Записи во несоница
Во своите скржави автобиографски записи, Тесла не говори за својата религиозност, но повеќе од извесно е дека него фасцинантно го привлекувал просторот на тајното што се крие зад предметната реалност. Работејќи експериментално во пределот на свесното, тој паралелно соработувал, како што би рекол Јунг, и со натсвесното, зоната на трансценденталното. Конкретно, тој ни кажува дека едно време бил заинтересиран и за феноменот на спиритизмот, кој цветал, имено, паралелно со текот на сциентистичкиот рационализам. За тоа интересирање Тесла му должи на пријателот, британскиот научник Кукс. Да, ама тој знаел дека спиритизмот, со кој, патем, се занимавале и Иго и Јејтс, не нуди длабински и вистински увид во тајната на нештата, бидејќи тој, имитирајќи го научниот експеримент, се занимава со мртвите и смртта, без притоа да го бара изворот на светлината во таа зона во која доминира темниот, а не светлиот ангел. И интересот за спиритизмот на Тесла трае кратко. Тој е длабоко свесен дека во археолошките слоеви на психата, човекот по дефиниција е религиозно битие, но без догматизмот на официјалната религија, која подоцна Маркс ја дефинира како „опиум за народот“. Тој што бил закоравен атеист, а сепак својата социјална и хуманистичка теорија, имено, ја изградил врз темелот на социјалната теорија на Исус, кој бил далеку пред него комунист со она: ако имавте две кошули, дајте му ја едната на оној што нема ни една. Да. Арно, ама капитализмот што го опсервираше и толкуваше Маркс не само што не го стори тоа туку му ја одра и кожата на оној што нема кошула. Тоа потсетува аналогно на онаа морничава сцена од монументалната слика на Микеланџело „Страшниот суд“ во Ватикан, на која Св. Варзоломеј му да покажува на Исус својата одрана кожа како доказ за страдањата на сиромасите, со што можеме да кажеме слободно дека генијалниот уметник на италијанската ренесанса е всушност Маркс пред Маркс.
Тоа. Малку долга, но потребна дигресија, драг читателу, за безбожноста на светот, кој не умее да ги препознае и вглоби во себе знаците на божественото, по чија загубеност ламентира и мојот омилен германски поет Хелдерлин. За разлика од Тесла, човек со челична волја, на која можат да ѝ позавидат и Шопенхауер и Ниче, кој сметал дека тие не се загубени и дека само секогаш и одново треба да ги откриваме и реафирмираме. Светото е насекаде околу нас и во нас, само ние треба во миговите на безнадежност да го препознаеме и откриеме за општо добро на човекот и човештвото. А тоа свето, тој микро и макрокосмички трансцендентален знак, шифра или симбол, е Бог. Тесла бил, иако посветен на радиото на науката, длабоко свесен за тоа, но надвор од теолошкиот догматизам, иако татко му бил свештеник. Тој до тоа спознание дошол целосно индивидуално. Веројатно потсвесно за првпат кога го галел на прагот од родната куќа во темната лична ноќ мачорот чии влакна произведувале светлина во која тој ја препознал божествената космичка енергија. Таа што ќе ги напојува подоцна за среќа и благосостојба на човекот неговите машини, кои се претходница многу подоцна на поетскиот футуризам на Маринети и Мајаковски. Енергијата што Индусите ја именуваат со поимот кундалини, во која се споени Атман и Брахман, а христијаните со Светиот Дух, тој што е конкретно задолжен за реализација на божјиот план. Сето тоа му било познато на генијот од Смиљан, колку рационално уште повеќе интуитивно, па затоа не е воопшто случаен неговиот парадоксален, за сциентистите шокантен одговор на прашањето на новинарот во едно негово интервју да го објасни феноменот струја, на што тој in medias res одговорил дека не е подготвен да одговори на тоа деликатно прашање. Имено, тој на новинарот му рекол дека нему ќе му го објасни поарно од него секој електричар, затоа што, што се однесува до него, струјата е Бог. Така. Сеедно што Тесла овој поим, кој е надвор сферата на поимското, го поврзува со она што го дефинира како космичка енергија. И во таа смисла тој никогаш своето сциентистичко рацио не го одделувал од изворот на космичката тајна супституирана во поимот (антипоим), што посебно денес нè збунува ‒ Бог. Има нешто парадоксално тука, оти мислам дека Тесла многу повеќе му бил приврзан на ирационалното, отколку на рационалното, можеби и со самиот факт што во алхемиска синтеза ги спојувал предметното и интуитивното. Она што, всушност, од искони го правеле поетите и мистичарите.
