Честопати забораваме дека критиката има егзистенцијално значење, бидејќи од неа може да се воочат и решат проблемите. Со други зборови, без критиката нема општествен напредок, следствено, без разлика на околностите, потребно е да се говори вистината, без разлика дали тоа ќе му се допадне некому или не
Многупати сме слушнале дека молчењето е одобрување и не случајно шпанскиот филозоф Мигел Унамуно многу одамна ја разбрал суштината на оваа максима. Унамуно е еден од највлијателните филозофи на 20 век, но во светската историја останува запаметен неговиот легендарен говор одржан при Универзитетот во Саламанка, во 1936 година, во почетокот на Шпанската граѓанска војна.
На свеченоста присуствувале голем број истакнати личности од шпанското општество, меѓу нив биле госпоѓата Франко (жената на Франциско Франко), бискупот, гувернерот, генералот Милан Астрај и ректорот на Универзитетот, Мигел Унамуно. По церемонијата, генералот Астрај во својот политички говор ги нападнал Каталонија и Баскија, кои за него биле рак-рана на шпанската нација. Во текот на говорот, во амфитеатарот некој од восхитената толпа ја извикал прочуената девиза на генералот: „Да живее смртта!“ Веднаш потоа неколку фашистички фалангисти во сини кошули салутирале пред портретот на Франко.
Унамуно не можел да се воздржи и спокојно ги изрекол следните зборови: „Јас, кој сиот живот го минав во создавање парадокси што предизвикуваа гнев кај оние што не ги разбираа, јас во својство на експерт за тие нешта мора да кажам дека овој варварски парадокс мене ми е одвратен. Генералот Милан Астрај е инвалид. Да го кажеме тоа без некоја нечовечка задна мисла. Тој е воен инвалид. Сервантес исто така беше воен инвалид. За жал, денес во Шпанија има премногу инвалиди. И ќе ги има наскоро уште повеќе ако бог не ни помогне. Патам од помислата дека генералот Милан Астрај би можел да ги постави основите на една психологија на масите. Еден инвалид што ја нема духовната величина на Сервантес најчесто бара олеснување во сакатењето на другите околу себе.“
Вознемирен од овие зборови, генералот Милан Астрај не можел повеќе да слуша и гласно извикал: „Долу интелигенцијата! Да живее смртта!“ Се создал силен џагор, како знак на поддршка од фалангистите, но ректорот го продолжил својот говор, велејќи: „Овој универзитет е храм на интелигенцијата, а јас сум неговиот главен свештеник. Вие ги осквернувате неговите свети ѕидини. Вие ќе победите затоа што имате повеќе брутална сила. Но никого нема да убедите. За да го постигнете тоа, разумот и правдата треба да бидат на ваша страна, но вам ви недостигаат.“ Набргу потоа Мигел Унамуно бил одведен во домашен притвор и по две недели починал.
Критиката може да биде негативно становиште, но и образложено вреднување на нештата. Тука не говориме за несуштинска популистичка критика, од која можеме да стекнеме некоја лична полза, туку за реална критика, заснована на факти. Честопати забораваме дека критиката има егзистенцијално значење, бидејќи од неа може да се воочат и решат проблемите. Со други зборови, без критиката нема општествен напредок, следствено, без разлика на околностите, потребно е да се говори вистината, без разлика дали тоа ќе му се допадне некому или не.
Во едно истражување се вели дека 44 отсто од младите веруваат дека Македонија ќе стане членка на Европската Унија, а најголемиот дел од нив вели дека тоа ќе се случи во 2026 година. Останува непознато врз која основа се темели овој оптимизам. Време е да престанеме да се лажеме и да ѝ погледнеме на вистината во очи. Стотина пати досега можевме да слушнеме дека нашата земја (како што некои милуваат да ја нарекуваат Македонија) е подготвена да ги започне преговорите со Европската Унија, но тоа е лага.
Ако ги земеме предвид бруто-домашниот производ, Џиниевиот коефициент, индексот за човековиот развој, постојната корупција, нефункционалната администрација и невладеењето на правото во Македонија, може да се заклучи дека 2026 година е нереална. Со сегашниот општествено-економски развој, Македонија можеби ќе биде членка на Европската Унија во 2056 година (прашање и дали воопшто некогаш ќе стане), но не за пет години, како што веруваат младите. Можеме уште десетина пати да го промениме уставното име на Македонија, можеме уште десетина пати да потпишеме договори со нашите соседи, но тоа нема да ја промени реалноста – влезот на Македонија во Европската Унија е затворен затоа што не нѐ бидува.
Од нашите предци наследивме држава во вистинска смисла на зборот, но во изминатите три децении се однесуваме како да не ја сакаме Македонија.
Доколку некој од нас ја почитуваше македонската држава, тогаш во изминативе триесет години ќе спроведевме суштински реформи и немаше да тапкаме во место со години. Доколку навистина ја сакаме нашата држава, ќе создадевме соодветни услови за развој, како што се вистински институции и меритократски систем кои имаат егзистенцијално значење, бидејќи без нив државата не може да постои. Доколку продолжиме како досега, од Македонија нема да остане ништо, а кога целосно ќе ја изгубиме државата, никој нема да ни биде крив, вината ќе лежи во самите нас.
Да завршиме со Мигел Унамуно, кој вели: „Она што фашистите најмногу го мразат, пред сѐ е интелигенцијата!“