од тие причини во оваа пригода не сакам да говорам и пишувам за одредени состојби што се од пошироки или светски размери, како светската економска криза, пандемијата, енергетската криза, војната во Украина и слично, туку за она што го имам говорено, пишувано, предлагано, укажувано, посочувано и насочувано што е во интерес и функција на нашава земја.
Во таа насока, во моите анализи, кои ги вршам повеќе децении, а кои се објавени во печатени и електронски медиуми и дискутирани или се давани мислење, сугестии и предлози на повеќе нивоа, и сега сакам да искажам само одредени согледувања. Благодарение на моето долгогодишно работно и животно искуство и работата на наведениве појави и состојби, а низ кои сум поминал судирајќи се со нив, учествувајќи во нивно надминување и многу други активности, сѐ е во функција и интерес на почитување на уставните и законските определби. Затоа не би пишувал или говорел многу за нив туку само накратко би напоменал некои од нив, за кои имам доста кажано и искажано во претходен период.
Знам и знаеме што значи плата и како се доделува таа, не сега туку и во претходниот период. За сѐ имало закон, правилник и распределба. Истиот тој важел за сите, особено за државните институции, а не како што се случува денес, а особено од тој што одобрува. Знам што значи функционална анализа, а тоа е да имаш големо и богато научно, стручно професионално искуство и да имаш доволно работен стаж за да ја оцениш работата на секое работно место по содржина, обем, сложеност, потребно работно време, образование и други способности. Според тоа можеш да оцениш колку и што е потребно, а не како денес – преголема вработеност. Аналогно на тоа, знам што е и мерит-систем, а тоа е работа и работа, резултати, стручност, знаење, развој и напредок, што, за жал, денес не постои и не се применува. Истовремено тоа значи да напредуваш чекор по чекор, а особено во институцијата. Не со доаѓање однадвор со работно искуство и, оп, веднаш раководител или раководен работник. Веројатно има простор и за многу други моменти за кои може да се пишува, но треба да сфатиме дека за сѐ се потребни човечки ресурси, но прашањето е какви. Образовани, стручни, квалитетни, совесни, одговорни, а не по партиска или етничка припадност.
Да не говориме колку имаме вработени во јавниот или државниот сектор. За истите тие на времето, пред неколку години, се бараа бројка и структура. Но тоа денес е заборавено. Ова го говорам особено од причина што врвните функционери велат колку бевме, а колку сме. Надминати се предвидените граници, и тоа не за малку, туку за повеќе од 100 отсто. Истовремено не ја знаеме нивната структура и по други состојби, но и за тоа нема ништо за јавноста, за разлика од пред неколку години.
Присутна е појавата на недостиг од работна сила, а се говори дека имаме околу 114.000 невработени, и тоа активни, или околу 170.000 на евиденција. И веднаш мислење дека ќе увезуваме работна сила. Во претходниот период за овие лица што беа пријавени во Агенцијата за вработување се објавуваше месечен преглед, со сите потребни податоци, да не ги наведувам. Дали веќе знаеме што значи правична и соодветна застапеност, балансер, дали се почитуваат европските вредности и што повеќе да говориме?
Може да говориме и говориме за иселувањето од земјава, за демографската состојба, за рамномерниот регионален развој, за територијалната поделба, за образованието, за избирачкиот закон, за тоа што е резидентно население поврзано со балансерот итн. За сето тоа има голема можност да се расправа, а врз основа на тоа да се преземат мерки и активности за натамошниот период.
Можностите се врз основа на податоците од пописот на населението, домаќинствата и становите спроведен во 2021 година, од кој има доволно податоци за анализи.
Во околу дваесет колумни имам пишувано за „Каде се учениците од основните училишта“, „Колку ученици, а колку наставници“, „Каде се учениците“, „Колку сме образовани и со какво образование сме“, „Какво е изјаснувањето по етничка припадност“, „Територија, популација и рамномерност“, „Територијална состојба“, „Колку сме, каде сме и какви сме“, „Демографија во Република Северна Македонија“, „Македонското село одумира“, „Раселените и малите села“, „Какви општини имаме“, „Сѐ помалку население во земјава“, „Демографски движења земја – странство“, „Не сакаме или не разбираме“, „Какви вработувања, какви унапредувања и какви плати“, „Бројки, појави и предлози“, „Загрижувачки демографски состојби“. Доволно се наведените објавени колумни, а да не говорам за истите теми колку е расправано во телевизиски емисии, давано мислења во печатените и електронските медиуми и секогаш со став дека треба, треба и треба реформи, стратегии, измени, дополни и слично.
Во оваа пригода не правам анализи и коментари, бидејќи сето тоа е наведено во она што е објавено, а таму има напишано доволно за што и на што да се посвети внимание и навистина има простор за расправа. Само дел од нив се зошто е намалено населението, зошто има толкава градба, зошто се менува етничката структура, а поткрепена со јазикот, зошто има толку масовно иселување, особено на младо население, како е променета образовната структура, со каква работна сила располагаме, каков ни е рамномерниот регионален развој, каква ни е територијалната разместеност и низа други теми за расправа.
Сето ова го наведувам и потенцирам не со причина дека не се работи на наведените состојби туку затоа што треба сѐ навремено, стручно, квалитетно, со знаење и умешност, а особено во сето тоа да се бара и одговорност.
На крајот во овој домен е тоа што во изминатиот период, по спроведувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите, во организација на Македонската академија на науките и уметностите се организирал научен собир, конгрес или симпозиум со теми на расправа за добиените резултати од пописот.
Од тие причини ќе наведам дека во организација на МАНУ се организираше научен собир на тема „Проблеми на демографскиот развој во СР Македонија“, во Леуново, на 3-4 ноември 1985 година, со академик Ксенте Богоев, со податоци од пописот од 1981 година. И на 2-3 јуни 2006 година, МАНУ со академик Никола Кљусев организираше симпозиум на тема „Актуелните демографски движења во Република Македонија во светлина на резултатите на пописот на населението во 2002 година“. Ова го наведувам и кажувам затоа што, како прво, имаше голем интерес од добиените податоци за да се насочи земјата во кој правец да се движи и какви мерки и активности да се преземат. На сето тоа, бидејќи активно учествував во организацијата на двата спомнати собира, особено бев и сум задоволен од соработката со академик Никола Кљусев, кој ме предложи за член во комисијата за демографски развој што работеше во МАНУ.
Во денешно време, кога имаме развиена технологија, со информатичкото работење, дигитализација и брзо добивање резултати, немаме заинтересираност за еден ваков научен собир, иако веќе ќе измине една година од објавените податоци, кои се во изобилство и доволно за стручна расправа.
Активностите треба да се поттикнат од научната фела, потоа од надлежната институција и советот за статистика за еден ваков собир. Во спротивно, она што се говори за значењето на пописот, добиените податоци што треба да служат за градење политики за иднината на ниво на држава ќе останат неупотребени. Да не говориме за тоа, пак, колку финансиски средства се потрошени или колку милиони евра за тој попис и за кои цели и како. Добро е да се знае и за Извештајот за пописот во целина, но и за потрошените милионски суми како и за што се трошени и потрошени.
Како и секогаш, така и сега, сакам само да посочам дека она што е вложено и добиено многу треба да се вреднува и искористи.
Знаеме дека многу се дискутираше во периодот на подготовките за пописот и за време на спроведувањето, а малку сега, по објавувањето на резултатите, откако излегоа голем број податоци од сферата на демографските состојби, образовните, територијалните, економските, етничките, културните, миграциските, за домаќинствата и становите.
Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар