Лека полека се склопува мозаикот. Па и богомилството како побуна против хиерархизираната, подржавена и фарисејска црква го пронесе имено од Македонија низ Европа до Атлантикот на запад императивот за враќање на првоапостолскиот морал и етика за богољубие и социјална правда, за што неговите следбеници беа по кратка постапка уништени од Католичката црква и богатото европско племство. Последната битка на живот и смрт се води во Монсегур во јужна Франција. Тоа е тоа, драг читателу. Оти, рековме, Европа лицемерно ја прими новозаветната причест од Македонија, понудена од апостол Павле и Лидија Македонката, и никогаш не стана христолика. Нејзе катедралите ѝ се само маска, и со црквата се служи онака како што се служи со неа Сатаната. Како што е тоа во „Легендата за пеколот“ на Лав Николаевич Толстој во која малото ѓаволче му реферира на Велзевул за изумот за детронизирање на христијанството. Му вели: „Ја измислив црквата“. За таа своја легенда генијот од Јасна Полјана беше анатемисан од синодот на Руската православна црква и таа анатема од суетните попови нему до денес, и по неговата смрт не му е повлечена, иако него увото го боли за тоа. Уште поексплицитен и аналитичен е Достоевски во „Големиот инквизитор“ во „Браќа Карамазови“.
Во него е дадена орвеловската слика на Католичката црква како архетипска за модерната западна цивилизација кон која тој не без причина како и Толстој имал анимозитет. За утеха на Европа за неа сè најубаво мислел еден друг руски гениј: Иван Тургењев.
Сега алузивно доволно јасно се доближуваме и до уште една причина зошто е, имено, Македонија трн во окото на Западот со целокупното културно-историско благо и искуство, почнувајќи од Александар Македонски, па преку христијанството и потоа со постхристијанската просветителска епоха, сè до денес. Оти цивилизацијата на љубов, космополитизам и социјална правда, на христоликост, што ја практикуваат Македонците од антиката наваму не се вклопува во римскиот цивилизациски концепт на Европа. Оти многубројни се и нецивилизирани, далеку од духот на културата и хуманизмот некои нејзини, а што не се малку, геноцидни потфати низ Земјината топка, почнувајќи од Индијанците во Америка до Абориџините во Австралија итн. Во тоа како што се гледа предничи железно рационалната со емотивен и хуманистички дефицит англосаксонска раса, до бескрај виталистичка, никогаш меланхолично, контемплативна и емотивно хаосна како словенската. За тоа нешто доволно експлицитно, драг читателу, стана збор и во претходната колумна посветена на македонскиот убиец, меѓу другото, британскиот надмен и суров лав Винстон Черчил, архетипска слика на англосаксонската супрематистичка раса, чие оличение се имено Британија и тој. Или тој и Британија. Сеедно. Исто е тоа. Постојат очигледни факти што ја потврдуваат оваа за некого произволна, дури и езотериска теза, која тој би ја свел на нивото на празна хипотеза. Но не е така, бидејќи се работи за злосторства против човештвото, кои не можат да се скријат.
Иако Западот се обидува тие злосторства да ги скрие, или ублажи со тезата дека тој ги цивилизирал и култивирал дивите и заостанатите, создавајќи од нив, како што би рекол перфидно Черчил, „стабилни системи“: почнувајќи од американските Индијанци и австралиските и новозеландски Абориџини, кои веќе речиси ги нема, или се држат како раритетни ѕверки во резервати, па сè до Македонците сега исто така ставени под строга експериментална контрола во западниот евроамерикански резерват. Тоа е тоа. Да не зборуваме уште за таквите „цивилизациски“ погроми на западните неолиберални „демократи“ и по другите места во светот, во Јужна Америка, Азија и посебно кај Црнците во Африка, најбожествената раса и најубавиот континент, кого евроамериканскиот запад го престори во ловиште на лавови и луѓе, робови, обновувајќи ја (потсвесно ли пак?) и тука како во Македонија во Преспа сликата на римскиот колосеум на Нерон и Калигула. Туку, за сè ова, за сите геноциди и културоциди на гордата западна неолиберална цивилизација, драг читателу, ти можеш целосно да се информираш во книгата на сјајниот француски антрополог Луј Вансен Тома „Антропологија на смртта“, на која не еднаш досега сум те упатувал. Тој сјаен Французин, кој ни најмалку не личи на Маркиз де Сад, на Робер Бадинтер, неговиот закон со геноциден мирис подготвен за Македонците, и на нашиот шармантен Тимоние, имал доблест акрибично да ги набележи и сјајно коментира геноцидните злосторства на арогантната западна цивилизација. Робеспјеровски праведно и точно.
