Протнувања

Мојата тема за протнувањата има осврт за еден посериозен тек на настаните врзани со процесот на имплементација на договорот од Преспа. Коѕијас поднел оставка… Бил длабоко погоден со Каменос по срце. Овој му почнал муабет за сиот камен што Сорос го „протнувал“ скришно по Министерството за надворешни на Хелас, а Коѕијас го трошел недомаќински. Навредата била поголема бидејќи Ципрас не испаднал храбар маж и не застанал пред него за да добие тој Каменос. Каменос, пак, удрил, бидејќи немало поврат на инвестицијата – ефекти кај северната страна.

Драмата ја раскажа „Екатимерини“, и на грчки и на англиски, целиот свет да ги „разбере“. Ме чуди само транспарентното наведување на причината за која се случила разделбата: злоупотреба на „протнати“ средства од некој неофицијален режисер. И деталот дека неефикасно се потрошиле. И се прашувам дали некои од овие фондови се „протнале“ и низ северната граница. И за што сѐ би се користеле за „поврат на инвестицијата“. И користам индуктивно размислување: ако режисерот снима филмови за медиуми, ЛГБТ-заедница, демократски процеси, политички кампањи и лобирање… ете каде се инвестирале „протнатите“ фондови. И стигнувам до тезата дека и тука поврат на „протнувањето“ немало…

А ние како да оцениме дали добро сме инвестирале со набавката на лубриканти за невладината организација „Егал“, за неверојатни милион и пол евра за дури 20 илјади пакувања по неверојатна цена од 75 евра за пакување. Дневниот весник „Вечер“ забележува дека за само една година овој фонд од 11 милиони денари во 2017 година, се „протнал“ со неверојатни 95 милиони денари. Наменети биле за „Програмата за заштита на население од ХИВ во Република Македонија 2018“. Клучни популации, корисници на оваа набавка, според пишувањето на порталот а1он.мк би биле мажи што имаат секс со мажи, сексуални работници и лица што живеат со ХИВ. Нели, лубрикантот се користи во „интимна средина“ и според уставните одредби за заштита на приватниот живот, нема да го дознаеме остварувањето на посакуваните резултати од буџетската инвестиција во оваа програма. Се плашам да не нѝ „протнале“ лош квалитет на лубриканти, поучена од повлечената кампања од надлежното Министерството за здравство дека кога ќе сме биле во ЕУ ќе сме имале поквалитетни вакцини за нашите деца…

Ама човече, гајле ми е за античката драма. Тука ние имаме европско-македонска драма… Дури и силно со лубрифицирани, според најнови европски и ОН-вредности и трендови договорот не се „протнува“. Ама веднаш потоа ми текнува. Коѕијас му ја кидна? Договорот од Преспа остана сираче. Едното пенкалце, она на првата страна не може да се повика на доследност на она што потпишало. Не дека ова пенкалце требаше нешто да потпишува пак. Нема кој да ѝ гарантира доследност на Хелас за договорот. Алексис ќе се заложел за исполнување. Не знаеме што значи тоа. Дали е ветувањето како она „привременото“ од 1995 година? И таму имаше грчко пенкалце, ама и тоа не потпиша вторпат, во согласност со договореното. И ми текна: Абе, тие веќе си ја завршиле работата, нам ни е редот. Веќе ни одобриле за да им дадеме, да си одземеме…

Па ми пролетува мисла, а да не е ова коњот од Троја што ни го оставија за „протнување“ на јужната порта? Како што секој „небањат“ можеше да забележи, сите обврски од договорот паѓаат на товар на втората страна. Дали воопшто е важно првата страна нешто да прави, освен што веќе потпишала? И така грчките пенкалца неретко потпишувале само еднаш, на пример Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Обединетите нации, како најзначајна за нашето македонско пенкалце. Значи, првата страна може да си одмори и да следи што се случува. Па ако пројде со „гаранцијата“ на само првото пенкалце, ОК… Ако не…

Најголема одговорност за неисполнувањето на договорените одредби ќе падне на второто пенкалце, пред сѐ тука, дома. И онака многупати македонските пенкалца потпишувале договори што ја обврзувале само македонската страна. Ние сме нација на која низ целата државотворна историја ѝ се протнуваат потписи на пенкалца, кои потоа ги „снемува“. И што правиме сега? Одиме нова тура „протнувања“ сами на себе? И до кога? И до каде? И за која „протната“ цена? И што потоа? Или? Можеби ќе се најде необременет и принципиелен политички лидер што ќе изјави: „Преговорите покажаа дека политичко решение за ваков проблем не се наоѓа. Компромис за нечии основни човекови права нема. Прекинуваме секакви преговори, кои ни кршат базични човекови права!“

Авторката е истражувачка, магистрантка на Општествен развој – ИСППИ