Бесконечен процес на израмнување на различното. Тоа е една од дефинициите на поезијата. Метафората служи различното да стане исто: за „брз“ може да се каже „сокол“ или „око“. Со тоа, три нешта стануваат исти. Но, тоа е поезија. Во неа се израмнуваат различни, ама, сепак, невидливо слични нешта. А ова е стварност, во која сосила израмнуваме видливо спротивни нешта: неписмениот станува писмен, дрскиот – храбар, а слабоумниот – мудрец. Како дојдовме до стварност во која и прдежот има општествени амбиции да се претстави како гром? Во изразов вулгарна е амбицијата, а не зборот „прдеж“.
Во општествата, „израмнувањето“ почнува со идејата дека сите луѓе треба да имаат исти права. Тоа е панпланетарното начело на есенцијалниот, трансисториски хуманизам. И, како и секоја сјајна филозофска идеја, така и оваа, кога ќе падне во раце на прости луѓе на власт, се деформира до непрепознатливост. Така пропадна и марксизмот, кој се залагаше за рамноправност. Но да имаш исти права како другиот, не значи по автоматизам дека имаш и исти вредности со него. А тоа почна во социјализмот: истите права се претворија во исти вредности. Сите гимназијалци станаа одлични, немаше многу добри и добри. Така е и денес: иако никогаш не сме имале повеќе неспособни, сите сме со дипломи. Исти. И бидејќи сме исти, „никој не е незаменлив“. Така гласи капиталистичко-корпоративната парафраза на хуманистичкото „Сите луѓе имаат исти права“. А вистина е токму спротивното: никој не е заменлив. Секој е неповторлив. Дури и најглупавиот човек е единствен, неповторлив космички настан: никогаш повеќе нема да има таков!
Сега, конечно дојдовме до последното израмнување на различното: откако признавме дека неписмените се писмени и дека манијаците се нормални, треба да признаеме само уште дека лошите се добри. Со таа последна алка ќе се комплетира синџирот на постмодерната деконструкција на сите можни идентитети, и тој ќе се затвори во волшебен круг од кој ќе нема излез. Ако се урне границата меѓу доброто и злото, злите дела ќе се претставуваат како добри и тешко ќе се разликуваат од нив. Холивуд веќе одамна работи на таа рехабилитација на злото: негативците од римејковите на Дизни добиваат „хуманистичко“ алиби зашто станале зли – затоа што некој ним прво им направил зло. Па, имплицитно се пропагира: ако ти прават зло, прави и ти, сине! Браво! Ако сите крадат, кради и ти. Што дека си убил? Па и други убиваат!
Покрај тоа што се амнестира, злото сѐ повеќе и се естетизира: монструмите во филмовите веќе не се одбивни, туку привлечни. Направени се како естетски објекти, нешто што на Аристотел му изгледаше невозможно. Естетизацијата на злото е негова релативизација. Се естетизира сѐ, дури и баналното: обична лименка пиво, преку перфектна реклама, станува конкурентна со женската убавина опеана од класичен поет.
Стварноста ни е расипана вага на која ѓулето и пердувот тежат еднакво. Некој напишал пет книги во животот. Некој едвај прочитал пет книги. Но денес вредат исто, зашто и едниот и другиот имаат медиум. Кој нема фејсбук денес? Тоа личи на демократија: навидум, сите имаме исти права да кажеме што мислиме. Но Пјер Бурдје опоменува (во книгата „Што значи да се говори“): не сме сите ОВЛАСТЕНИ за сите видови говор. Како професор сум овластен да држам предавања, не и да венчавам во црква, или да побарам од студентка да се соблече. За тоа е овластен лекар во студентската амбуланта.
