In medias res. Насловот на оваа наша колумна, драг читателу, е дијагностички. Ќе зборуваме за планетарната тема број еден: тероризам. Најпрвин за тероризмот на НАТО, а потоа за оној на нашиот премиер. Во првиот случај се работи за планетарен, во вториот за локален, додуша сега сѐ уште политички тероризам.
НАТО. Повеќепати сум го изнел јасно мојот став дека е тоа планетарна терористичка организација, која е во рацете главно на сега за сега најмоќната светска империја Америка (САД). Она што беше на времето железната Римска Империја, која мелеше, како и оваа, сѐ пред себе. Сега, како да не ги знаеш, ми бараш, драг читателу, конкретни аргументи. Зарем не ти е јасно? Никаде каде што ќе помине таа военопрофитерска алијанса не никнува трева. Сѐ станува пепел, го снемува огнот, основниот симбол на животот, па и на самиот Бог Јахве, ако сакаш, кој во Стариот завет на Мојсеј му се јави во облик на запалена капина што зборува.
НАТО како воена авангарда на Америка пеплоса цели држави и народи. Тука се пред сѐ државите и народите од Блискиот Исток, кого јас, драг читателу, го сметам за културноцивилизациски извор на Европа пред Античка Грција. Но европскиот историски фалсификат, како што вели и сјајниот англиски романсиер Д.А. Лоренс, „по инерција сѐ трупа во грчка вреќа“. И тука нема спас. Сега во неа ја трупа и Македонија, со сета нејзина огромна културноцивилизациска слика. НАТО на Блискиот Исток ги пеплоса и Ирак и Либија, а сега го прави тоа и со Сирија. А негова жртва е и Авганистан, подалеку од Блискиот Исток, на север во необјатната Азија. Но тука е и Балканот, дел на импотентната американска слугинка Европа. Тоа, пак, само по себе значи дека оваа пеколна алијанса е под стопроцентна контрола на Вашингтон. За неа Брисел е ситна безначајност. Пример за тоа е варварското НАТО-бомбардирање на Србија во 1999-та. Деветнаесет моќни држави против една мала држава и народ и најбрутално убивање цивили: на жени и немоќни деца. А сѐ со цел да се создаде една држава во држава (Косово), како модерен почеток на реализација на проектот на Призренската лига и на ЦИА за голема Албанија. Бомбардерите на НАТО над Србија, а пред тоа и над Босна, исфрлија огромни количества смртоносен осиромашен ураниум, што претставува злосторство и против човештвото, бидејќи тој е забранет со сите мировни меѓународни договори.
И сега врие ракот поради тој ураниум на овие скудни балкански простори, од што не е поштедена ни Македонија, благодарение на оваа воена, очигледно, терористичка организација (оти и Исус велеше: „По делата ќе ги познаете, а не по зборовите“), но тоа не им пречи на Заев и на Шеќеринска да паѓаат во еротска екстаза и при самото спомнување на тој пеколен акроним. Тука се уште и сите Македонци пратеници во владејачката коалиција, ироди и изроди од својот род. Албанците не ги спомнувам, бидејќи тие, покрај осиромашениот ураниум, добија барем уште една држава, а сега третата се подготвува кај нас, во Македонија. Затоа беше всушност и бомбардирањето во 1999-та, спроти новиот милениум, како американски поздрав за него. А потоа дополнително НАТО нешто отворено, нешто полузатворено се вклучи, помагајќи го логистички и воено и албанскиот тероризам во Македонија во 200-та, како почеток на разнебитување на македонскиот државен и идентитетски суверенитет.
Ете, тоа е горчливата вистина, драг читателу, оти ти постојано ми забележуваш дека имам некаков, а немам, анимозитет кон Западот, кон Америка и Европа, во тој контекст и кон нејзината кај нас славена либералкапиталистичка демократија. Да, драг, но знаеш ли дека зборот демократија е најопасното нешто кога ќе го изговорат во Вашингтон. Тоа е претекст за бомбардирање цели сиромашни и мали народи. Особено оние што се богати со природни и други материјални ресурси, оти колонијалистичкиот пљачкашки менталитет толку многу се сродил со западната бездушна душа (не пречи оксиморонот) што таа никогаш не ќе може да се очисти од него сѐ до Страшниот суд пред Господ на небо. А дека не претерувам со мојот став кон НАТО-Западот, кон неговото и денес варварство под божемна миротворна маска, ќе се повикам и на еден од водечките интелектуалци на Америка денес, добропознатиот храбар мислител Ноам Чомски, универзитетски професор, кој напиша неколку книги на тема на американскиот државен тероризам. Доволно. А има и редица други примери на такви мислители и мислења на Запад.
