Светлосниот утопизам на Тесла (4)

„Светлината за мене е Бог“ – Тесла

Сеедно. Едно е јасно. Теслиниот страв од бисерот, кој по дефиниција ја вика во свеста сликата на Жената, произлегува и од фактот дека неговата идеална свршеница (принцип на Вечно Женското за кое говори Платон, а од поетите трубадурите, Гете, Соловјов и Блок) најсугестивно за која се венчал тој е Науката. Со голема буква. Впрочем како можеби и секој ум со визионерски фасцинации. Фасцинантна е во таа смисла и онаа позната анегдота со Њутн, кога тој зјапал во јувелирските излози на Лондон за да одбере прстен за својата тазе свршеница. Да. Арно ама, за среќа или несреќа (оти во некои мигови нема граница меѓу тие два поими), тој налетал во еден излог на една прекрасна но скапа призма, која толку многу му била потребна за неговите фасцинантни, речиси алхемиски експерименти со боите со кои како света тајна подоцна се занимавал и Гете. Заклучокот, пак, од оваа за некого бизарна анегдота е дека Њутн го жртвувал венчалниот прстен за призмата. Со други зборови, ја жртвувал свршеницата за Науката за што му се заветил на венчавката пред Бог дека нема да ја изневери. Оти, како што велат теолозите при тој чин: „Она што Бог го споил друг нема право да го раздели“. Така.

А кај Никола Тесла, драг читателу, од сѐ што изнесовме досега гледаме дека таа врска меѓу него и науката како негова свршеница е можеби најфасцинантна во подрачјето на областа што го впрегнала умот во јаремот на рациото, а кого него тој како поет и шаман го ослободува од тоа заробеништво. За него служи непроверениот мит дека за да ѝ се посвети докрај на науката, како негова единствена интимна и космичка невеста, се кастрирал, иако јас, драг читателу, верувам дека таа кастрација не е биолошка, туку телеолошка во најдлабоката смисла на тој поим. Да. Оти просечниот свет е секогаш склон за подбишега, мижитатара со гениите што како Тесла и другите работат за негова благосостојба и среќа. Гениите што за нив ја играат улогата на кловн, сличен на оној од песната на Карл Сандберг, во која тие се смеат дури кога умира тој. Оти е кловн. Различен од нив граѓани на разумот.
Тесла совршено би ја разбрал оваа проширена метафора, дефинирана како алегорија. Да. Оти тие ситнодуши, мали и покрупни материјалисти, немајќи увид во неговите визии, кои како Архимедов лост го обрнуваат за негова среќа наопаку човештвото, го сметале неретко него како евтин магионичар што вади свилени шамичиња и зајаци од својот волшебен научен шешир. Еден од тие за нив „трикови“ е и оној, веќе спомнат, со кафезот кога Тесла ги препушта низ своето тело екстремните волтажи на струјата, без притоа да го повредат, како што ги повредувал со нив во понизок напон Едисон коњите за да го девалвира неговиот гениј. Со тоа тој, кој не му е ни до колената, сакал да го убие него. Но, разбирливо, не успеал, покрај другото и затоа што никогаш како Тесла не сфатил дека како фасцинација и феномен низ кој, како што би рекле претсократовците, се еманира и битието: „Струјата е Бог“. Оти тоа им е дадено само на ретките, вклопени во најнеобјаснивиот од теолозите и од кој било друг библиски концепт на предесинацијата во која сѐ уште пред создавањето поделени од Создателот даровите на неговата наклонетост и милост. Негде со товари, негде со едвај видливи атомски честички, а негде како кај политичарите ни толку. А кај Тесла тие товари на милоста од Врвното битие се истурени со безмерие и пред да биде зачнат. Апејрион. Етер без граници.

Едно е јасно, Тесла живееше во времето кога науката ги поместуваше границите отаде невозможното. И тој е пионер во тоа, наследник на Џордано Бруно, Галилеј и Коперник, овозможувајќи му ги своите футуристички идеи на тој план и патот на Ајнштајн, за што, колку што знам, модерната наука не се произнела многу за тоа. Пронајдоците на Тесла, посебно наизменичната струја меѓу нив, а потоа и безжичната технологија оставаат епифаниски впечаток на откровенија, колку и да се податни за логичко дедуктивно поедноставување на истите тие. Имено, тие се на некој начин откровенски како праизумите на архаичниот човек алатките, огнот и тркалото со кои тој ја почнал цивилизацијата и тргнал со големи чекори напред кон иднината. Но Тесла не е најголем меѓу големите само како научник, туку е тоа и како хуманистички утопист и пацифист. Тука тргнал уште од своето детство во сиромашната Лика со спознанието дека на човекот му треба повеќе среќа од таа што ја има. И ако неговиот руски близнак по утопизам Достоевски таа среќа ја гледал во елементот на Убавината, која ќе го спаси од катастрофа светот, Тесла, разбирливо, како научник неа ја гледал во изумите и придобивките на науката. И тој концепциски поглед на нештата тука меѓу нив двајцата е сфатлив. Рускиот гениј, кого некој може лесно да го прогласи за естетски утопист, својата утописка хипотеза ја изведува сепак, за оние што го познаваат подлабоко него, од логосот на христијанското православие што ја фасцинирало неговата руска душа и вербата дека човекот по дефиниција е христолико битие, но тоа го заборавил тој, па треба да го открие како есенцијална примарна Убавина за да ја оствари својата среќа. Во правец на таа негова размисла оди и неговиот утопистички проект за светот како теократска држава, постулирана на универзалните закони морал и етика што ги проповедал Христос. Тоа.