Е, масовните, нови, „куќни“ медиуми го бришат ОВЛАСТУВАЊЕТО за говор. Тие служат да се УПРОСЕЧИ сѐ: интелектуални несреќни случаи им држат лекции на академици, ученици на своите професори, новинари на светски признаени научници. Цената на тоа „израмнување“ е дискурсот на ПРОСТОТИЛАКОТ. Па, дури и оние што се овластени да зборуваат на некоја тема, сѐ повеќе го користат своето (несомнено демократско) право да бидат прости како и другите. Стануваат вулгарни и острастени: се срамам кога од колеги, академски граѓани, читам вулгарности. Простотијата е отсуство на ПОЧИТ. А почитта е врвно својство на благородниот човек. Таа е скромност: ИСТОРИСКА свест дека некој пред мене барем се обидел да го направи истото тоа кон кое се стремам јас. И дека и да сум најдобар во нешто, не сум прв што го прави тоа. Токму затоа некои брзаат да се ослободат од историјата: тоа е ослободување од почитта, а почитта му пречи на острастениот човек да стигне до врвот на страста и власта: ЈАС СУМ АЛФА И ОМЕГА НА СЀ.
Благородниот човек не само што почитува туку и не бара да го почитуваат. Кај простиот човек е обратно: колку попрост, толку е поосилен и самовљубен. Простиот се цени многу повеќе себеси одошто се цени себеси оној што вреди. Вулгарниот бара сите да го почитуваат. Во годината на Конески сме. Јас не знам подобар пример од него (кој не го знаел лично, нека ја прочита неговата поезија) за благороден човек: никогаш не бараше почит, а ги почитуваше сите. Велеше дека од секого може да се научи нешто. Растеше на тој начин што се смалуваше. Смалувајќи се, помагајќи им на неуките да разберат, растеше во нивни очи.
Но масовните медиуми денес не вријат од простотилак и вулгарности само поради неразумната идеја: да бидеме сите исти според умот. Се случува тој простотилак и од материјални причини, зашто простотилакот се плаќа. Некои луѓе черечат луѓе со спротивен став, само за да им се додворат на партиите, зашто утре ќе побараат вработување, платичка, тендерче… И конечно, некој во демократското право на простотилак гледа психотерапија: шанса за самопромоција. Социјалните мрежи се идеален дискурсен простор за „реализација“ на сите фрустрирани и нереализирани личности. Тие им судат на натпросечните нарекувајќи ги медиокритети, со што си олеснуваат психијатриски: обвинуваат друг за она што се самите.
Така, се создава еден нов слој на зависници во општеството: МЕДИУМКРИТЕТИ, кои и својата просечност му ја должат на медиумот. Во спротивно би останале потпросечни и во трајна анонимност. Укинете им го приватниот медиум само три дена, и ќе се самоубијат. При тоа стекнување „слава“ со напаѓање „крупен плен“, напаѓачот има фиктивно чувство дека станува ЕДНАКОВ со оној кого го мачка со сопствената кал. Но никој не станал поголем со тоа што смалил некого, ниту почист ако извалка друг. Логиката „колку покрупна ѕверка гаѓаш, толку пославен стануваш“ е логика на ороспии во бордел. Ниеден крлеж не станал Крлежа со тоа што напишал: „Крлежа е медиокритет“.
Некаде прочитав, неодамна, дека соколот, кога ќе ја смали височината на која лета, го напаѓаат врани, групно: го колваат по вратот. Постои само еден начин да се одбрани: да полета повисоко. Враните тогаш сами паѓаат, зашто им се слошува од височината. Да, во природата се знае разликата меѓу врана и сокол, зашто тоа е праведна разлика. Ниедна врана не станала сокол, и ниедна овца – овчар. Тоа за животните, а за луѓето: праведно е да сме различни според заслугите, откако сме имале исти можности. Ама тие можности никогаш не се исти за сите. Сега за сега, на сите ни го даваат единствено правото да бидеме вулгарни. Умен ќе биде оној што нема да го искористи тоа право. Не се сите права полезни. Ниту се сите права.