Велат, војната е продолжение на политиката, ама со други средства. Вистина е, но и покрај тој факт, војната е продолжение на агонијата на божествено создадената човечка душа, која во меѓувреме се изопачила од страсти и суета. И уште велат дека човек многу лесно се привикнува на војна. Тоа е исто така точно, но од неа најчесто излегува обесчовечен
Среде селење, ми прелета пред очи небитна вест. Роденден на Пушкин. Споменик во Кисела Вода. Градските власти го бојкотирале одбележувањето на денот, кое го организира руската амбасада, а таа, како што честопати нè опоменува Фејсбук, можеби е под контрола на Кремљ. И што има, бре, да се чествува некојси таму Пушкин? Кому само му текнало да прави споменик среде парк посветен на Пушкин? Не можеле да изградат парк на Медлин Олбрајт? Прекрасна поетеса. Американка. Прогресивна. Цивилизирана. Нејзината поема за користа од смртта на 500.000 ирачки деца за Американците да пијат поевтина нафта, плени со симболична божественост. А ваму, Пушкин!
Факинг Пушкин! Мораше да се роди како Русин. Па, уште тоа негово милитаристичко презиме. Пушка на руски е топ. Загинал во двобој. И како сега човек да го чествува? Патем, ако Пушкин се појави во првиот пасус, сигурно ќе пукне во последниот.
Украинците ќе уништат сто милиони книги од руски писатели. Зарем тоа не е прекрасно? Потсетува на едни возвишени времиња од минатото полно европски вредности. Тогаш, на пример, прогресивните нацистички администратори на Германија открија дека Ремарк наопаку прочитан значи Крамер, а тоа е веќе еврејско презиме. Евреите, пак, се едни никаквеци, кои заедно со велосипедистите се виновни за сите зла во светот и затоа најдобро е да исчезнат. А и холокаустот им е традиција. И нацистичките администратори им го спроведоа тој холокауст. Ама прво ги запалија сите книги што не ја величат таа администрација. Така сега и Украинците. Нека горат проклетите руски класици преполни антинацистичка, односно антиевропска нарација, скриена меѓу редови.
Војна во Украина. Јас следам само западни медиуми и експерти. Тие се правдољубиви демократи и цивилизирани прогресивни граѓани, кои шират западни вредности и ми даваат целосна слика и апсолутна вистина. Што научив досега од нив? Путин умре. На негово место сега е двојник. Ама и двојникот не е во најдобра состојба. Има гадни здравствени проблеми. Руската армија е десеткувана. Ги загуби сите свои генерали. Нема веќе муниција. Кина не им испорачува чипови, а Русите ги истрошија своите ракети. Вака поразена и упропастена, руската армија освојува градови каде што врши масакри врз цивили и потоа гадно губи од цивилизираните наци-баталјони, затоа што НАТО постојано им дава смртоносни оружја.
Паралелно со војната, Русија е под санкции. Нема каде да извезува енергенти. Информациите дека САД и ЕУ купуваат руски гас и нафта се потемкинови села. Русија се распаѓа, а Русите гладуваат и страдаат без „Мекдоналдс“. Наскоро ќе дојде зима и сите ќе умрат од глад, ако пред тоа не смрзнат. На Запад цените на енергентите и храната растат. Инфлацијата расте. Глупите злобници мислат дека се тоа контраефекти од санкциите. Многу се глупи. Нормално дека на Запад сè расте, затоа што и економијата расте.
Светот стана гротеска.
За божествената човечка природа, војната е неприродна состојба. Љубовта е природна средина за душата. Сеедно што секоја војна почнува во срцето. Токму затоа, мнозинството човечки битија и не можат да ги разберат зборовите на Месијата: „Љуби го непријателот свој!“. Велат, војната е продолжение на политиката, ама со други средства. Вистина е, но и покрај тој факт, војната е продолжение на агонијата на божествено создадената човечка душа, која во меѓувреме се изопачила од страсти и суета. И уште велат дека човек многу лесно се привикнува на војна. Тоа е исто така точно, но од неа најчесто излегува обесчовечен.
Никој не посакува војна. Безброј пати досега изговорено. Ама јас би додал, освен планерите, креаторите, подбуцнувачите и испорачателите на војни. Тие не само што посакуваат туку тие ги создаваат, започнуваат, а понекогаш и принудуваат други да ги почнат. Западната цивилизација како творец речиси на сите човечки изопачености низ историјата, во денешно време предводена од политиката на САД, ЕУ и НАТО, со години ја подготвува, организира и вооружува Украина за војна со Русија. Го поддржува и храни украинскиот нацизам, им ветува мед и млеко на Украинците, патем третирајќи ги како експериментални глувци, за сега, како што вообичаено бидува, а како што прават со секого кого манипулираат, да ги остави сами на себе во пеколот што тие им го создадоа. Ако Украина се придржуваше до договорите од Минск, кои сама ги потпиша, денес ќе беше суверена држава на целата своја територија. Но изопачениот Запад, демек гарант на тие договори, ја поддржа марионетската наци-влада во масакрот на над 15.000 Украинци што зборуваат руски јазик, за денес кога Украина речиси нема веќе војска, да му порача на Киев дека треба да се откаже од свои територии за да имало мир.
Киев веќе не е во ситуација да одлучува дали ќе се откажува од територии или ќе продолжи да војува. Сега сè зависи од волјата и моќта на Русија. Западните подбуцнувачи подготвени да војуваат со Русија до последниот Украинец, соочувајќи се со тешките последици од санкциите што ги воведоа кон Русија, наскоро сосема ќе ги заборават и отпишат Украинците, оти ќе се сретнат со незадоволството на сопствените граѓани, кои, патем, ги ограбуваат злоупотребувајќи ги војната и нарацијата за лошите Руси. Додека Русија и Кина го градат новиот светски поредок, забеганите вообразени елитисти од Запад веќе не знаат кај тераат. Во светската шаховска игра, блудната Европа се покажа како најглупава.
Но тоа не е мој проблем. Јас не сум таа Европа. Никогаш нема да бидам. Ниту сакам. Јас сум Македонија и тогаш кога ја бришат, оспоруваат, негираат, окупираат. Македонизмот, во неговата суштина, е многу поцивилизиран и покосмополитски од лажните европски вредности. Затоа Западот, во овие времиња, сака да го збрише засекогаш, уништувајќи ги сите негови идентитетски обележја. Име, култура, јазик, народ, корен, традиција. Северна Македонија (за мене Нордистан, оти ми се гади да го изговарам) е името на окупацијата, која сега, преку ЕУ и Бугарија, преоѓа во следна фаза, до целосен идентитетски холокауст. А тоа е нацизам во сета своја суштина.
Борбата против нацизмот, Русија ја нарекува денацификација. И добро е што ја има таа борба, иако Русија, само во однос на македонизмот, е во коалиција со западната нацификација на Македонија, поддржувајќи ги (преку употреба на името на окупацијата) западните окупатори и домашните марионети, кои насила го наметнаа „идентитетот“ Северна Македонија, спротивно од волјата на мнозинството Македонци.