Добро, а каде ќе почне таа трета светска војна? Според тоа како изгледаат нештата на терен, војната ќе почне во Соединетите Американски Држави. Таму босанскиот лонец веќе сериозно зоврива. Во некои градови гледаме апокалиптични слики каде што луѓето се поделени во квартови, вооружени, се гледаат низ нишан
Трета светска војна. Мириса на неа. Веќе ја има меѓу редови низ медиумите. Само што не излегла од лабораториите на смртта како вирус за кој е невозможно да се пронајде лек. Се топори да се наметне како лошо прераскажан виц. И не, нема да биде тоа етничка, верска или геополитичка војна. Ниту војна за прераспределба на моќ или промена на граници. Очекувам тоа да биде исклучително чудна војна. Граѓанска војна. Војна на естаблишментот против секое самосвесно битие. Моќта против слободата. Злорадоста против искрената смеа. Цензурата без смисла за хумор, против министерството за глупаво одење. Хистеријата против духовноста. Изопачениот активизам против космичката устроеност на битисувањето. Деструктивноста против креацијата. Политичката коректност против мечтите. Идиотската униформираност против идентитетите. Прогресивниот варваризам против езотеричната етеричност. Мене ми е лесно да го исцртам профилот на левијатанот што ќе влезе во војна со божествената едноставност.
Тоа е моќта на естаблишментот. Со злорадост во едната, а цензура во другата рака, хистеричното беснило е неизбежно. Така се роди изопачениот активизам полн деструктивна енергија, кој насила сака да го облече светот во политичка коректност. Униформите на прогресивниот варваризам веќе маршираат меѓу нас. Под нивните чизми треба да заврши секое самосвесно битие. Тие сакаат да ја замрзнат искрената смеа, да го затворат министерството за глупаво одење, веќе смислуваат вакцина против духовноста, космичката устроеност на битисувањето ја прогласија за бесконечна глупост, креацијата ќе ја гонат како кривично дело, па ќе апсат и затвораат мечти, а идентитетите ќе ги праќаат во гасни комори.
Големиот брат веќе го исцртува храбриот нов свет. Ама кој да забележи. Големи дел луѓе низ светот веќе не се ни врели, ни студени, туку млаки и меки, лесни за обработка како пластелин. И естаблишментот ги обликува како да се генерација андроиди создадени да му служат на изопачениот господар. Друг дел од човештвото гледа и сфаќа што се случува околу него, ама како и за време на холокаустот, креваат раменици и со логиката такво е времето, што можам јас против моќта, пасивно набљудуваат и се обидуваат да се адаптираат. Последната група луѓе се малцинство и тие го спроведуваат теророт врз мнозинството. Тие се слуги на естаблишментот, алатка за наметнување на волјата на моќните. Можете да ги препознаете како самобендисана елита, прогресивни варвари кои не ја вадат демократијата од уста, ама прават сè да ја укинат слободната мисла. Тоа се оние што никогаш не признаваат демократски избор на партија или личност ако не е нивната опција, па веднаш запоседнуваат улици, каде што кршат, палат и напаѓаат неистомисленици.
Љубовта кон омразата спрема неистомисленикот е нивното оружје. Сакаат насила да ги наметнат својата волја и светогледи и секој што им се спротиставува го прогласуваат за фашист. Тие се најголемата опасност за слободниот свет, затоа што одработуваат за естаблишментот, кој, пак, е составен од моќници што тргнале да го претворат слободниот дух во робовски менталитет. Како најлесно да ги препознаете? Тие врескаат (и естаблишментот и неговите хистерици) дека животите на црнците се важни, ама Африка е нивниот полигон за тестирање нови оружја, фармацевтски експерименти и колонија за крадење природни ресурси. Врескаат дека се грижат за мигрантите (заднината им е евтина работна сила), ама се радуваат на масакрите низ Блискиот Исток, каде што годишно убиваат стотици илјади муслимани. Единствена причина зошто сакаат да го срушат Доналд Трамп е што тој не само што ги прекина војните туку ги повлекува американските војници. И како трет пример, тоа се оние што врескаат за слобода на говор, ама сè што ги надминува нивните оскудни мислечки капацитети го прогласуваат за говор на омраза. Пример ви е „Фаличен пансион“. Злобните, хистеричните и деструктивните немаат смисла за хумор, затоа и тргнаа да го забрануваат. Тоа ви се тој естаблишмент и нивните поддржувачи. Малцинство што го тероризира светот.
Е, како ако се малцинство, владеат и тероризираат? Логично прашање. Има и едноставен одговор. Нивни се светските корпорации, воената и фармацевтската индустрија, нивни се војските и полициите, нивни се сите светски институции, судовите и затворите, нивни се Стејт департментот и Пентагон, ЦИА и НАСА, нивни се ММФ и НАТО, нивни се Брисел и Стразбур, нивни се Холивуд, Гугл, Фејсбук и Твитер, нивни се Би-би-си, Си-ен-ен и сите светски мејнстрим-медиуми. Погледнете, ниту „најмоќниот“ човек на светот, наречен американски претседател, не може да им се спротивстави. Затоа што нивни се и американските претседатели. Нема разлика меѓу Буш и Обама, а кога некој ќе се обиде да им ја мати водата како Трамп, тие веднаш сакаат да рушат, затворат, убијат. Цензурата е веќе почната, медиумската хистерија е распослана низ целиот свет, нивните зомбифицирани активисти се на улиците во секоја држава каде што власта не им е по ќеф. Наскоро ќе почнат да исчезнуваат слободномислечки поединци што пишуваат или говорат против нив. Наскоро политичката коректност ќе апси и затвора мечтатели, а хуморот само што не станал кривично дело.
Добро, а каде ќе почне таа трета светска војна?
Според тоа како изгледаат нештата на терен, војната ќе почне во Соединетите Американски Држави. Таму босанскиот лонец веќе сериозно зоврива. Во некои градови гледаме апокалиптични слики каде што луѓето се поделени во квартови, вооружени, се гледаат низ нишан. Сето тоа изгледа многу страшно, мириса на Шпанија од триесеттите години на минатиот век, на Босна, која ние скоро ја живеевме. Страшно е што војната може да почне веќе по изборите. Без разлика кој ќе победи. Ако победи Трамп, хистеричниот естаблишмент е подготвен на сè. Ако победи сенилниот Бајден (моќта се одлучи за кандидат што умствено веќе не е присутен во реалноста), не верувам дека југот така лесно ќе се помири по сè што се случуваше изминатава година. Би сакал сето ова што го пишувам да е промашена теза, ама не ми изгледа баш розово.
Чекај, нели рече дека ти заврши со политика?
Реков дека кревам раце од експерименталниов протекторат некогаш именуван како Македонија. За него сега нека се грижи мнозинството три коси црти. А кога политиката ми ги забранува „Фаличниот пансион“ и Џон Клис, јас не можам да останам рамнодушен. Препознавам нешто што веќе сум го читал кај Ремарк, Хемингвеј, Кафка, Солженицин и други, а тоа ме плаши. Тоа е хуманистички страв од дехуманизацијата на човештвото. Ама па од изопачената моќ немам страв, оти тие можат само да го затворат, малтретираат или убијат телото, не и духот.