Да. Оти зарем е случајно што Тесла, како и поетите, мислел во слики, а во таа смисла и дека поезијата го фасцинирала, па покрај сиот џиновски научен ангажман наоѓал време да ѝ се посвети и на оваа духовна дисциплина, која не вреди ништо во денешното либералкапиталистичко општество. Тој е научник и поет во алхемиска синтеза. Оти тој сигурно би му противречел на научникот ботаничар, на пример, кој му објаснува на поетот дека дрвото не е никаква тајна, опишувајќи го дескриптивно неговиот раст од семката со рационалистичкиот еволуциски метод на Дарвин. Да. Ама тука научникот ботаничар не е способен да ја открие тајната на тоа кој е тој што го тера тоа дрво, скриено во малечката семка, да се крева од неа, да листа, цвета и да дава плодови. Тесла, пак, иако научник кој не може, по дефиниција, да дејствува без алатката на рациото, го знаел тоа. Го знаел бидејќи неговиот ум не бил само практичен туку и трансцендентален. Имено, и затоа неговиот најбожествен пронајдок – струјата има корен, и според неговото лично признание, не во објективното сциентистичко, туку во духовното трансцендентално спознание: „Струјата е Бог!“ Тоа, пак, се должи на неговата фасцинантна имагинација за мислење во слики, кои ќе се покаже дека се откровенски, директно диктирани и отворени како сферични кругови од врховната космичка тајна. Тој самиот, како што кажува во своите автобиографски записи, бил свесен за огромната моќ што ја поседувал за кристална визуализација на своите идеи, а потоа и за нивна конкретизација, да ги извлече на виделина сликите јавени на тенкиот раб меѓу сонот и јавето. Тој таа деликатна операција ја изведувал маестрално, со необична сигурност. Во таа смисла и вели: „Мене апсолутно ми е небитно дали мојата турбина ќе ја пуштам во работа во мислите, или, пак, ќе ја тестирам во мојата работилница“, и додава: „Дури забележувам ако истата таа не е балансирана. Нема никаква разлика, резултатите се исти. На овој начин сум во состојба брзо да разработам и да усовршам некоја концепција, а притоа ништо да не допирам.“ Фасцинантно.
