Ако 59 е 61, зошто 37 да не биде 74?

Деветти мај 2024 година. Урбаниот граѓанин од интелектуалната бижутерија, со вознемирена ароганција во погледот, праведнички растреперени прсти и надмен елитизам, седнува пред тастатура и со страст на жртва, која се трансформира во активист, споделува гнев со свои истомисленици, па крикнува во следниот пасус на мојава колумна.
Прогресивни луѓенца, диктатурава веќе не се трпи! Јас знаев дека Македонците се глуп народ, ама они сите се небањати сељачишта што на варварски начин сакаат да ни го земат она што сме го добиле победувајќи режим со пенкало. Жими, Бејли! Е па, режимот се врати со насилство и вмрооните го окупираа Нордистан. Време е за шарена револуција против овој режим што нè убива. Тие веќе го покажаа своето лице. Сите вмроони си честитаат победа над фашизмот, наместо ден на Европа. Ете на каде ќе нè водат овие психопати, во пропаст накај Русија, а не кон иднината, во ЕУ. Потребен е отпор, драги мои урбани луѓенца, и ако некој има информации за странски грантови во најава, да спремаме свирчињата. А ти Русјаков, што мислиш за сето ова зло што ни се случува?
Не знам, мене не ме интересира политика.
А не те интересира политика? До вчера пиштеше и вриштеше кога брусевме шахти, менувавме име и историја, поништувавме референдум, се трескаше од земја кога со фрлено сидро пловевме напред, затоа што таму напред, во иднината, нема место за тебе, корнеше коси нарекувајќи ги криминал и корупција нашите реформи и сега, наеднаш, не те интересира политика, а?
Е па, ај, ако не, СДСМ да го вратиме!
Оние што ќе го доживеат горенапишаното како злорадост, ја погрешиле дефиницијата. Ниту имам зло, ниту пак ми е дојдено да се расфрлам со радост, оти на сите полиња сме во катастрофална состојба, па оние што сега ќе треба да се справат со катастрофата, ќе одат по најтешкиот пат во независната македонска приказна. А ако веќе ви е потребна дефиниција за она што е напишано, тогаш сам ќе ви кажам, цинизмот е неизлечива болест. Ако албинизмот во кој Бог ме облече, соочен со постојаните зјапања и дофрлања од вас нормалните кон мене, ми роди смисла за хумор во срцето, тогаш тоа што „светот“ наречен „меѓународна заедница“ со помош на домашните полтрони ѝ го прави на Македонија сите овие години, ми соѕида бедем од цинизам преку кој се бранам од вообразената ароганција на изопачената моќ на бездушните. Цинизмот знае да биде суров, но тоа е нормално кога е одбранбен механизам против сурови напади. Ако сакате сликовито, кога цинизмот ги брои изборните резултати, сфаќа дека апсолутни победници на овие избори се СДСМ и ДУИ.

Сè што треба е нивните триесет и седум пратеници да кренат по две раце во Собранието и тие автоматски стануваат седумдесет и четири народни избраници, мнозинство што САД и ЕУ веројатно би го признале за легитимно како при изборот на Џафери за собраниски спикер кога бројот 59 стана 61. Цинизмот нема да се зачуди и ако во еден момент сите партии влезат во коалиција против победникот по што бродот со фрлено сидро повторно ќе фати накај пристаништето на безумната гротескност, но за такво нешто, сега засега, малку е чудно да се размислува, иако ова сè уште е Нордистан и никако не смее да се потцени налудничавиот темел на кој е соѕидан.
Ниту сакам злорадост, тоа ѝ го оставам на интелектуалната бижутерија, ниту сметам дека е време за сеирење, оти во овој момент, фаќањето сеир на поразените го доживувам како потсмевање со сопствената трагична судбина, оти сите сме дел од неа. Да, ние дозволивме, (а со тоа и учествувавме), вообразената просечност, со помош на моќта што ја инсталира, да ја крои нашата државна приказна и да скрои безживотна пустелија. Вообразеноста, надменоста и ароганцијата не се убави особини. Маркес рекол дека човек се гледа од високо само кога му се подава рака да стане. Од друга страна плиткоста не е грев, но арогантната плиткост знае да биде погубна и нам токму тоа ни се случи. Оние што арогантно и надмено се прогласија за единствени што можат да нè носат во европска иднина (што и да значи таа бесмисленост), не знаеја кое знаме на која европска држава ѝ припаѓа. За обвинување кабли при стравотни трагедии, апсење и судење обични шалтерски службеници за нешто што само власт може да го спроведе, а тоа е делење пасоши на белосветски криминалци, одземање на правото за борба за живот на болни од рак и одземање право на движење на сопствените граѓани, како и воведување гулаг-систем во судовите, страв ми е да зборувам, единствено ако тоа не е вистинското лице на Европа и единствениот пат кон нејзината прегратка.
Искрено да ви кажам, донекаде очекував вакви изборни резултати, ама не почувствував еуфорија. Малку ме изненади катастрофата на СДСМ, но не дека не очекував политичка казна за нивното сработување туѓи агенди, кои, секако, никаде не нè водат, најмалку во иднината, оти беа инспирирани од нацишовинизмот на минатото, преку Грција и Бугарија, со поддршка на САД, ЕУ и на НАТО.

Можеби сум веќе стар, па дури и изморен од малоумните (електро) шокови на политиката, кои постојано ги добивав како да сум Мекмарфи од „Лет над кукавичиното гнездо“. Околу мене се срушија две држави, првата во психопатска граѓанска војна, која ми се вмеша во пубертет, љубов и први пијанства од уметноста, а втората поради безумната ароганција на домашните политичари спрема сопствениот народ, држава и корани, која пак се трансформираше во неподнослива за гледање, лигава понизност пред моќта на странците при што, заедно, ми спроведоа идентитетски геноцид. Видов и економска пропаст, хистерично разграбување на она што го создавале предците и безмилосно продолжување на пљачката на она што остана недоразграбено. Ги видов светот, моќната „меѓународна заедница“, сето нејзино варварство во свилени ракавици и неисцрпното лицемерство, кое тука се пиеше како божествен еликсир што демек подмладува, разубавува и опаметува, а всушност е само скап фотошоп за оние што сакаат како нив да бидат. Да, можеби остарев од ароганцијата и насилието на политичкиот Запад кон Македонија и на тукашните негови идолопоклоници (Истокот ниту се занимава со нас, ниту ние сакаме да научиме нешто од него), па оттука и немам еуфорија, можеби само опуштена сомничавост, која ми шепоти, ти, кај и да е, ќе заминеш оттука и не мислам на друга земјена дестинација, твоја единствена задача е да ги родиш сите оние приказни со кои си оплоден одозгора. Нема еуфорија, ама очекувам и новата власт да ја спроведе во целост својата приказна што почна да ни ја раскажува пред да победи на изборите. И ќе се радувам ако се случува тоа.