Во романот „Тегобност“ (во некои варијанти „Мачнина“), Сартр ја опиша егзистенцијалистичката празнина пред битието: онаа ЧУВСТВЕНА свест дека бесмислата, а не смислата царува со овој свет. За слична „мачнина“ говореше и Ками. Кај него мачнината се престори во апсурд: бесмислениот свет, светот без бога беше она што го фрла модерниот човек во тегобност, во носталгична луцидност, за коja, како и кај Кирилов на Достоевски (идол на Ками), единствениот чин на смисла е самоубиството. Со тоа „најважно филозофско прашање“ и почнува „Митот за Сизиф“. Постмодерниот човек веќе не е ни заинтересиран за потрага по смисла: ја наоѓа секаде, во огромни интертекстуални количества, како цивилизациски семиотички отпад. Така, тој РЕЦИКЛИРА смисла. Тој ја ПРОИЗВЕДУВА вистината (медиумите се „корпорации на вистината“), зашто верува дека таа не постои априори, туку како конструкција.
За една слична „тегобност“ сведочат редица денешни македонски интелектуалци во свои колумни: ја лоцираат како лингвистичка тегобност, која е последица на груба политичка редукција на смислата. Ако сме искрени, ќе признаеме дека веќе сите со нелагодност, дури и во уметнички текстови пишуваме „Македонија“, зашто должни сме да напишеме „Република Северна Македонија“. Нелагодност имаме и при користењето на придавката „македонски, македонска, македонско“. Таа тегобност ја потсилува и политичкиот процес на преименување низа институции што ја содржеа придавката „македонска“: на пример, Македонска опера и балет. Сега се бие битка и за премолчување на „придавката М“ од кратенката МАНУ. Придавката „македонска“ некому му пречи, па се заменува со означителот НАЦИОНАЛЕН.
Тој наводно аполитичен, а во суштина стопроцентно ПОЛИТИЧКИ означител влезе по академиите, универзитетите, театрите, а најверојатно ќе ја погоди и МПЦ. Проблемот е во тоа што ако се изостави придавката „М“ од насловот на сите институции, ако се замени (како што правиме) со придавката „национален“, чувствуваме дека имаме означител без свое означено. А означеното е смисла. Тоа значи: откако почнавме да ја заменуваме придавката „М“, се соочуваме со Сартровата бесмисла.
Многумина сметаат дека тоа е мала цена за нашиот пат кон ЕУ, која, парадоксално, не го бара тоа од нас, туку го бараат нашите соседи, а го остваруваме послушно ние самите, во интерес на некакво фиктивно, еднострано добрососедство. Тие наши оптимисти сакаат да ги видат државата и народот во семејството на европските народи, во што нема ништо лошо. Ама, малку знаат за придавките. И за тоа дека ЕУ е заедница на народи вљубени во придавките. Никој нема за легендарниот „мерцедес“ да каже дека е врвен „НАЦИОНАЛЕН автомобил на Сојузна Република Германија“, туку ГЕРМАНСКА автомобилска легенда. Ние, пак, се доведовме во ситуација да не смееме да кажеме „Македонска академија на науките и уметностите“. Наводно, тоа премолчување на придавката „М“ ќе било формално и ќе ги погодело само називите на институциите. Но работите не се толку едноставни во практика. А што ако напишеме „Историја на македонската книжевност 1830 – 1945?“ Во таа историја ќе мора да се спомнат и „Македонска крвава свадба“ на Чернодрински, но и „За македонцките работи“ на Мисирков. Ќе ни ги преведат и објават ли во Бугарија и Грција тие книги? За Белград и Тирана сум сигурен: да. Но нема да ни ги објават токму оние со кои имаме договори за добрососедство. Поради „проблематичниот“ идентитет.
