Политичарите, ако се исклучат оние што ги прават проблемите, се делат на две групи: оние што решаваат проблеми и оние што ги одложуваат. Поточно, ги маскираат. Притоа, овие вториве, го прават тоа мајсторски: се служат со методологијата на окрупнување. Кога имаат проблем, го ставаат проблемот во поширока група проблеми, зашто во друштво на покрупни проблеми, проблемот станува „помал проблем“. Тој модел е типичен пример за однесувањето на homo politicus, онака како што денес се сфаќа политиката: како политикантство, односно замајување на другите за лична корист. Умре и вистинската политика, онаа што решава проблеми. И светската политика сѐ повеќе се служи со замајување како „решавање“ на проблемите: секој поединечен проблем, било тоа да е терористички инцидент или „непослушна држава“, се става во поширока група проблеми. Така е измислен и Западен Балкан како „собирен центар“: тоа се држави со кои Европа „има проблем“. Кога се тие држави заедно, секоја од нив е „помал проблем“. Така, проблемот може да се влече до сто и едно и назад.
Рака на срце, овој начин на „третирање“ на проблемите не е само одлика на политичкиот човек. Тоа го правиме секојдневно сите и со тоа докажуваме дека во секој од нас се крие по еден homo politicus. На пример, треба да се исфрли ѓубрено од терасана. Не ми се излегува надвор. Што правам? Го ставам малото ќесе ѓубре во поголемо. Правам место за уште ѓубре, па кога ќесето ќе се преполни, ќе го ИСФРЛИМЕ. Не „ќе го исфрлам“, туку „ќе го исфрлиме“.
Оваа множина е доказ дека иако по професија не сум политичар (а дома сум домаќин), се однесувам кон проблемот како „политичар“. Политичарот без наводници (активистот) би го решил веднаш проблемот: би станал и би го исфрлил ѓубрето!
Истото важи и за „нематеријалните проблеми“. Колку пати сте си помогнале со автопсихосеанса, со „решавање“ животен проблем со тоа што сте го ставиле во поширока група проблеми? Во еден период на мојот постдипломски живот, заведен од убавините на Загреб, наместо да се подготвувам за испит по семиологија (имаше многу за читање, а не ми се учеше), скитав низ градот. Но, затоа, манијакално ги читав Стивен Хокинг и неговите расправи за космосот. Резултатот беше: самооправдување и смирување. „Што значи некакваси таму семиологија и што е таа наука битна, кога гледај горе на небото – секоја секунда се раѓаат и умираат милиони галаксии!“ гласеше алибито. Таа релативизација ме седираше сѐ додека не дојде крајниот рок за испит. Тогаш седнав и учев. Но претходно го одложував проблемот, на политикантски начин, со класична генерализација. Самиот себеси се замајував како што ги замајуваме децата: не гледај во испитот, еј глеј онде, глеј галаксија! Генерализацијата е маштеа на вистината: кога генерализирате, ги занемарувате посебностите на случајот. Така работат и несовесните лекари: нешто им личи на грип, па го класираат во грип, занемарувајќи некои симптоми што не се карактеристични за грип, а давајќи им предност на оние што се карактеристични. Затоа и им се случува да им егзитира пациент од слепо црево со дијагноза „грип“.
Кога веќе сме на темата „окрупнување на ѓубрето“: слатко се насмеав на последното фејсбук-писание на оној Каракачанов од Бугарија. Беснее човекот зашто сме им честитале на Србите верски празник. Па распали и по Заев и по Мицкоски, како наводни жртви на стокхолмско-српски затворски синдром! Каракачанов е типичен пример за стратегијата за која зборувам. Европа има голем проблем со него и неговите испади. Европа знае дека на момчето му се слошува среде текст и дека блуе шовинизам. Но исто така знае дека го примила во елитното друштво на другите европски вицепремиери. И што прави? Наместо да ја исфрли таа мала вреќа ѓубре, ја пакува во поголема, ставајќи ја со поголеми бугарски проблеми: криминалниот бекграунд на повисоки бугарски политичари. Така, Каракачанов, шовинистот и македонофоб, станува помал проблем.
