Алкохолот и невропластичноста

Едно од најголемите откритија во невронауката на минатиот век беше поврзано со сознанието дека работењето на мозокот зависи единствено од приливот на кислород и гликоза и дека мозокот што бил оштетен од траума или болест има способност во извесна смисла да се регенерира. Ова последното се означува како мозочен пластицитет (невропластичност).
Човечкиот мозок е составен од околу 100 милијарди неврони. Во минатиот период се сметаше дека неврогенезата (креацијата на нови неврони) престанува набрзо по раѓањето, т.е. дека бројот на неврони останува константен по раѓањето. Современите сознанија покажаа дека невропластичноста овозможува реорганизирање на врските, креирање нови поврзувања и дури, во ретки случаи, и креирање нови неврони. Со тоа, невропластичноста би ја објасниле како способност на мозокот да се менува и приспособи поради одредено искуство. Според тоа, називот невропластичност е „чадор-термин“, кој се однесува на способноста на мозокот да ги менува, реорганизира или развива невронските мрежи. Тоа може да вклучи функционални промени поради оштетување на мозокот или структурни промени поради учење нови вештини. Всушност, пластичноста се однесува на податливоста или способноста на мозокот да се менува; тоа воопшто не значи дека мозокот е пластичен.
Постојат два главни типа на невропластичност:
Функционална пластичност – која подразбира способност на мозокот да ги преместува функциите од оштетениот дел во други здрави регии.
Структурна пластичност – која подразбира способност на мозокот да ја менува својата физичка структура како резултат на учење.
Првите неколку години од животот на детето претставуваат време на брз раст на мозокот. При раѓањето, секој неврон во церебралниот кортекс има околу 2.500 синапси или мали празнини помеѓу невроните каде што се пренесуваат нервните импулси. До тригодишна возраст, овој број пораснува на неверојатни 15.000 синапси по неврон. Меѓутоа, просечниот возрасен има само половина од тој број на синапси. Зошто? Бидејќи како што стекнуваме нови искуства, некои врски се зајакнуваат, додека други се елиминираат. Овој процес е познат како синаптичко кастрење (прунинг).
Невроните што често се користат развиваат посилни врски. Оние што ретко или никогаш не се користат на крајот умираат. Со развивање нови врски и отсекување на слабите, мозокот може да се приспособи на променливата средина.
Има многу придобивки од невропластичноста на мозокот. Ако му дозволите на вашиот мозок да се приспособи и промени, помагате да се промовираат некои вештини:

– способност да научите нови работи;
– способност за подобрување на постојните когнитивни способности;
– закрепнување од мозочни удари и трауматски повреди на мозокот;
– зајакнување на областите каде што функцијата е изгубена или намалена;
– подобрувања што можат да ја подобрат кондицијата на мозокот.
Иако пластичноста може да настане во текот на целиот животен век, сепак некои промени се предоминантни во одредена возраст. Така, најмногу промени доживува мозокот кај младите луѓе. Во таа смисла пластичноста е поврзана со раст на клетки што се викаат глија или васкуларни клетки. Сите тие се множат како резултат на учење, искуство и формирање меморија или, пак, како резултат на мозочно оштетување.
За да се забрза процесот на невропластичност, неопходно е да се учат нови вештини (јазици или свирење инструмент, на пример), да се патува и да се истражуваат нови места, да се применува некој вид креативност (сликање, плетење, вајање) и да се читаат книги. Редовната физичка активност е исто така корисна за мозочната пластичност, како и обезбедувањето доволно сон во текот на деноноќието.
Пластичноста станува проблематична при користење супстанции, трауми и многу невролошки болести, како епилепсија, церебрална парализа, туберозна склероза итн.
Истражувањата потврдиле дека децата со вродено слепило имаат зголемена поврзаност (конективност) и реорганизирани невропатишта споредено со здравите деца. Тоа значи дека мозокот се адаптира на неспособноста да гледа преку менување на структурата и функцијата, обезбедувајќи им на слепите деца поголема способност да ја ползуваат информацијата што ја примаат преку други сетила.
Една од најновите студии на универзитетот „Индијана“, објавена во јули 2023 во списанието „Генетска невронаука“, откри поврзаност помеѓу користењето алкохол и оштетувањето група гени што се сметаат одговорни за невропластичноста и перцепцијата на болка. Во истражувањето се користени три разни анимални модели за да се идентификуваат гените одговорни за поведение поврзано со пиење алкохол. Најдено е дека гените што ги посредуваат сензациите на болка дејствуваат заедно со други две групи неврални гени инволвирани во невронските комуникации.
Покрај варијантите што предизвикуваат транслациски промени (преведени промени, промена во некои супстанции), главните генетски промени поврзани со предиспозицијата за пиење биле тивки мутации и мутации во 3’ непреведените региони (3’UTR) на гените. Ниту еден од овие типови на мутации не ја менува аминокиселинската секвенца на преведениот протеин, но тие влијаат како на брзината така и на формацијата на генската транскрипција, вклучувајќи ги неговата стабилност и посттранслациските настани што ја менуваат ефикасноста на генот. Ова откритие аргументира за рефокусирање на човечките геномски студии на промените во ефикасноста на гените.

Најдиференцираните двонасочно избрани гени кај сите три животински модели беа Scn9a, Scn1a и Kcna, од кои сите се забележани во онтологијата на ноцицепција (перцепција на болка). Комплексноста на невропластичноста и ноцицепцијата додава аргумент на хипотезата дека невропластичноста и болката (физичка или психолошка) се фенотипови генетски поврзани со развојот на алкохолизмот.
Со тоа, раното идентификување на високи генетски тенденции кон алкохолизам може да им помогне на луѓето да го контролираат пиењето и да доведе до нивно пофокусирано лекување или превенција. Инаку, во минатото семејната склоност кон алкохолизам била еден вид енигма. Со оваа студија, преку целосна геномска анализа, се покажува дека алкохолизмот секако дека има и генетска условеност.
Според тоа, за да се обезбеди успешна невропластичност по траума или болест, во никој случај не треба да се употребува алкохол, зашто тој ја намалува можноста за регенерација на оштетените мозочни клетки.