И во што е најпосле тука парадоксот, драг читателу? Во тоа што оние што се под капата на државниот тероризам, уривајќи цели држави и народи, денес креваат врева и се јавуваат како загрижени борци против тероризмот во светот. Ја шират како чума по медиумите лажната вистина дека Американците и нивните НАТО-бомбардери се демократски, а тие демократи, за разлика од оние од таканаречената Исламска држава, од Блискиот Исток, Авганистан итн., кои се според нив терористи. Тие што сега не во затворената Америка, туку дејствуваат во „отворената“ Европа, оти знаат дека и таа е дел од НАТО и неговото варварство (Англија, Франција, Германија). Не се толку глупи. И парадоксот е во тоа што западниот „државен тероризам“ (Чомски) не се сатанизира, туку се сатанизира само тероризмот на оние другите, кои можат да се именуваат и како очајници. Тие, на кои им ја разориле моќните западни бомбардери татковината, им го урнале домот и им го убиле семејството. Тие се очајници и очајот е мотивот за нивниот тероризам, со ретки исклучоци. А кој е мотивот на западните „демократи“: нафтата и сите други материјални ресурси. Тоа е вистината.
Инаку, да допрецизирам, драг читателу. Генезата на НАТО и амеротероризмот, модерната, ја наоѓаме во годината 1945-та, кога Американците ги фрлија атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. Тоа беше цивилизацискиот антиеволуционистички пресврт кога Америка од антифашистичка (со борбата на страна на сојузниците против Хитлер), молскавично се трансформира во фашистичка сила. Истото тоа се случи две-три години потоа и со нејзината „цивилизациска“ мајка Англија, која со европскиот политички тотем Черчил во 1948 година ги бомбардира и ги чистеше Македонците од нацифашистичка Грција, односно од нивните родни огништа во Егејска Македонија. А тоа не го знаат, драг читателу, ни Заев, ни Шеќеринска, ни оној палеолитски заледен Димитров, кој извира некаде по род од таму, иако татко му влече накај Бугарите. Сите тие сега се во некаква хистерична еротска НАТО-екстаза, без разлика на нивната умствена и морална импотенција.
Е, сега, нешто и за тероризмот на нашиот премиер, драг читателу, ние го дефиниравме со поимот политички, отпишувајќи ги сепак неоправдано шок-бомбите, гумените куршуми и други тортурски средства на „неговата“ полиција на неодамнешните протести на народот што си ги брани од него Името и идентитетот и не сака да влезе во идентитетската мртовечница во која го турка тој. Тука сум должен за „аминувањето“ на шок-бомбите и сѐ друго да ѝ се извинам на Арна Шијак и на другите настрадани, кои ќе ме разберат. Тероризмот на Заев (разбирливо, и на неговата влада и коалициски пратеници), пак, јасно, не е со планетарни размери како оној на неговиот омилен НАТО, туку е локален, фокусиран на Македонија и на Македонците. Само на нив и на нивна идентитетска ликвидација. Со малоумниот, дебилен договор за преименување со Грција, тоа, начелно, сега за сега и го стори тој. Го стори со неговиот, и на неговата влада и квислиншки пратеници, северен ум и морал. Со еден потег со тој фашистички договор Македонците се престорени во живи мртовци на перфидната европска цивилизација длабоко потоната во својот ариевски нарцизам од кој, како што покажаа и нејзините две светски војни, ѝ нема спас. Следува поголема катастрофа од која, како и секогаш, крваво ќе страда и Македонија, но ќе исплови од океанот обновена европска крв.
