Почетокот треба да биде дека не се потребни нови лица („ново дете“), туку нови политики. И почетокот е слободна партија. Со среќа!
Одвреме-навреме во Македонија се отвораат јавни дебати за потребата од нови политички партии. Претходно тоа беше во 2013 година, во контекст на незадоволство од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а во отсуство на витална опозиција (СДСМ), кога се формира Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), а беа најавени неколку други партии. Тогаш тоа го анализирав во „Трета, петта или шеста опција“. Сега, во различен контекст, кој еден од иницијаторите за нова партија Александар Тортевски го опишува како „гласачите се разочараа од СДСМ, но не му простуваат на ВМРО-ДПМНЕ“, од различни извори повторно се отвора јавна дебата за потребата од нови политички партии. Една од иницијативите „Твоја партија“ најави Александар Тортевски, а во политичката чаршија се најавуваат и други. На земјава ѝ се добредојдени нови политички или партиски иницијативи, бидејќи тоа ги јакне плурализмот и изборот. Оттука, секоја нова иницијатива што сака да успее треба да земе предвид неколку работи.
Колку простор има за нови иницијативи? Според Тортевски, „гласачите се разочараа од СДСМ, но не му простуваат на ВМРО-ДПМНЕ“, е делумно точно. Прво, тоа сѐ уште не се рефлектира во анкетите. Во Македонија се вообичаени од 30 до 50 проценти неопределени и околу 40-50 проценти гласачи за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. На последната објавена анкета, нивото на определени гласачи, или гласачи определени за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не е значително од историскиот тренд. Второ, таа равенка може да се измени, на пример со добивање датум за преговори со ЕУ, или, пак, со јасно дистанцирање на ВМРО-ДПМНЕ од претходното раководство.
И во Македонија, на гласачко тело што реално е во намалување, сепак не станува за збор трета опција. Да се зборува за трета опција е неточно. Ваквото тврдење не е поткрепено само со фактот дека во Македонија има над триесетина регистрирани партии. Ниту пак дека има повеќе од десетина парламентарни партии. Да се зборува за трета опција е доста етноцентричен концепт, бидејќи надвор од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како парламентарни партии со самостоен настап се и ДУИ, Алијансата на Албанците (АнА) и Беса. Често сум коментирал за „големата четворка“, бидејќи веќе имаме најмалку четири стабилни политички опции, можеме да говориме за петта или шеста опција.
Земајќи предвид дека имаме релативно мало гласачко тело, со четири стабилни партии, односно дека гласачкото тело е веќе релативно фрагментирано, просторот за нови партии не е толку јасен и лесно достапен. Одредени искуства говорат дека веројатно е простор за нови политички партии да биде просторот што претходно го зазема постојна партија. Кај нас, АнА и Беса го зазедоа местото на ДПА, која е во целосна маргинализација. Такво е искуството и во регионот – јакнењето на нови партии да биде на сметка на постојните партии. Во Бугарија, Обединетите демократски сили беа заменети од националното движење „Симеон Втори“, а овие пак ги замени сегашниот ГЕРБ. Во Грција, СИРИЗА го зафати просторот на ПАСОК итн.
Покрај малиот политички простор, кој е релативно фрагментиран, втор предизвик е во претходните „трети“ опции. Некои од новите партии, како НСДП и ВМРО-НП, беа отцепени фракции од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, резултат на персонални, а не на идеолошки, несогласувања, кои по еден-два изборни циклуса повторно се претопија во партиите од кои се отцепија. Македонија имаше две изворни трети опции – Либералдемократската партија (ЛДП) и Демократската алтернатива (ДА). Во 1998 година и ЛДП и ДА беа значајни политички фактори, со по околу 10 проценти гласачи, на различните листи. Причините за исчезнување на партиите надвор од големата четворка треба да се бараат во отсуството на внатрешна партиска кохезија. Додека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ успеаја да ги надминат фракционерските расцепи и да ги вратат отцепените гласачи, тоа не беше случај со ЛДП на пример. ЛДП е настаната со обединување на ДП, Слободни демократи, ЛП и други партии, но со текот на времето полека се раситнуваше со излегувањето на ЛП, ДОМ и фракцијата на Стевче Јакимовски. По неуспехот со самостојниот настап на изборите во 2011 година, ЛДП не може да се идентификува по свои посебности. Оттука, гласачите влегуваат со недоверба околу новите иницијативи, стравувајќи дека на еден или друг начин нивните гласови на крајот ќе завршат со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.
И секако, откако ќе се преминат првите пречки, следува третата, можеби најголема пречка. Македонија е „заробена држава“, не само поради тоа што Владата ги контролира Собранието и судството туку и поради заробувањето на политичките партии и политичкиот натпревар. Тортевски е во право кога говори дека имаме „премиерски модел“ и „султан-партии“. Во „Слободни партии за слободно општество“ тврдам дека заробувањето на политичкиот натпревар започнува со заробување на сопствените политички партии, а се надградува со елиминација на „заканата“ од непартиски политички чинители и елиминација на конкуренти надвор од големата четворка (изборен модел и др.).
Оттука, пред секоја нова политичка партија стојат огромни предизвици. Почетокот треба да биде дека не се потребни нови лица („ново дете“), туку нови политики. И почетокот е слободна партија. Со среќа!
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #ТретаОпција #ТвојаПартија