„Светлината за мене е Бог“ – Тесла
На крајот и ја добил битката Тесла во „војната на струите“, благодарение не на неговиот гениј, кој бил во добра мера запоставуван од финансиските бирократи што барале евтини изуми за брза заработка, колку на неговиот челичен, прекален карактер, кој можеби покрај научниот гениј во себе ја содржел и генијалната супстанција на верата, неговото мистично искуство со неа. Оти само таа, како што мисли и Јасперс, може во нас да ја открие и озакони сликата на Сеопфатното, која Тесла ја гледал во сликата на универзумот, слично на халдејските пастири покрај Тигар и Еуфрат во Месопотамија, првите астролози и астрономи на човештвото. Верата, без разлика на отсуството на догматската црковна религиозност кај него, била неговата гранична ситуација, во која и апостолите во еден миг зачекориле по површината на водата, мислејќи дека како и Исус го можат тоа. Но се покажало дека не го можат. А, за разлика од нив, по аналогијата, Тесла го остварил тој подвиг. Тој знаел дека без челична вера не можат да се поминат логички омеѓените со рациото, со кое толку многу се гордее западната цивилизација, граници на науката, која тој секогаш мечтаел да ја вклопи во магнетното поле на поезијата, сметајќи ги и двете за едно исто. За разлика од Хајзенберг, кој до тоа спознание доаѓа a posteriori, без директното шаманско искуство на тој план на Тесла. Тесла, кој како и Киркегард меѓу двете контрастни егзистенцијални вистини „неможноста да се верува и неможноста да не се верува“, ја избрал, имено, втората вистина од тие два става. Првата им ја оставил на атеистите и материјалистите. Оти и неговата челична волја, за која Шопенхауер би можел да напише ново поглавје во своите филозофски списи на таа тема, а и Ниче да ја потврди својата теориска визија дефинирана како волја за моќ. Со таа разлика што тука Ниче мора да ја редефинира неа, оттргнувајќи ја од Галапагос и еволуционизмот на Дарвин, и да ја смести во сферата на божественото, кое тој толку многу го презирал. Во сферата на креационизмот, кој, сликовито речено, ја игнорира фазата на мајмунот, неопходна за да дојдеме до нашето божествено човечко лице. Па зар Исус, драг читателу, беше распнат на крстот како мајмун, или како човек? Како Човек-Бог.
Карактерот на Тесла може да се дефинира со еден единствен збор: фасцинантен. Карактер што му е подреден не на детаљот, туку на Целината, поим што уште претсократовците, потоа Платон и Аристотел, а по нив Хајдегер и Јасперс го вглобуваат во нивната теориска и егзистенцијалистичка концепција за битието и светот.
Некои ситни но важни детали ја откриваат Теслината челична волја, сѐ и најмалите на изглед нешта, кога ќе се нафатиш на нив, да се совладуваат како Целина. За тоа тој дава некои податоци во своите автобиографски записи, кои наместа се доста пикантни. Така тој голем поклоник на книгата раскажува како, во една пригода, почнал да го чита Волтер, но кога потоа дознал дека зад прочитаната книга постојат уште стотина тома печатени со ситни букви, на „тоа чудовиште што пиело седумдесет и два филџани кафе на ден“, паднал безмалку во очај. Но тоа не го спречило да ги прочита сите нив докрај со катарзата на крајот „Веќе никогаш!“ Со еден збор, фасцинантен карактер. Аскет, духовен и физички пустиножител, чија физичка тежина со децении не се качувала над 64 килограми. Тоа може да се забележи и на неговите фотографии, од кои најекспресивна е таа во неговата лабораторија, на која лицето на неа остава впечаток дека е целото создадено само од атомите на некоја неземна контемплација, амалгамска синтеза на реалното и фантастичното. Тесла тврдел пред Јунг дека сме антена на космичките енергии на кои сме изложени, а ние сме несвесни за тоа, што е според него причина и за нашето недоразбирање, до ниво на несреќа, со вселената како слика отпечатена врз пергаментот на нашата душа и битие.
Неверојатен карактер и гениј, кој секогаш се стремел да ги пречекори границите што важеле за непречекорливи во науката.
