Искрено да кажам, не знам од каде и од кого потекнува изразот „двајца правници – три мислења“, но тој што го кажал тоа како да ја гледал ситуацијата со (зло)употреба на правото во Македонија. Ајде да речеме тоа да им личи на некои правници од подолните ешалони, ама на професори, доктори на правни науки, академици, уставотворци, законодавци, навистина не им личи. Нив и нивната наука најбезобразно ги згази политиката, тие станаа понизни политички слуги
Во мојата педесетгодишна професионална новинарска кариера речиси никогаш не сум се осмелувал јавно, во пишани текстови, да му давам совети некому што да прави и како да прави, како да постапува. Уште од првите денови во новинарството сум го прифатил советот на моите учители дека новинарот е тој што информира и изнесува факти, не е тој што треба некому да му попува, да му соли памет, што се вели народски.
Такви пораки даваат и книгите по новинарство, старите што сум ги проучувал. Новите можеби упатуваат на нешто друго, имајќи предвид дека сѐ повеќе новинари во своите текстови во весниците (и на порталите) се прават попаметни и од претседателот на државата, од претседателот на Владата и од редица други личности и, како да се грчки филозофи, даваат сочни, строги, дури и заканувачки совети кому ќе стигнат. Овој пат, за да не бидам во тренд, решив да им се придружам, да се приклонам кон нивното дрвено филозофирање. Во таа смисла сакам на големите политички партии да им препорачам во актуелното кандидирање личности за претседател на државата да не истакнуваат некој професор доктор од правниот факултет „Јустинијан Први“ или, пак, некој академик, член на Македонската академија на науките и уметностите. Зошто им го предлагам ова, ќе објаснам подолу.
Најверојатно некои од читателите веднаш со право ќе помислат дека се повикувам на лошото искуство што го има државата со сегашниот претседател Ѓорге Иванов. Неговата неспособност и неснаоѓање да го одбрани правото и на таа основа да си ја одбрани функцијата, внесоа низа смутови во државата, предизвикаа политички метежи што оставаат долгорочни последици. Неговото име и начинот на вршењето на функцијата може да послужат како терк за портретирање на македонското право и на високорангирани професори од Правниот факултет. Не за сите, туку за оние што се долги години учесници во креирањето на политичкиот и правниот систем да државата, што се активни или пензионирани, што ги гледаме на телевизии или чии изјави ги читаме во весниците.
Искрено да кажам, не знам од каде и од кого потекнува изразот „двајца правници – три мислења“, но тој што го кажал тоа како да ја гледал ситуацијата со (зло)употреба на правото во Македонија. Ајде да речеме тоа да им личи на некои правници од подолните ешалони, ама на професори, доктори на правни науки, академици, уставотворци, законодавци, навистина не им личи. Нивната наука, сосе нив заедно, најбезобразно им ја згази политиката, тие станаа понизни политички слуги.
Таквата нивна позиција се гледа во донесувањето и спроведувањето на законите.
Истите професори, истите доктори на науки што ги пишуваат законите, по некое време сами си ги критикуваат и пак истите тие ги менуваат старите законски решенија, носат нови, спротивни на претходните. Петмина таканаречени уставотворци или експерти по уставно право даваат шест различни толкувања за еден ист устав, за еден ист член, за една иста одредба. И никого веќе не чуди што истите тие во понеделник имаат еден став, а во петок, кога сложно мрсат, имаат сосема поинаков. Дури и двајца што пишуваат ист закон кога доаѓа до „стани-падни“ толкување имаат дијаметрално спротивни гледишта. Сето тоа го прават и без етика и без естетика. Не го одбранија правото што го проповедаат во своите скрипти, учебници, прирачници, стручни книги и упатства, го поништија и посрамотија она што им го предавале или им го предаваат на своите студенти.
Законите се правени како ластик – секој може да ги тегне како сака. За ист настан, за ист законски член, врвни професори, судии, обвинители, експерти, адвокати ќе се испотепаат да докажат што е што и на крајот излегува дека сите се во право и никој не е во право. На сите слабости во македонскиот судски систем, кој, како и државата, е во постојана транзиција, укажува и Европската Унија преку извештајот на Рајнхард Прибе, но и тие укажувања излегоа како ветер и магла. Многу теорија, редица симпозиуми, тркалезни маси, советувања и тренинзи не донесоа никакво подобрување во практиката, далеку е независното судство. Обвиненија, помилувања, амнестирања, притвори, куќни притвори, затвори, ослободувања, отфрлање обвиненија, корупција, фингирани процеси, сето тоа е подведено под една какофонија од објаснувања и законски недоследности. Вистина е дека судската независност не може да биде апсолутна во однос на другите власти, но ваков каков што е степенот на самопонижувањето во последнава деценија, досега и сега, не бил забележан досега.
Заслугата на таканаречените врвни професори и доктори на право за ваквата состојба е навистина голема. Правниот факултет „Јустинијан Први“ е најстарата високообразовна установа во Република Македонија од сферата на правните, политиколошките и комуниколошките науки. Основан е со Уредба на Владата на НР Македонија од 3 ноември 1951 година. Од основањето на Факултетот до денес нa правните студии се запишале вкупно 47.820 студенти, од кои повеќето завршиле.
Факултетот во целина сигурно не ги заслужува крајните негативни оцени за односите меѓу политиката и правото како за долгорочната криза на правосудниот систем, но не може да побегне од одговорноста за штетните влијанија врз општеството на дел од својот професорски кадар, особено од независноста на државата наваму. Почнувајќи од донесувањето на првите закони и првиот устав, кои, наместо формирање и воспоставување правна држава, придонесуваа од година на година да станува сѐ понеправна. Од транзицијата, од законите за неправедната приватизација, од менувањето на уставите и законите, од недореченостите и нејаснотиите во нив, државата до денес е во правен хаос, благодарение колку на политичарите толку и на нашите познати професори и доктори по правни науки. Тие не се покажаа достојни наследници на некогашните нивни непоткупливи учители.
Ете, приближно, тие се причините зашто партиите ги советувам да не предлагаат таков профил за кандидат. Сигурно има и други причини, од овие ад хок нафрлени, за некого увредливи и неприфатливи, но искажани во рамките на слободното изнесување мислење и слободата на говор. За МАНУ, која е спомната на почетокот на текстот, не би сакал да давам квалификации, за блазираното однесување на академиците кон политиката и политичарите е напишано доволно.
На крајот, колку за информација, за потсетување на читателите. Република Македонија на чело на државата имала тројца правници. Првиот претседател Киро Глигоров, правник од предвоената кралска југословенска правна школа, вториот Борис Трајковски, кој специјализирал деловно право и работни односи, и последниот, д-р Ѓорге Иванов, изданок на средната генерација професори на „Јустинијан Први“. Само Бранко Црвенковски беше исклучок, тој по образование е електроинженер.