Целите на способности за Македонија, за првпат по членството на земјава во НАТО, беа усвоени од страна на министрите за одбрана на 30-те членки на Алијансата за време на дводневните состаноци на Северноатлантскиот совет, соопшти Министерството за одбрана.

Целите на способности го покажуваат правецот во кој ќе се развиваат силите и капацитетите на НАТО-армиите. Тие се дел од планирачкиот процес на Алијансата и нивна основна задача е да ја зацврстат колективната одбрана на НАТО.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на маргините на овие состаноци остварила бројни средби со министрите од сојузничките земји на кои била потврдена заложбата за развој на меѓусебните билатерални одбранбени односи.