Инаку, ако утре има избори, пардон… ако утре има војна, светска војна, јас ќе бидам на страната на Русија. А-ха, жими Есенин, Достоевски и Гогољ! Зошто? Затоа што сакам да сум на вистинската страна. Поточно, сакам да сум на антифашистичката страна. Не дека сум нешто восхитен од историската улога на Русија спрема Македонија, ама во оваа наша сегашност руската политика ми звучи далеку понормална од забеганиве лудаци на „длабоката држава“ што ги има киднапирано САД, ЕУ и НАТО
Сеопшта напнатост. Светот е во непријатно исчекување. Ќе има ли војна? Трета светска војна. Америка се заканува. Велика Британија се заканува. НАТО се заканува. Русија се заканува. Нормалниот свет стрепи. Нека одат по ѓаволите! Нивната моќ, омраза, лудило… сè нека оди по ѓаволите! И нека ја почнат веќе таа војна. Ете, ви кажав, нека се случи таа проклета светска војна и целата планета сосе нас, нека оди по ѓаволите. Оти вакви какви стануваме од ден на ден и на Творецот ќе му се одмилиме. Ние и Бога го распнавме, па за една планета. Затоа, вадете ги тоа вашите планетарни пениси наречени нуклеарки и проектили и летс фак ичадер ин а агли насти орџи.
Што ќе стане со Македонија ако се случи вакво нешто? Господ знае! Малите секако страдаат кога големите сили прават будалаштини. А и околу нас е напнато до експлодирање. Косово врие. Србија ќе добие руски ракетни системи. Хрватска купи авиони. Албанија доби тенкови. Сите напнати, на штрек, онака маалски кажано, само ние… е само ние не знаеме каде тераме. Дел од војската ни се ака по Ирак и по Авганистан, другиот дел ни гладува по дома.
Полицијата ни е поделена на вмровска и сдсмовска. Владата не само што не знае кај тера, ами маршира кај што Бејли ја води. Протеруваме руски дипломат без доказ за вина, само да ѝ ги тинтраме ташаците на забеганата Британија, која патем призна дека нема докази за труењето со нервен гас. Опозицијата преку свои будалетинки ни раскажува еротски приказни за нивните партнерски авантури со Брисел, Лондон и со Вашингтон. Албанските политичари имаат повеќе оружје од војската и често решаваат политички загатки пукајќи едни на други. По улиците се шетаат амнестирани кримоси, кои се однесуваат како локални шерифи. Новинарите ни се платеници на странски интереси, секогаш подготвени да одработат против државата. Голем дел од народот ни се состои од разгалени готовани, непоправливи материјалисти, интелектуална бижутерија, аздисани активисти и суетни себичници за кои патриотизмот и љубовта кон татковината се нешто одвратно. Со ваква дијагноза, а во очекување на можна војна не ни се пишува ништо добро. Одбраната на државата вообичаено ќе биде во рацете на сиромаштијата и селанството.
Инаку, ако утре има избори, пардон… ако утре има војна, светска војна, јас ќе бидам на страната на Русија. А-ха, жими Есенин, Достоевски и Гогољ! Зошто? Затоа што сакам да сум на вистинската страна. Поточно, сакам да сум на антифашистичката страна. Не дека сум нешто восхитен од историската улога на Русија спрема Македонија, ама во оваа наша сегашност руската политика ми звучи далеку понормална од забеганиве лудаци на „длабоката држава“ што ги има киднапирано САД, ЕУ и НАТО. А бидејќи сум антифашист, не можам да не забележам дека западнава „цивилизација“ е на праг да го крене четвртиот Рајх. Погледнете ги само! И САД, и ЕУ, и НАТО, упорно притискаат, уценуваат и бараат од нас да си го смениме името, да се откажеме од нашиот идентитет, а тоа е нов софистициран геноцид и холокауст врз цел еден народ. Таму кај што има геноцид и холокауст, има и фашизам. Во изминативе децении, истиве овие што се нарекуваат западна цивилизација и секојдневно се пенават за демократија и човекови права, нападнаа, уништија и масакрираа десетици држави и региони сами за да ги заграбат нивните природни богатства или да сменат влади што не играат по нивни ќеф. Што повторно е типичен фашизам. Нивната моќна пропагандна машинерија е огромна корпорација за перење мозоци, извртување на фактите и создавање потрошувачки немислечки имбецили. Што апсолутно личи на фашистичка пропаганда. И зошто нормален човек и антифашист би застанал на нивна страна? Па Русија во споредба со нив личи на Неверленд од фантазијата на Џејмс Метју Бари.
Насекаде околу нас, ама и кај нас, смрди на сеќавањата од Втората светска војна. Само што овој пат улогата на германските нацисти ја игра „длабоката држава“ на САД. Сетете се само на Обама, тој лично изјави дека Американците се исклучив народ (го употреби зборот ексепшнал) и тие имале право да им виткаат раце на помалите и послабите. Британците никогаш не биле чисти антифашисти. Нивниот антифашизам беше инстант, лесно беше да сконташ дека треба да застанеш контра лудакот Хитлер. Но, штом него го снема Черчил испрати напалм авиони на македонските партизани застанувајќи во одбрана на грчкиот монархофашизам. И денес, Велика Британија е гласноговорникот и застапникот на идентитетскиот геноцид врз нас Македонците. И околу нас е истиот мизансцен како во Втората светка војна. Српскиот народ очигледно ќе застане на страната на антифашизмот. Сосема е јасно дека Бугарите третпат избираат погрешна страна. Човек едноставно треба да внимава што тие избираат, па да го избере спротивното. Албанската политика како наследник на балистичките наци-идеи, подготвена е и во пеколот да оди ако натаму ги испрати официјален Вашингтон.
Нашава квислиншка и октроирана власт е марионета во рацете на забегани амбасадори. Не само што го погазија и исплукаа АСНОМ, подготвени се и да се помочаат на гробовите на оние што ги дадоа животите за ослободување на Македонија. Во споредба со нив, денес Лазар Колишевски ми изгледа како ултрапатриот. Па, така, станува очигледно, доколку моќните го почнат големото лудило, на територијата на Македонија, меѓу другото, ќе има и внатрешномакедонски конфликт. Односно, фашистичките поданици од власта и од опозицијата, помогнати од нивните пропагандисти, активисти, интелектуалната бижутерија, лажната авангарда, себичните егоисти и материјалисти и испраните мозоци ќе се судрат со асномските антифашистички вредности на голем дел од македонскиот народ, кој е подготвен по секоја цена да си ги брани територијата, идентитетот, слободата и постоењето.
Да се надеваме и да се молиме дека светските моќници ќе се отрезнат од лудилото во кое подолго време се западнати и ќе го избегнат големиот судир. Но ако веќе ја почнат големата крвава планетарна оргија, нештата мораат да бидат јасни, прецизни и поддржани со факти. А фактите зборуваат дека се соочуваме со појава на неофашизам што во даден миг мора да се спречи и превенира.