Денес тешко е да се замисли да се зборува за клучните аспекти на Втората светска војна во Македонија без за да се види вистинското место на војната во македонската историја. Еден од начините да се разбере војната е да се погледне во нејзините ветерани, борци.
Кога ќе ја видите денешната фотошопирана слика на „македонските борци“ од Втората светска војна, речиси осумдесет години од нејзиното завршување, соочени сте со една изменета извитоперена историска перцепција за неа. Гледајќи ги и слушајќи ги претставниците на Сојузот на борците од Народноослободителната борба, не можам да се изначудам како можат при здрав памет да евоцираат спомени за војната луѓе што се родиле по неа или биле деца за време на годините на војната. Можеби најдобро дополнување на сликата за овој рецидив од минатото е еден преземен цитат дека „сѐ во природата биолошки умира, само борците од НОБ никогаш“. Овие денес што се сликаат се репликант-борци. Личат како нив, зборуваат како нив, но не се вистински. Кога ќе се соочиш со генетички модифицираното лице на Сојузот на борци од Народноослободителната борба знаеш дека комунизмот сѐ уште живее во нашата држава. И знаеш дека една од последните креации на комунизмот ќе умре заедно со него. Или, пак, сме осудени на неговата долговечност, не дај боже бесмртност.
А дотогаш ќе мора да живееме со алхемиската реакција на комунизмот врз биолошката возраст на овие самопрогласени борци од Втората светска војна и со нивите приказни и „сеќавања“ за војната од втора рака. Секако, приспособени и прераскажани за потребите на политиката, сѐ во духот на новото време и новата ни држава, онаа северна Македонија, зад која безрезервно застанаа поганејќи го идеалот на вистинските борци за македонската национална држава. Сојузот на борците беше и останува менталниот инженеринг на комунизмот врз свеста на македонската јавност за војната и АСНОМ на генерациите што доаѓаат.
Наместо минатото да се смета за наследство што им дава значење на сеќавањата и симболите од историската борба на македонскиот народ, низ ваквото карикатурално постоење на организацијата на Сојузот на борците сеќавањата за Втората светска војна се претвораат во апстрактно наследство, податливо и подложно да служи за одредени политички интереси. Како во социјализмот, така и сега, во демократијата, спорните и фрагментирани толкувања на критичките настани од војната беа структурирани од и преку димензијата на културната меморија што ги одржуваше социјалните и политичките имагинации преку кои се обликуваа политички подобните ликови на борците на комунистичката трансформација на македонското општество по војната. За оние вистинските борци немаше место во вака креираното сеќавање за војната. За нив немаше место во Алејата на великаните, немаше пари за венци, ниту поздравни говори кога си заминуваа. Нивните партизански споменици (ордени за првоборците) исчезнуваа како што исчезнуваше нивната улога во новата историја. Беа осудени на тивко умирање, заборавени и отфрлени од општеството на подобните борци. Зашто нивните наративи за војната не се совпаѓаа со оние на официјалната мемориска повоена дивоградба во историјата.
Нивната вистина за војната беше поинаква и побрутална, поискрена и почесна, демистифицирајќи ја улогата на поединци во таа војна. Особено на оние што ги обликуваа политички релевантните спомени за Народноослободителната борба во Македонија. На оние од Алејата на великаните. На оние од повоените историски учебници. Не случајно велат дека револуцијата си ги јаде децата. Нашата револуција оддамна безмилосно ги изеде своите вистински чеда, оние илјадници млади луѓе што се жртвуваа за идеалите на оваа држава. Оние што засекогаш ја обележија Македонија со својата крв, своето здравје и тивкото умирање во осаменост.
Секаде во Европа со падот на комунизмот започна жестока борба што се одвиваше на полето на колективната меморија за Втората светска војна. Денес, референтните точки на оваа јавна меморија се радикално изменети, секаде освен кај нас. Кај нас Сојузот на борците на Македонија беше и остана чуварот на македонската искривена колективна меморија за војната, бришејќи ги оние делови од таквата меморија што го загрозуваа култот на комунистичкиот антифашистички отпор. Како на пример: масовните стрелања во Велес и Куманово, убиството на петте струмички студенти, погибијата на Кочо Рацин, предавството на Кузман Јосифовски-Питу, ликвидацијата на Панде Чесноска, Панко Брашнаров, Ченто и многу други. Сојузот на борците не дозволуваше алтернативна институционална меморија за овие злосторства и за луѓето што стоеја зад нив. Додека Европа и светот влегоа во „војна на меморијата“ со сите нејзини битки, прекини на огнот и компромиси, Сојузот на борците ја избра меморијата за војната како привилегирана област за интервенција, спречувајќи го секој обид да се изгради „сеопфатна меморија“, која вклучува нови елементи што не беа дел од претходната антифашистичка нарација.
Сеќавањето за војната и свесноста за настаните од минатото во оваа држава никогаш не се опремија за справување со темните страници од нејзината историја, креирајќи репликант-организации како онаа на Сојузот на борците, која слепо, заблудено и беспоговорно ја чува и денес колективната меморија на комунизмот, блокирајќи ѝ го патот на вистината. Онаа што некој и по триесет години независност не сака да биде слушната. За вистинските заборавени борци од војната што Сојузот на борци ги отпиша, ама затоа знаеше без срам да им бара членарина за организацијата. Човечки ниско и бедно.