Африка има државници, Македонија – вазали

И само краток преглед на средбите на високи западни функционери со африкански лидери ви покажува колку е несоодветно кога ние во Македонија очајуваме дека сме станале „бетер од Африка“. На глобален план нештата се менуваат драматично, а ние небаре заспана убавица сонуваме дека сме нација и дека имаме повеќе достоинство и знаење од оние „примитивните“. Епизодите што накратко ќе ги опишам се достапни на Јутјуб, со мал напор ќе ги најдете (и не само нив туку многу повеќе примери од ваков вид). Сцена 1: разговор на претседателот Хаге Геингоб со германскиот амбасадор, кој се жали дека во Намибија имало четири пати повеќе Кинези како дијаспора отколку Германци. Геингоб го прекинува и прашува: а кој ви е проблемот? Зошто е ова проблем? И продолжува во циничен тон: толку ви е жал за нас. На крајот порачува: не ни ја потценувајте интелигенцијата. Сцена 2: прес-конференција на претседателот на Конго, Феликс Тшисекеди, со Макрон. Африканскиот претседател со подигнат прст му кажува на Макрон дека времето на т.н. Франсафрика (француска Африка) е завршено, дека нема да дозволат патернализам во односите и дека треба да си ги скротат империјалните инстинкти. Макрон се обидува да се извади дека цитираното било напишано од новинар, а не официјален став на Франција, но Тшисекеди му упаѓа во збор цитирајќи го францускиот министер за надворешни работи. Маркон пелтечи. Сцена 3: Блинкен (државен секретар на САД) разговара со својата колешка од Јужна Африка, Наледи Пандор. Без многу заобиколување, таа му вели дека „патронизирачкиот булинг“ во однос на ставот на Африка кон војната во Украина, односно нивната политика кон Русија и Кина, е неприфатлив. Притоа додава дека американскиот закон за справување со малигни руски активности во Африка е „многу несреќен чин“. Со други зборови, му порачува дека времињата се менуваат и дека колективниот Запад треба да си фати место во редот во кој Африка одлучува со кого и како ќе соработува.
Многу посилни изјави може да се слушнат во ООН, каде што, на пример, бившите колонии – сега независни држави, ги обвинуваат големите сили дека поради нив се продлабочува јазот на нееднаквоста, експлоатацијата, климатските промени (кои дури и се нарекуваат своевидна агресија врз Африка), но и нуклеарното оружје. Накратко, пораката е: немојте да ни ја навредувате интелигенцијата, прочитани сте! Ова е практично ехо на она што брилијантниот (сега покоен) Андре Влтчек го напиша во септември 2020 г.: „Крајно време е Западот да седне, да замолчи и да почне да го слуша остатокот од светот“.

Се чини дека еден таков момент на громогласна тишина настана кога пред десетина дена Пекинг објави дека неговата дипломатска мисија во помирувањето на Саудиска Арабија и Иран (едните лидери на сунитскиот ислам, другите на шиитскиот) е успешна и дека двете земји не само што ќе ги обноват дипломатските односи туку и ќе ја развијат соработката и ќе тргуваат без посредство на доларот. БУМ! Од западна перспектива, до неодамна Кина беше гледана како индустриска работилница и трговец со бофл-стока, додека Русија беше дефинирана како голема бензинска (поточно, гасна) пумпа. Индискиот (брилијантен) министер за надворешни работи одамна им кажа на западните лидери дека неговата земја се води од своите национални интереси, а не од западните. Приказната за напреден и проширен БРИКС веќе не е приказна. Светот се смени. Не прекуноќ, и процесот не е завршен, ниту пак со извесен хепиенд. Времето на чудовиштата (за кое пишуваше Грамши, опишувајќи распад на еден систем и раѓање на нов) е сè уште тука, но очигледно е дека маргинализираните и потценетите не се подготвени да ја подвиткаат опашката пред западните закани и уцени. Влтчек остави завет: „На светот му е очајнички потребно да ги слушне Другите. Исто како што му е потребно Другите да се вклучат, да бидат свои, да ги запрат западните момчиња од убивање милиони и милиони невини луѓе во сите делови на светот, онака како што тоа го правеа неколку века без прекин, но исто така е нужно Другите да изградат нови концепти, нови идеологии и нови морални принципи“. Не доживеа да ги види промените што се сега евидентни и од кои западните момчиња имаат ноќни кошмари.
Каква иронија на судбината е (за нас, постарите) да се родиме и растеме во време во кое Југославија ги помагаше антиколонијалните движења во светот во борбата за независност и суверенитет, а денес да сме подолу од колонија. Уште полошо, сведоци сме на автоколонизација. Неврзана СФРЈ не фаќаше страна меѓу двата воено-политички блока, а идејата на Движењето на неврзаните беше токму во тоа: малите и експлоатирани нации (Другите) да се соберат заедно како баланс во свет што се соочуваше со нуклеарна војна, да се отворат канали на меѓусебна економска и друга соработка. Во тоа време не баравме непријатели, туку пријатели. Исто онака како што Кина денес се води од една филозофија, која за Западот е не само чудна туку и непозната. Тие велат, ние не ги делиме земјите на пријатели и непријатели, туку се прашуваме како од оние со непријателски однос кон нас да направиме пријатели и да го прошириме кругот на пријатели. Што е тоа ако не придонес кон мирот во светот? И како да не ѝ се восхитуваш на огромна земја, со најмногубројна популација, која за неколку децении успева да ја елиминира сиромаштијата и да стане економски лидер? Кина е во мировна „офанзива“ (од Блискиот Исток до Бразил и Украина); САД живеат од војни. ЕУ доби Нобелова награда за мир, а верува дека „мирот е војна, војната е мир“. Тоа е парадоксот на новото време.