Така. Иако Европа перфидно и перверзно се обидува да ги покрие своите злосторства од тој тип. Притоа таа за таа цел честопати се служи со добро испробаниот и понекогаш многу ефикасен метод: замена на тези.
Така, таа на пример, меѓу двете, а посебно по Втората светска војна ја фрли во оптек тезата дека гулазите на Сталин се руски изум, што е елементарна глупост, а за да ги скријат своите гулази. Првин гулазите на Британците со Индијанците во Америка и Абориџините во Австралија. А тука во заднина се и Французите. Шпанците, пак, пред сите нив си ја завршија работата со целосна ликвидација на три сјајни јужноамерикански цивилизации: Маите, Инките и Астеците. А тука се и заборавените тивки и мирољубиви Толтеци. А најсовремен, пак, можеби и најеклатантен пример на ставање на Европа на своите злосторства под тепих е примерот со забошотување на фашизмот од Втората светска војна, кој како што се покажа и од фројдовска гледна точка на потсвеста не е само германски, хитлеровски, како што му е во пропагандата пласирано тоа на светот, туку е всушност изум на темниот европски супремациски нагон за владеење со останатиот „непросветлен“ и „варварски“ свет, плус нагонот за бескрупулозно материјално богатење по секоја цена за што сведочи бескрајната низа на европските сурови колонијални походи и ограбување на цели народи под претекстот дека ги култивираат и внесуваат во цивилизациски „стабилни системи“ (Пак неизбежниот Черчил). И како се обиде Европа да го стави под тепих својот фашистички нагон, кој не е само германски, изолиран, и кој и сега таа во Преспа во Македонија го демонстрира, преоблечен во нова божем пософистицирана цивилизациска облека, ама јасно и повеќе од јасно препознатлив.
Тоа го стори на тој начин што Денот на победата против фашизмот го преименува во Ден на Европа. Што всушност сугерира дека Европа, а не некој друг (ајде, и заедно со неа) учествувал во победата над ова и денес актуелно зло. Добро. Ајде, ние Македонците во споредба со сите, имавме една грст жртви, оти сме и сведени на грст како народ, ама Русите бре брате имаа над 27 милиони жртви и први влегоа во Берлин и го закачија руското знаме на Рајхстагот. Па може ли и тоа од Европа перфидно и перверзно да се негира, без разлика што таа Русија и денес, заедно со американските каубои, сака бескрајно да ја оддалечи неа од Стариот Континент, туркајќи ја најглупаво (а тоа ќе ѝ се освети како што пророкуваат и Достоевски и Блок) кон Азија.
И сè тоа, драг читателу, добро го прави и камуфлира Западот, кој меѓу другото ја измисли и порнографијата за „ослободување“ на личноста, групниот секс и редица садомазохистички перверзии преточени во цивилизациски обредни свечености, прејадени од натрупаното колонијалистичко богатство под изговор дека добро и праведно функционира нивниот генијален дарвинистички изум: слободниот пазар. Па така во име на перверзната демократија на Брисел, ама под невиден притисок за влез во нивното морално атрофирано семејство, се појавија на сцената на од него „примитивниот“ Балкан и на други места, кои сакаат да бидат дел од таа аристократска цивилизациска елита, геј и лезбо-парадите на гордоста што е оксиморон. Да бидеме горди на тоа што сме геј и лезбејки? Што не ни се допаѓа планот на Господ за нас? Мое, пак, лично мислење тука, драг читателу, е дека бриселските политидиоти со тоа не ја ослободуваат геј и лезбо-популацијата од комплекс со таквите перверзни паради, туку истиот уште повеќе го зајакнуваат кај неа, и не се знае, според тајните и темни закони на психата кај, и каде ќе избие како обновен вулкан тој. Тука има и хуморни ситуации. Сега на ум ми паѓа примерот со чојска Црна Гора (најрусофилска, а прва скокна во прегратките на НАТО), која неодамна за да ја покаже својата западна „цивилизациска“ прогресивност, исто така, прва, ако не се лажам, на за Европа сè уште варварскиот Балкан, го промовира на сет глас законот за геј и лезбо-браковите. Нема што. А да не ми побегне мислата, драг читателу, во овој цивилизациски коментар, таквите и сличните идеи на оние од Брисел не можат да бидат пласирани, дури и со закана со затворена врата за влез во Унијата, доколку оние од Европарламентот и Советот на Европа во Брисел не се такви, со килав и разболен ерос на homo balkanicus. Ни Фројд не може да ѝ најде замерка на таа хипотеза.