Оти она што го направил Тесла, барем за материјална среќа и благосостојба на човештвото, никој не го сторил пред него. Па и по него. Тоа секако не се формулите на Ајнштајн. Рентген и Ларија Кири се сосема нешто друго. Доволно е во тој, некои би го нарекле исклучиво прагматичен изум, да ја спомнеме веќе на почетокот спомнатата струја, која, еве откровенско земно со небесен мирис чудо, наеднаш, за само неколку секунди, ја осветлува целата „светска ноќ“ (поим кој Хајдегер го исфрла во оптек толкувајќи ја поезијата на Хелдерлин). Го осветлува секој и најсиромашен ќош на планетата Земја. А Струјата како основна шифра на Светлината е само епицентралната точка од која се шират како кај биг-бенгот експлозивно сферите на обожествениот ум, сите до еден изуми на генијот од Смиљан. А тоа ширење, аналогно на Теслината имагинација, се одвивало со брзина како кај ниеден друг научник во историјата на науката. Можеби според тебе претерувам, драг читателу, премногу фасциниран од овој гениј, но не е така. Ниеден друг научник не оставил зад себе толку многу замислени и нереализирани идеи како Тесла. Просто, тој по сѐ изгледа не успеал сите нив ни да ги внесе во своите футуристички скици за кои не биле заинтересирани американските капиталистички тајкуни, бидејќи не носеле брз профит. Тоа што е примарно и за денешната модерна либералкапиталистичка цивилизација. Оти во времето на првобитната акумулација на капиталот, која Тесла ја затекнал во Америка, нејзе ќе ѝ биле важни големите откровенски изуми што ѝ ги понудил Тесла, а кои биле барем за едно столетие напред пред времето, туку ситните профитабилни откритија кои ќе работат директно во корист на капиталот. И токму затоа на американските бизнисмени многу повеќе им одговарале, во таа смисла, ситните дневно применливи и профитни изуми на Едисон, отколку футуристичките на Тесла, кои ја прескокнувале цртата на реалното капиталистичко време, без разлика што некои негови пронајдоци нему му дале невидена дотогаш elan vital енергија. Но Тесла никогаш не се обесхрабрил. За себе ја поседувал страста на творештвото, а неговите производи му ги подарувал на човештвото, мислејќи на неговата среќа. За таа страст и среќа, имено, и живеел како аскет во една хотелска соба во Њујорк, иако заслужувал кралска палата, која никогаш и не ја посакувал. Таков животен аскетизам и посветеност на дарот даден од Господ поседувале можеби само уште двајца што ми паѓаат на ум, но тие се од областа на уметноста: Микеланџело и Ван Гог.
Но иако неговите изуми биле револуционерни за развојот на новото индустриско општество и епоха на капитализмот, Тесла понекогаш, без да падне во очај, водел џиновска битка за да им ги разјасни нив на новопечените бизнисмени. Таков е и неговиот напор да ги убеди нив финансиски да го поддржат неговиот од егзистенцијален аспект најпрактичен изум двонасочната струја, која денес ја осветлува целата планета. Во него е вклучена и познатата таканаречена „војна на струите“, со неговиот главен ривал, кој со своите мали, за разлика од Теслините, но практични и многу поевтини за финансиска реализација изуми успеал да стане поголем миленик на парајлиите, притоа уште користејќи ја таа нивна наклонетост и за подривање на својот опасен конкурент, генијот дојден во Америка од зафрлениот Балкан, кој, за жал, и денес ќе биде сѐ уште темна зона во либералкапиталистичкиот Запад. Имено, токму затоа и ја одбил Тесла Нобеловата награда што требало да ја дели со неговиот недостоен и од научен и од морален аспект ривал, кој водел цела една валкана кампања во „војната на струите“ за да ги убеди финансиерите за концептот на својата еднонасочна, наспроти Теслината двонасочна, наизменична струја, која за разлика од неговата што едвај можела да го осветли Њујорк, била способна тоа да го постигне во целиот свет, до најзафрленото село во Африка, или во бескрајната Азија. А тоа не е мала разлика, оти неа е тешко да ја сфати и долови како слика рационалниот ум. За да го дискредитира изумот на Тесла, кој на прв поглед изгледал како некоја деструктивна шаманска магија, Едисон во својата валкана кампања одел дотаму што приредувал јавен театар на кој пред вчудовидената публика го демонстрирал неговиот смртоносен, демонски ефект, убивајќи со струјата на својот ривал невини коњи. И тоа навистина дејствувало убедливо. За да ја негира, пак, таа валканица Тесла како вистински научен шаман го извел, исто така пред љубопитната публика, својот сценски настап. Имено, затворен во еден кафез, како тигарот на Блејк, тој ги пропуштал молњите со екстремни волтажи на струјата низ своето тело, низ кое тие минувале без да го повредат него, небаре некоја спиритуална ангелска светлина пратена од небото во која Бог се јавува во сликата на светкавицата – (веда во значење на знаење во корпусот на индоевропските јазици).
(продолжува)