Наспроти тоа, луѓето што вистински ги решаваат проблемите, ги ситнат, наместо да ги окрупнуваат. Тоа е НАУЧЕН (а не политички) пристап. Нема потреба овде да кажувам дека ситнењето се крие во логиката на секое научно откритие: сме го читале Рудолф Карнап. Во науката, ситнењето се вика АРТИКУЛАЦИЈА (расчленување) на проблемот и е предуслов за да се пристапи кон АНАЛИЗА на проблемот. Не можете да знаете какво е нештото ако прво не го расчлените. Ако окрупнувате, ќе тресете глупости. На пример, ќе кажете за поезијата на Блаже Конески дека „има многу стилски фигури“, ама нема да артикулирате кои: метафори ли се, метонимии ли се, фонолошки фигури ли се… И зошто се добри, ако се добри? Со исказот „во поезијата на Конески има многу стилски фигури“ не сте рекле ништо за нејзината вредност, затоа што и во лоши песни се случува да има „многу стилски фигури“, дури и премногу. Така, ако окрупнувате, опасно си играте со вредносни судови, па може да прогласите за генијално и нешто што е безвредно.
И ние, а не само Бугарите и Европа, го окрупнуваме ѓубрето. Пример: „реформите“ на историјата и образованието (само во економијата уште нема реформи, веројатно затоа што таму е сѐ како што треба: сиромашните и натаму им ги „окрупнуваат“ џебовите на богатите). Да се стави предмет како „историја“ „во вреќа“ со два-три други (веројатно проблематични, нејасни) предмети, само затоа што тој предмет е „проблем“ (сме имале „нерешени историски прашања“ со Бугарите), или само затоа што погрешно ја разбираме Европа како „аисториска“, е навистина окрупнување на проблемот, а не негово решавање. Наместо да се слушне науката, да се направи расчленување на проблемот, се оди на окрупнување: „заеднички“ личности, „заеднички истории“ и слични нешта.
Ние, како да сме последната паланка на светов, постојано калемиме странски модели без претходно да провериме дали имаат ОПРАВДАНОСТ; говориме само за нивна „одржливост“ (уште еден помодарски увезен поим). За мене оправданоста е поважна од одржливоста. Така, калемиме авокадо на македонска черешна, за да го задоволиме пазарот на авокадо. Но вистинското прашање е: ни треба ли нам воопшто авокадо при черешни? Не поаѓаме од своите, туку од потребите на другите, од кои зависиме за нешто многу апстрактно што го викаме „иднина“. А сѐ што треба да сториме е: да ги артикулираме нашите потреби како држава, за потоа да знаеме какво образование ни треба. Кинезите отвораат и затвораат школи според годишните потреби на државата. Точно е дека Кина не е во Европа (која ја имитираме), ама не и целиот светски ум во Европа.
Образованието е садење дрво: ако го насадиш криво, нема исправање, ќе мора да го сечеш. Старите пак велат: сто пати размисли пред да пресечеш дрво, ама сто и еден пат размисли пред да засадиш ново. Прашај се какво дрво, каде го садиш, кога и зошто го садиш? Зашто, и на најдобра почва лошо семе дава гнили плодови. Ние знаеме дека нашето образовно семе е гнило. Но некој треба да провери и какво е препорачаното европско образовно семе, пред да се посее: здраво или гнило? Тоа е работа на научната лабораторија, не на политичките кабинети. Политиката мора да ја слуша науката и да ѝ биде слугинка, не обратно.
Да не биде потоа: насадивме шербет черешни, излегоа кисели (и криви) краставици… Тоа секој ден ѝ се случува на политиката. На науката не смее!
П.С. Завчера во еден медиум се појави текст со наслов „Советник на Заев го раскринка сексуалното воспитување на Царовска“. Текстот цитира дел од мојата претходна колумна. Морам да појаснам четири нешта: 1. Јас веќе половина година не сум советник; 2. И кога бев советник, моите колумни ги пишував како Венко Андоновски, а не како советник; 3. Во насловот е ставена министерката Царовска, иако во мојот текст ја нема; да сакав ќе ја спомнев и 4. Не предавам на „универзитетски студенти“ во Србија, туку на Филолошкиот факултет во Скопје.