Нешто што ќе го прават и научниците во XX век, кога науката, особено физиката, хемијата и биологијата ќе направат неверојатни откритија, доближувајќи се речиси до генезата на свеста на самиот Создател како научник. Се открива радиоактивноста, се удираат темелите на квантната теорија и се оди до екстремни длабочини во генетиката, која ја урива целосно позитивистичката теорија на Џон Лок за апсолутното социјалното влијание за формирање на психата на човекот. И, обично во тоа уривање на старото спознание за природата и човекот, уривање на статичната механичка слика на вселената на Њутн, која така вехементно ја боготвори и Кант во својата „Теорија на небото“, главно се спомнува, без исклучок, името на ингениозниот Алберт Ајнштајн. Тој кој со својата теорија на општата релативност докрај ги потресува темелите на Њутновата гравитациска теорија што ја дефинира истовремено и сликата на вселената. Да. И тоа е точно. Но дали тука, драг читателу, не е запоставен Тесла, кој пред него, божествено интуитивен и спонтано без да ја има амбициозната намера на Ајнштајн, го прави по аналогија истото тоа што и тој. И тоа како замисла (а дури потоа и како практична реализација) уште за време на неговиот студентски престој во Париз кај од него многу почитуваниот професор по физика Пешел, за што тој пишува во своите автобиографски белешки. Имено, тој ни кажува за експериментот на својот професор со динамо-машината во која се јавувал проблем со четкичките, бидејќи многу искреле, по што тој му рекол на професорот дека моторот можеби може да функционира и без овие додавки. Притоа, професорот Пешел одговорил дека е тоа невозможно, едноставно неизводливо, велејќи му децидно на својот балкански студент: „Господине Тесла, вие можеби ќе постигнете големи нешта, но ова сигурно никогаш нема да го изведете. Тоа би било исто како константно влечната сила, гравитацијата, да се претвори во ротациска. Таа замисла за вечно непрестано ротациско движење претставува невозможна замисла.“
Но Тесла не мислел така. За него, имено, секогаш невозможното било приоритетен предизвик. Кај него, и сега по предавањето на Пешел, блеснал инстинктот, кој според него е „нешто што ги надминува границите на осознаеното“. На него се потпрел „со сета страст и самоувереност на младоста“. Оти тој рано проникнал во тајната на човековата вселена ‒ мозокот. Вели: „Несомнено е дека поседуваме пофини влакна што ни овозможуваат да перципираме вистини кога останува јалова логистичката дедукција или некој друг напор на умот“. Тогаш се вклучува светилката на интуицијата и имагинацијата, моќниот елемент на Теслиниот ум. Така, на крајот тој и успеал да го оствари невозможното за неговиот париски професор, да ја трансформира Њутновата гравитациска влечна сила во ротациска. Успеал да ја впрегне во своето ротациско тркало. Тоа е резултат на една крајно динамична имагинација, која и пред генијот на Ајнштајн ја наразува класичната слика на Њутн за строго утврдените закони и принципи што владеат со силите на природата и вселената. Тесла, всушност, и со својот револуционерен проект за безжичен пренос на енергијата како глас или слика на која било точка на планетата ја имал идејата за уривање и ставање крај на статиката што го ограничува и самиот ум во капацитетот на неговите научни визии. Визии што не се затемелени само на рациото на умот, кои сами по себе го стеснуваат неговото видно поле, туку и на тајните енергии на душата, кралица на интуицијата, која безмерно ја почитувал генијот од Смиљан. Оти онаа негова дефиниција „струјата е Бог“ најубаво го објаснува тоа, неговата алхемиска синтеза на умот (не разумот карактеристичен за просветителството) и верата. Во таа смисла, и како карактер тој е амалгам меѓу онаа дефиниција за поетот како „чуден човек“ (чудниј человек) на Лермонтов и, контрастната, на Пушкин како „обичен човек“ (обикновениј человек).
Чудноста на Тесла на некој начин е дури шокантна, како што биле, впрочем, во негово време шокантни и неговите изуми и научни визии, никогаш, па и денес неразбрани од лакомите капиталисти, кои него го гледале само како средство за умножување на нивниот капитал, за чиј вртоглав подем, имено, е енормно заслужен тој. Тој необичен чудак, кој според лично признание имал екстрасензорни сетила, па така можел да слушне гром на оддалеченост и до 800 километри, а кога минувал под мост чувствувал дека неговиот череп се дроби на парчиња. А имал и некои чудни, несфатливи фобии. На пример, „жестока аверзија кон женските обетки“, иако алките горе-долу и во зависност од нивниот дизајн му биле пријатни. Но добивал речиси нервен слом кога ќе здогледал бисер, иако бил фасциниран од блескањето на кристалите или на предметите со остри рабови и рамни површини. За она со бисерот, пак, можеме да си замислиме само како би се чувствувал Тесла, во каква агонија би паднал ако случајно за време на својот живот присуствувал на некоја охридска свадба на која невестата е ѓердосана со неколкуреден блескав охридски бисер. Или, пак, можеби тука е во прашање, ако посегнеме по клучот на психоанализата, „стравот“ во облик на фасцинација на научникот од невестата, а не од бисерот во кој во потсвеста аналошки е супституирана таа. Фројд се занимавал во својата психоанализа со некои колосални личности, како што се Леонардо да Винчи, Достоевски, Мојсеј и други, но изгледа не стигнал до Тесла, кој е веројатно и можеби побогат рудник за таква психоаналитичка експлоатација. Сеедно. Постојат доста примери за чудаштвото на Тесла и во сферата на неговата научна дејност.
За едно од нив тој ни соопштува во своите автобиографски записи. Имено, дека сите операции или постапки што ги извршувал тој морале математички, без отстапка, да бидат деливи со бројот три, а доколку нешто пропуштел при броењето и не се усогласувало со тој систем, морал да ја повтори операцијата, макар да му требале за тоа уште неколку или повеќе часови. Чудно, од кај на кај таа негова фасцинација со мистичниот број Три, кој би требало да биде фокусна точка на неговата научна имагинација што одела отаде границите на рациото, кое толку многу го негувало европското просветителство дефинирано со поимот разум, но не и со поимот Ум, нешто многу подруго од него. Оти разумот има граници, а умот нема. Разумот е лишен од вера, а умот не е. Разумот не поседува душа, а таа, како што неа ја сфаќал Тесла, е епицентар на умот. На интуицијата во него, што ја нема во разумот како претставник на рациото. Интуицијата од која можеби испловил на површина и фасцинантниот свет број три за математичките операции на Тесла. Веројатно дека тука архетипалната длабинска психоанализа на Јунг тоа би го поврзала со Светото тројство, кое, без да знае научникот, се искачувало од потсвеста во неговата натсвест како трансцендентална зона од која најмногу се хранела визионерската имагинација.
(продолжува)