Ама, што велат филозофите на јазикот за идентитетот? Ото Јесперсен, во својата „Филозофија на граматиката“, вели дека идентитетот се изразува во секој јазик преку номиналните зборови, од кои именките и придавките се најважни. Вели дека многумина мислат дека само именките (супстантивите, имињата за супстратумите) го носат идентитетот. „Јаболко“ наспроти „стол“. Да, тоа се различни идентитети. Ама идентитетот (како и поимот „стварност“ во филозофијата) е слоевит. Именките го даваат само она што Јесперсен го вика „класа поими“, односно парадигма: „човек“, „јаболко“. Но каков човек, какво јаболко? Тоа значи дека именките не се ДОВОЛНИ за изразување на идентитетот: „Вистинскиот живот, насекаде околу нас, нуди само конкретности: ова јаболко, на пример, сосема црвено од едната страна а жолтеникаво од другата (…) Бидејќи јазикот воопшто не е способен да го изрази сето ова со адекватна конкретност, во полза на комуникацијата, прибегнуваме кон занемарување на множеството поединечни, конкретни особини: зборот јаболко се применува за кое било друго јаболко… Во спротивно, би се нашле пред бесконечен број индивидуални имиња, што би водело кон барање посебни имиња за сите поинакви нешта, и тоа секој ден, секој час. (Otto Jespersen: The Philosophy of Grammar, London, 1975, p. 63)
Значи, економијата на јазикот се обезбедува со таа „општост“ на именката; сенчењето и спецификацијата на идентитетот остануваат задача на придавката. Затоа, придавката е поважна во идентитетска смисла од именката. Придавката емпириски го „верификува“ и го сенчи идентитетот: ЖОЛТО јаболко, ЦРВЕНО јаболко. Но таа може и да го негира идентитетот: ако кажете ГУМЕНО јаболко, тоа веќе не е јаболко. Ништо од неговиот идентитет. Така е и со Македонија. Таа има смисла само ако е атрибуирана со пертинетна (точна) придавка: македонска Македонија. Ако кажете бугарска, српска, грчка, Македонија, тоа не е Македонија. Како да сте кажале ЦРНО или СИНО јаболко.
Затоа, придавката е сѐ. Живот без придавки е живот без својства. Кој се откажал од придавките, се откажал од стварноста. Тука Јесперсен е немилосрден. Еве што вели децидно за придавките и стварноста: „Одговорот што мошне често се слуша е дека именките ги денотираат супстанциите (суштествата и предметите), а придавките – особините на нештата. Оваа дефиниција е очигледно создадена врз база на коренот на зборот супстантив (именка), но не може комплетно да нè задоволи. Имињата на многу нешта се изведени токму од една нивна особина“. Овде ќе го прекинам цитатот: нашите баби-домаќинки не го читале Јесперсен, па сепак знаеле дека за нешто да се нарече ЛУТЕНИЦА најпрвин треба да биде луто. Нашите политичари, кои не мора да го читале Јесперсен, а знаат што е лутеница, никако да сфатат дека нешто може да се вика Македонија само ако најпрвин е – македонско. А Јесперсен продолжува: „Од филозофска точка на гледање, можеме да кажеме дека ние ги набљудуваме нештата само преку нивните особини; суштината на едно нешто е збир од сите квалитети што луѓето можат на некој начин да ги доведат во врска со тоа нешто. Додека порано нештата се сметаа за реалитети per se, а особините – како да немаат присуство во нив, сега постои силна тенденција во спротивна насока: на нештата (супстратумите) да се гледа како на различни квалитети. Особините се тие што во крајна рака го конструираат реалниот свет…“ (p.74-75)
Тоа значи: во јазикот, придавките го создаваат „реалниот свет“ со неговите идентитети. Така вели Јесперсен. А тој не е член ниту на ВМРО ниту на СДСМ. Ниту, пак, на МАНУ: умира во 1943-та. Затоа му верувам: европски научник, Данец, кој нема никаков субјективен интерес за „македонцките работи“.