Не ми е познато дали американскиот Конгрес донел посебен закон за „справување со малициозните руски и кинески влијанија во Југоисточна Европа“, но склона сум да верувам дека е така. Доволно е да прочитате неколку (божем независни) медиуми, аналитички центри и портали што детектираат „синдроми“ и ги демонизираат и замолчуваат сите што на светот гледаат во целина. Сè ќе ви стане јасно. Во една таква статија (која, пак, се повикува, на „научно истражување“ спонзорирано од западни фондации) се анализира „тајниот шарм на Кина“ во Македонија. Накратко, за нив е проблем ако не се гледа со омраза и страв кон земја што западните центри на моќ ја дефинирале како архетипски непријател (и поради кои се подготвени да го реализираат сценариото на филмот на Кјубрик, „Доктор Стрејнџлав“ – т.е. нуклеарен холокауст). Тие живеат од и за омраза кон Другиот, незападниот (парадоксално е што и ние сме „други“, на пример ортодоксни луѓе со зборовите на Ескобар). Претставниците на т.н. компрадорска интелигенција (која ја разоткрива брилијантниот американски економист Бранко Милановиќ) се „интелектуалната“ пешадија на западниот милитаризам и куче-чувар на нашата посветеност на Западот и војната. Во нивниот ум, изминатата година била „година на хероизмот во Украина“ и мува не ги лази ниту за цената во човечки животи за тој хероизам ниту за можноста од глобална катастрофа. Да биде иронијата поголема, тоа се истите ликови што не ја гледаат (орвеловската) контрадикција во наративот кон Македонија (суверенитетот не е важен, националниот идентитет е токсичен, самостојноста во обединета Европа/Запад е преценета), а со силата на сите долари/евра ги бранат истите вредности ама во Украина.

Ние сме во една парадоксална состојба на „вечна чекалница на ЕУ“, опишана одамна од Иво Андриќ: „Да заразиш некого со чекање, тоа е најсигурниот начин да завладееш со него, тоа значи да го направиш неподвижен и безопасен целосно и засекогаш. Таа превара на чекањето е поцврста од секој затвор и посилна од најсилните синџири, затоа што со малку среќа од затворот може и да се побегне и од оковите човек може да се ослободи, но од таа превара – никогаш, за навек. И така прифаќајќи ги молкум сите услови на живот кои ви ги поставил вашиот непријател, живеете како што тој сака; всушност, и не живеете, туку стрпливо чекате, сè додека целиот ваш живот заедно со сето она што сте го очекувале не се претвори во трпение и бескрајно чекање“. Зборува Андриќ за примери во историјата кога народите не ни забележале дека се неосетно префрлени од животот на „мртов колосек на чекање без крај и цел. Не го чувствуваат тоа свое чекање како товар ни како понижување, бидејќи веќе и самите се престориле во чекање“.
Ако се препознаваме во овие зборови, уште има надеж за нас. Но само со лидери и граѓанство, а не со вазали на чело на државата, кои мислат дека ќе нè купат со макарони.