Точниот одговор е дека тие 20 се целосно согласни за сите нивни национални приоритети и затоа нивната кинетичка сила е поголема и посилна од силата на другите 100, кои се длабоко раскарани, меѓу 51 и 49, по сите национални, битни прашања
Како е можно 100 да биде помало од 20!? На ова прашање дете од трето одделение ќе рече дека тоа не е можно, што е точно, затоа што така научило во неговото знаење за основите за собирање и одземање од 1 до 100. Во лекциите за помало-поголемо. Така е во сите учебници и така е во здравата логика. Но, во политиката логика нема! По минатите предвремени избори ДПМНЕ освои 51, а СДСМ 49 пратеници. Нивниот збир изнесува точно 100! Другите мандати се 10 за ДУИ, Беса 5, Алијанса на Албанците 3 и ДПА 2, или вкупно 20.
Владата што доби доверба во парламентот зависеше, исклучиво од волјата од тие што имаат само 20 пратеници. За да може новата влада да поживее малку подолго од шест месеци, мораше да се согласи на двојазичност на целата територија на Македонија, мораше да се согласи претседател на парламентот да биде од редовите на тие 20, позначајните државнички одлуки да се донесуваат со целосна нивна согласност и сл.
Дали сега е јасно зошто 20 е поголемо од 100?
Точниот одговор е дека тие 20 се целосно согласни за сите нивни национални приоритети и затоа нивната кинетичка сила е поголема и посилна од силата на другите 100, кои се длабоко раскарани, меѓу 51 и 49, по сите национални, битни прашања. Очигледно е дека тие ја заборавиле приказната од второ и трето одделение за таткото што им оставил аманет на синовите пред да испушти душа: зел десет стапчиња и секое поединечно го скршил, но кога зел пак десет стапчиња, но врзани во снопче, им го дал на синовите да го скршат, но никој не успеал. Веднаш разбрале дека единството ја прави силата. Токму овие зборови се запишани на зградата на бугарскиот парламент. На македонскиот нема никаков текст, никаква умна мисла, веројатно затоа што ни внатре нема нешто такво.
Во социофилозофските науки е утврдено дека секоја здрава нација, или народ, сеедно, има три ризници: материјална, духовна и национална. Во првата се планините, реките, морињата, шумите, езерата, рудите и сл., во втората се националната колективна меморија, литературата, музиката, сликарството, вајарството… а, во третата, најважната, е одговорноста на секој Македонец дека мора да му помогне на секој друг Македонец за да ги зачува неговите национални права и идентични обележја. Истовремено, тој Македонец знае дека и нему сите други Македонци ќе му пријдат во помош и поддршка и ќе му помогнат да го зачува неговиот национален идентитет.
Има ли некој што може да даде издржан аргумент против дека Македонците ја немаат таа трета национална ризница, дека ја загубиле некаде по беспаќата на историјата и дека ги чека неумитниот резултат: постепено, тивко и незабележително бројно смалување до…?!
Таа песимистичка прогноза нема да се оствари доколку, најмасовно што е можно, во практика се примени пораката од Мисирков, Делчев и од нивните другари и соборци дека е потребна РЕВОЛУЦИЈА ВО УМОТ НА СЕКОЈ МАКЕДОНЕЦ!