Дека над Македонија и над Македонците, само над нив во Европа, се врши идентитетски геноцид, драг читателу, е повеќе од јасно. И антрополозите, без исклучок, тврдат дека најстрашна од сите видови гибел е, имено, идентитетската смрт. Арно ама тоа не му е јасно на нашиот/ненаш премиер. Во склоп со нашето идентитетско усмртување беше и неодамнешната посета на НАТО-сатрапот Столтенберг на нашето Собрание, во кое тој дојде за да ги поздрави тиранската платформа и таканаречениот Закон за јазиците и со тоа да го доподготви ковчегот за нашиот идентитетски погреб. Ја гледав ТВ-снимката на Заев со Столтенберг како сведоштво на божемната препорака на НАТО за прием на Македонија во оваа военопрофитерска алијанса, во која нашиот/ненаш премиер се заблагодаруваше со онаа негова патолошка смрзната насмевка. Пред мене ја имав архетипската слика на модерниот (бидејќи немаат друг, освен уште само Мики Маус и Супермен, што е исто) американски мит, архетип на Том и Џери со кои Волт Дизни ја вежбаше својата американска имагинација. Мит што го исмеваше Лорка пред амеромитоманот Борхес, за што овој многу му се налути и никогаш не му прости, па во интервјуто со Ричард Вергин цинично рече дека е добро што Франковите фашисти го убиле него, бидејќи и така бил слаб поет!? Иако, според мене, драг читателу, Лорка е најмалку барем двапати подобар поет од Борхес.
Нејсе, Столтенберг и Заев како Том и Џери на ТВ-снимката со мрачен вкус. Нормално, очекуваш, драг читателу, дека улогите тука се поделени: Столтенберг како Том, а нашиот од Муртино како Џери, иако, имено, во една психолошка и семантичка анализа Џери, глушецот, а не Том е симболот, архетипот на американската цивилизација: лукав, подол и агресивен, наспроти приглупиот Том, кој би можел да ја симболизира исто така наспроти Америка приглупата Европа. Да. Но во конкретниот случај за кој станува збор Заев не е ни Том, ни Џери. Тој е ништо, но, се разбира, не она на Буда, будистичко, нирвана. Едноставно западно, а не источно ништо. Ништо што мириса, бодлеровски речено, на распаѓање и смрт. Значи на таа бедна ТВ-снимка во која нашиот/ненаш премиер беше во небулозна екстаза на битието-небитие сатрапот Столтенберг беше супериорно (ами како поинаку), истовремено и Том и Џери. И мачорот и агресивниот глушец, а нашиот/ненаш премиер само глувчешка дупка негде во темниот ќош на вселената. Се вика ли таа Муртино, не знам. Но тука сум должен да им се извинам на невините и чесни муртинци за тоа што по некој темен случај кај нив се родил некој што тие сега би сакале да е роден на друго место, а не во Муртино, кое како вселенски темен ќош сега добива димензија на Маркесовото Макондо во „Сто години самотија“, или, ај да не одиме предалеку, на Кушкундалево кај генијалниот приказничар и шнајдер, кој во рајот му шие бечви и на Господ, Марко Цепенков од града Прилепа. Тоа.
Сега Столтенберг, Американците и бриселските политбирократи се екстатично задоволни од премиерот Заев, Димитров, Шеќеринска и од целата властодржна камарила што си го ликвидира идентитетски сопствениот народ според планот на светските „Мајстори на смртта“ (П. Целан). Презадоволни се од Заев како што беа на времето презадоволни од еден политички фолирант каков што беше Горбачов, кој ним им послужи како алатка за растурање на Варшавскиот пакт и за урнисување на Русија, од која и нашите соросовски поданици и некои други октроирани типови на самото спомнување на тој збор паѓаат во паничен страв, мокрејќи навечер и во сон во постелата. Да. Но што направија Американците и Западот од Горбачов откако го искористија. Го ставија цинично во шише. Направија од него американска вотка „горбачов“. Сум ја пиел. За чудо добра е. Мора, сепак, тука некој Рус да замешал прсти. А што ќе направат сега откако ќе завршат работа Американците и Западот со славниот светски лидер од Муртино, Зоран, останува да видиме. Дали ќе биде сместен во шише како струмичка ракија или мастика?
П.С. Колумнава, драг читателу, ја пишував пред најавената прослава за влез во НАТО, на која повика Заев. Затоа во неа недостига опис на таа Заева и владина свадба на блуд и богохулие. Поздрав до следната колумна