Стравот доаѓа од фактот дека оваа власт го надмина својот хибриден карактер. Сега е во фазата на анократија, или полудемократија, како форма на владеење што е лабаво дефинирана како дел демократија и дел диктатура, или како режим што ги меша демократските со автократските карактеристики. Тоа е оној убиствен и самоуништувачки коктел на неспособност и репресија зачинет со национално предавство
Кога ќе си ја продадете совеста во политиката, заборавате на оној од кого го црпите легитимитетот. Се обидувате да не го видите, да не го перципирате неговиот број кога своето незадоволство од вашето практикување на власта го излева на улиците. Прашувајќи дали ви се случил народ, одбивате да го видите и чуете. Одбивате да се соочите со сериозното предупредување при толку народ дека како власт сте соочени со растечка криза на легитимитетот. Можеби и да се согласам со многумина аналитичари дека протестите сами по себе не се екстремно ефикасни во обезбедувањето на лидерите да се откажат од својата моќ и дека можеби најдобриот начин да се натера лидерот да го прифати поразот и да се повлече од функцијата е да го направите неговиот излез што е можно полесен и безбеден. Во комбинација со меѓународна поддршка, таквиот пристап би можел да биде она што ќе овозможи да се почитуваат желбите на луѓето за демократијата да може да биде навистина ефективна. Но кај нас во овој момент не може да се случи тоа. Не може и не смее. Цената за националното предавство мора да биде наплатена. Погазеното национално достоинство, понижениот народ мора да ја добие својата праведна компензација низ политиката. А тоа не е можно со безбеден и гарантиран излез на оваа политичка гарнитура од власта. Оној насобран народ од саботата нема и не смее да го дозволи тоа.
Уличните протести започнаа како увертира во канализирањето на растечкото незадоволство од практикувањето на власта на оваа политичка гарнитура и верувам ќе се интензивираат во наредните денови и месеци. Тоа е оној отворен пркос на народот пред обидот власта да наметне автократско владеење, одбивајќи да се раководи од правилата на демократијата, узурпирајќи го политичкиот простор без поддршка од народот. Демократскиот колапс на државата под оваа власт мора да запре. Наместо оваа влада да постави кредибилен, конкретен и недвосмислен пат кон вистинска демократија, таа сè уште се надева дека нејзиниот спас ќе дојде однадвор. Се надева дека оние што ја октроираа ќе ја спасат. Наивно и незрело однесување во политиката. Со оглед дека никогаш не го прашувале народот, политичарите од власта мислат дека и овој пат, како многупати досега, ќе ја изиграат неговата волја. Дека преку нелегитимниот мнозински парламент ќе може да ја погазат волјата на мнозинскиот народ и ќе го држат заложник на својата неспособност. Невероjатно е колку оваа власт раководена од самонаречената „државотворна партија“ живее во минатото. Никако да излезе од шинелот на комунизмот. Едноставно не може. Таа е неговото чедо, непосакувано во демократијата. Колку пати досега нивната власт го руши митот дека демократијата е непогрешлива. Колку пати треба да грешиме за да ја научиме лекцијата дека на комунистите, па макар и реформирани, не треба да им се верува. А најмалку да им се даде шанса да владеат, зашто нивната власт е опасна авантура за општество. Една едвај ја преживеавме. Вторава изгледа не. Вторава нѐ води на пат на неповратно губење на државата.
Предвремените избори се нужни да се прекине демократската парализа на македонското општество. Тоа изгледа е последен обид да се спаси македонското општество од понатамошната деградација на демократијата и последен обид да се запре процесот на националното предавство. Бидејќи луѓето гледаат дека неодговорната власт им дава приоритет на туѓите и личните интереси пред јавните, барањето за демократија на народот станува силно. Одбивајќи да се соочи со народот, оваа власт прави несмасни и очајнички напори да се држи до власта, што лесно може да доведе до радикализација на состојбата во државата и политичко насилство. Како тргнала, не е исклучено многу брзо и да се случи тоа. Стравот доаѓа од фактот дека оваа власт го надмина својот хибриден карактер.
Сега е во фазата на анократија, или полудемократија, како форма на владеење што е лабаво дефинирана како дел демократија и дел диктатура, или како режим што ги меша демократските со автократските карактеристики. Тоа е оној убиствен и самоуништувачки коктел на неспособност и репресија зачинет со национално предавство. Затоа оваа власт не може и не смее да преживее. Практиката покажа дека помалку народ на улица предизвикал промена и предвремени избори, а не пак бројката од минатата сабота. Затоа, сега е моментот притисокот да расте за власта што мисли дека комунизмот сѐ уште живее во Македонија. Промената што се очекува да се случи треба да ја сруши и инсталираната комунистичка матрица за непроменливост на власта со која сѐ уште некои структури живеат во Македонија. Затоа, време е да си заминат. Да ги испратиме во историјата. Колку повеќе одложуваат толку ќе биде поболно.
Аџилакот на оваа власт кон анократија и автократија, кој трае пет години, нѐ удави во филозофијата и методологијата на тиранијата и затоа треба обединување на сите Македонци што ја сакаат државата како демократска и независна да излезат и да ѝ пркосат на власта, за да се запре нејзиниот самоуништувачкиот аџилак. За добро на сите и за опстанок на државата Македонија.
Проф. Звонимир Јанкулоски