Најпосле, по американскиот обновен по Хитлер фашизам со Хирошима и Нагасаки, еве го и Европскиот, кој не истраја многу долго. Само три години по победата над Хитлер, сега тоа се случи со Черчиловите евроамерикански бомбардери полни со смрт кои се упатија од Лондон кон Егејска Македонија за им ја исчистат неа на Грците од Македонците и да се сузбие во корен комунизмот што се беше појавил тука. Оти Черчил патолошки го мразеше него, па сега не како антифашист туку како фашист застана на страната на грчките монархофашисти на кои им помогна, убивајќи со напалм-бомби од пеленачиња до изнемоштени старци, да ги исчистат Македонците од родните вековни огништа, раселувајќи ги по белиот свет. Така, со Черчил, неговите бомбардери и масакрот над Македонците oд Егејот, драг читателу, значи и се обнови европскиот фашизам. Речи го постфашизам, или неофашизам. Исто е тоа. И почна со Македонија и Македонците. Но дали и случајно? Сè си мислам дека не, ако се следи текот на тој план со настаните на Европа околу „столченото племе“ од Берлин 1878, Букурешт 1913, Првата и Втората светска војна па натаму, сè до нашиот брутален идентитетски геноцид во Преспа 2018. Ништење на еден древен народ со неколкумилениумска длабока генеза, од Јафет најмалиот син на Ное по потопот па натаму, за што сведочи и најважниот религиозен и антрополошки документ на Западната цивилизација Библијата.
Што реши Европа во сојуз и со Вашингтон, за да ја уништи меморијата на Македонците и за Македонците, кои иако како што велеше Блаже Конески се столчено племе, сепак и такво од Беласица 914 наваму, макар и десеткувано во облик на крваво торзо, протејски се обновуваше и воскреснуваше. Што реши Европа за да го реши за неа низ столетија нерешливиот проблем со Македонија и Македонците? Се реши на исто така од неа добро испробаниот метод на ликвидација, која, парадоксално, мислејќи дека тие што ги ништат се глупи, тоа како кај нас го прикажува и како цивилизациски чин. Совршена перверзија на западната демократура, чии темели многу подиректно од блазираните Французи ги постави Черчил веднаш по Втората светска војна, за што веќе пишував драг читателу. Реши Европа да им го смени автентичното генеричко име на Македонците, суптилно, за да не се сетат Власите (Зошто Власите?), како што вели нашиот народ, само со една смртоносна, како американските атомски бомби, во Јапонија придавка. Северна. Студена како смртта. Дури и повеќе од неа. Страшна перверзија на Вавилонската ороспија, како што ја викаше Европа прилепскиот генијален фолклорист антрополог, писател и терзија Марко Цепенков. Ороспија со космичка вагина, која и за многу други, освен за Македонците (за нив најмногу) се покажа, со јазикот на астрофизиката речено, како сингуларитет, црна дупка што вшмукува сè во себе создавајќи од огнот пепел. Во македонскиот случај со Преспа: и апсолутна мемориска смрт. Така го замислила таа тоа, ама сè си мислам дека еден ден тешко ќе плати за тој грев. Оти господ нити ја напуштил, нити ќе ја напушти Македонија, а и Армагедон според сите знаци не е далеку.
А прашуваш што значи идентитетската смрт што ни ја стокми, под претекст дека ни нуди цивилизациска среќа и иднина, Европа, драг читателу. Значи, со целокупната неколкумилениумска историска и културно цивилизациска меморија на Македонците, бидејќи сега генеричкото име, голата есенцијална јатка Македонија, им се предава во сопственост на патолошки омилените „лицем светци, срцем волци“ (Прличев) Грци. неа, така огромна, Европа, како што вели Д.Х. Лоренс, по инерција ја трупа во отворената грчка вреќа во која е напикана и неговата омилена Етрурска цивилизација. Така е решен проблемот мôра за Вавилонската ороспија со Античка Македонија, што се тиска насилнички не само од Дројзен и германско-нордиската историска школа во рамките на хеленизмот, кои природно ги разбива и искокнува од нив таа, иако и денес тоа е догма на престижните европски универзитети како што се „Сорбона“, „Оксфорд“, „Кембриџ“ и другите. Сепак и таму има некои непоткупливи историчари и научници, кои го отфрлаат најголемиот европски Дројзенов фалсификат за Македонија и Македонците и ја говорат вистината. Така оксфордските професори Николас Г.Л. Хамонд и Ф.В. Валбанк во нивната „Историја на Македонија“ („Оксфорд“ 1988) категорички пишуваат дека „фамозната хеленизација всушност не постои и дека поправедно и поточно би било епохата која започнала со 334 г. пред новата ера, всушност со освојувачките походи на Македонците и нивните сојузници водени од Александар Трети Македонски во Европа, Азија и Африка, да не се нарекува хеленизам и да не се смета за хеленизација на Балканот, туку да се нарече македонизација на ареалот“ (цитирано според Лидија Славеска: „Македонската генеза“, Матица Македонска, Скопје 2008).
(продолжува)