Ни утопизмот на Тесла, пак не се разликува многу од утопизмот на Достоевски за среќа на човекот и човештвото. Целта е иста, а разликите се, грубо речено, во „методологијата“ и нијансите. Тоа е и затоа што едниот гениј е уметнички ум, кој пред сѐ се потпира на езотериската енергија на душата, а другиот е строг сциентистички логос, но со божествено рацио, кое, платонистичко во основа, исто така не ја отфрла душата. Таа кај него го зрачи како микро така и макрокосмосот, осознaени како кај Кант и Шопенхауер како космичка тајна.
И Тесла е верник како и Достоевски, само на поинаков начин, со еден појасен „рационален“ мистицизам. Неговата вера, едноставно, како што би рекол Јасперс е поширока од која било официјална религиска идеја или догма и е еквивалентна на поимот егзистенција, кој е еднакво карактеристичен и за Исус, Буда и Мухамед. За секое обожествено човечко битие. Всушност, драг читателу, исто мислат и Достоевски и Тесла, само што патиштата до Вистината кон која се стремат двајцата се различни во истоста. Имено така, бидејќи и Тесла слободно можел да го постави пред своите изуми она фасцинантно откровенско мото на рускиот гениј: „Нема ништо пофантастично од реалноста“. А него тој, филозофски речено, од идеја го претворил во објект. Ама објект, кој, колку и да изгледа таков, дејствува откровенски како божја тајна со која човекот и практично се служи, како со праалатките, огнот и тркалото за остварување на својата егзистенција и среќа. Да. И, имено, она што е најфасцинантно за изумите на Тесла тоа е дека и по неговата смрт кога веќе науката речиси, според рецептот на Достоевски, целосно ги стави на терезија фантастичното и реалното, во што предничи теориската пред практичната наука, посебно со космолошките откритија на Ајнштајн и Хогинг, неговите практични научни изуми за практичната егзистенцијална среќа на човекот и човештвото во никој случај не ја губат магијата на божествена, или како што би рекол тој космичка тајна.

Имено, и затоа, можеби и потсвесно, Тесла ги потсетил критичарите на неговиот сциентистички прагматизам да бидат повнимателни во своите расудувања и да не се заплеткуваат во нивната плиткоумност на догматското рацио, кое само ги заматува работите, а не кажува ништо суштинско. Оти тие него го посматраат од нивото на електротехничари до кое стигнале со прилежен труд, и затоа за нив струјата е обичен технички пронајдок без никаква тајна, а за нејзиниот изумител таа е Бог. И тоа објаснува сѐ!
Да. Тесла ја сонувал човековата среќа, можеби интуитивно уште од оној миг на сликата на мачорот чии влакна искрат во темната личка ноќ, но сепак во него се јавиле јанѕи дека некои негови производи со амбивалентна енергија, за добро и за зло, ќе бидат злоупотребени од човекот што се одделил од Бог и божественото, заминал отаде границите на доброто и злото како што би рекол Ниче, а Достоевски, негов близнак (иако едниот утопист другиот антиутопист): „Ако нема Бог сѐ е дозволено“. На некој начин Тесла сепак го јадела јанѕата дека со експлозијата на модерната наука настапува и ерата на бездушната цивилизација. Но неа тој ја криел и од самиот себе. Имено, непоправлив утопист и страстен пацифист тој верувал до крајот на својот живот дека науката доведе до „обединување и хармоничност“, а не до раскол, планетарна шизофренија и несреќа. Притоа најмногу го имал на ум неговиот безжичен предавател. Вели: „Со негова помош насекаде ќе се репродуцираат човековиот глас и слика, а фабриките ќе можат да се постават на илјадници километри од водопадите, кои ќе даваат погонска сила: воздухопловните машини ќе летаат низ светот без застанување, а сончевата енергија ќе се контролира за да се создаваат езера и реки како извори на погон и за претворање на сувите пустини во плодно земјиште.“ Фасцинантно! Оваа Теслина идеја содржи во себе нешто од она магично Пра што е поврзано со првите денови од создавањето на светот од страна на Бог кога е сотворена сликата на Рајот, Едемската градина на изобилството низ која, сѐ до кобниот грев, среќно шетале нашите прародители Адам и Ева. Со еден збор, Тесла целиот свој научен гениј и страст им ги посветил на среќата на човештвото, на неговата материјална, но и духовна и душевна благосостојба, кои тој не ги одделувал од неа. Бидејќи тие два елементи, материја и душа, за него ја твореле целината на човековата егзистенција и среќа. Јан и Јинг во кинескиот распоред на нештата во таа област.

Интересно е, и пак до нивото на фасцинантен утопизам, убедувањето на Тесла дека „доколку се елиминира оддалеченоста во секоја смисла, со пренос на податоци, со превоз на луѓе и стоки, како и со пренос на енергија, еден ден ќе се создадат услови што ќе бидат темел на трајни пријателски односи“. Тоа, според него, ќе ги нивелира „надуените идеали на националниот егоизам и гордост, нешто што секогаш може да го фрли светот во примитивно варварство и кавги“. Каков што е впрочем и денес светот, кого не го опаметија ни двете светски војни во минатиот век кои ги доживеа тој. Тесла им ги нудеше на некои моќни влади своите „смртоносни зраци“, оружје што е тотално уништувачко за планетата, мислејќи наивно дека, поради страв од општа гибел, ќе престанат војните и ќе има вечен мир на земјата.

(продолжува)