Статистиката вели дека околу 17 проценти од европската популација над 40 години е инконтинентна, а по 65-та година оваа бројка се искачува и до 60 отсто, при што жените се позасегнати од мажите. Притоа под поголем ризик од појава на уринарна инконтиненција се пациенти со: прекумерна телесна тежина, уринарни инфекции, менопауза (жени обично над 45 години), како и постари лица каде што мускулот стегач станал некомпетентен за задржување на урината
Уринарната инконтиненција е неспособност да се задржи урината во мочниот меур поради намалена или изгубена контрола врз урнарниот сфинктер. Се карактеризира со неочекуван нагон за итно мокрење (често не може да се стигне навреме до тоалет), зачестено мокрење (повеќе од 8 пати на ден) и ноќно мокрење (2 или повеќепати), а во некои случаи и неможност за целосно празнење на мочниот меур што води до преполнување односно доистекување на урината. Кај дел од пациентите со т.н. стрес-инконтиненција, подмочувањето се се јавува при кашлање, кивање, трчање, дигање тешки предмети, брза промена на положбата на телото (на пример при брзо станување) или при други физички активности. Сѐ ова јасно укажува на значајните животни ограничувања што ги искусуваат пациентите со уринарна инконтиненција. Тука спаѓаат физичките ограничувања (проблеми при движење и извршување на обврските, нарушување на сонот, а со тоа и замор, отежната концентрација, нарушена исхрана), психолошки ограничувања (депресија, чувство на вина, страв од мислењето на околината и недостиг од самодоверба) и на крајот социјални ограничувања (избегнување друштво, избегнување патувања, избегнување сексуални односи и потреба од постојана достапност на тоалет).
Статистиката вели дека околу 17 проценти од европската популација над 40 години е инконтинентна, а по 65-та година оваа бројка се искачува и до 60 отсто, при што жените се позасегнати од мажите. Притоа под поголем ризик од појава на уринарна инконтиненција се пациенти со: прекумерна телесна тежина, уринарни инфекции, менопауза (жени обично над 45 години), како и постари лица, каде што мускулот стегач станал некомпетентен за задржување на урината.
Дополнително, уринарна инконтиненција се јавува и при долготрајна прекумерна употреба на алкохол и кофеински напитоци, користење некои лекови (антихипертензиви, седативи, мускулни релаксанти, високи дози витамини Б и Ц), како и кај пациенти со хронични и други заболувања: зголемена простата (БХП – кај мажи) или карцином на простата, невролошки нарушувања (Паркинсонова болест, Алцхајмерова болест, полинеуропатии, вертебрална траума и др.) жени со тешки породувања и акушерски интервенции, пациенти по тешки операции во малата карлица, дијабетес, артериска хипертензија, хронична бубрежна инсуфициенција по зрачење итн.
Со оглед на споменатите ризик-фактори, на пациентите со уринарна инконтиненција им се сугерира: намалување на употребата на алкохол, цигари и кофеин, модификација на внес на течности (пр. да не се внесуваат течности навечер) и тренинг на мочниот меур т.е. мокрење на одредени периоди со комплетно празнење на бешиката, намалување на телесната тежина, избегнување интензивни физички активности, како и правење на т.н. кегелови вежби за зајакнување на карличните мускули.
Во однос на фармаколошката терапија, таа е резервирана за т.н. ургентна и мешана инконтиненција додека, пак, некои форми на стрес-инконтиненција се третираат исклучиво оперативно. Од медикаментозната терапија најчесто употребувани лекови се т.н. антихолинергици – кои помагаат во смирување на појавата хиперактивен мочен (солифенацин, оксибутинин, толтеродин, дарифеназин, фезотеродин, трозпиум). Притоа предност обично имаат новите генерации антимускариници (пр. солифенацин), чиј механизам на дејство е селективно да ги блокира мускаринските М3-рецептори во уроепителот, со што се зголемува капацитетот на мочниот меур и се намалува чувството на итност за мокрење. На овој начин при континуирана терапија се намалува бројот на дневни и ноќни мокрења со што се подобрува квалитетот на животот на оваа категорија пациенти.
Авторот е м-р по фармација и топедукатор