Сега, една планетарна чума крстена корона, преврте сѐ на глава: глобалистичките занеси наеднаш се престорија во пекање за родните корени: сѐ што има напред – има и назад. Каде ако не во своето гнездо. Време на кружни летови, тешки животни премисли. И во туѓина има сонце, ама небото не е како нашето. А пустото, тоа е единствено и нема сајбија. Сентиментални давежи
Во Прага сум – со најблиските, на купче. Ме пречекаа моите стари другари од хорот на славеите, кои нежно ми најавуваат дека настапува нов ден, нова нафака. Ново разбудување на детството. И на денот што е пред нас. Славеите зиме се кријат во околината на Прага, докај што можат да долетаат, а кога ќе дојде пролетта си се враќаат на старите места во градот. Начуле, сетики, дека низ светот кружи некој бауч што се вика како чешката национална валута, ама ич гајле. Секоја камила си ја знае својата грпка, па и секој славеј си ја пее својата песна.
Не знам како да ја одредам мојата положба. Покрај сите глобалистички пуфки, сепак сум во туѓина. Сеедно што уште Старите Римјани рекле дека дома ти е таму каде што ти е убаво. Едно време туѓината се проколнуваше (туѓината пуста да остане…), па до вчера мнозина ја воспеваа (граѓани на светот, демек), купуваа странски пасоши, итаа да фатат џенемија, по корка леб. Да бидеш Македонец во туѓина, значеше да бидеш приврзан на традициите на својот народ.
Сега, една планетарна чума крстена корона, преврте сѐ на глава: глобалистичките занеси наеднаш се престорија во пекање за родните корени: сѐ што има напред – има и назад. Каде ако не во своето гнездо. Време на кружни летови, тешки животни премисли. И во туѓина има сонце, ама небото не е како нашето. А пустото, тоа е единствено и нема сајбија. Сентиментални давежи. Допрва сѐ ќе се премери, не сака брзање – барем ние, од нашите востанија, а и од современоста, би требало да знаеме какви се последиците од брзањето. Не попусто народот рекол дека брзајќи некој се….
Ќе мине и ова невидливо зло, како на кутре. Кутрињата денес и онака се на цена. Ама нема да биде „било-поминато“. Севезден ќе се потсетуваме дека – било. Сите сме исправени пред сопствените заблуди и, ако има наук, сме сториле нешто. Ако не, има уште бостан за поберка. А и жешки сонца, да ги омасоват изгорениците на кохортите – и на заблудените, и на аздисаните. Оптимистот: иднината секогаш е светла.
Песимистот: осветлени се и дворовите на затворите. Кашлање само во сопственото марамче, не наоколу. Минаа времињата на евтини прелаги, што не значи дека нема да има скапи прелаги. Нарамен со скапи прелаги, кога тогаш, секој излегува на беспаќе. Некој веднаш станува и бездомник. Кој лаже и краде, само што второво често се појавува како задоцнето ехо. Има многу безвоздушни дупки, каде што не допира никакво ехо. Додека не налета некакво цунами.
Туку, Прага денес: тука нема ни „з“ од какви било забрани. Се бараат маски на лицата и растојание од два метра. Само непрокопсани се чаталат, за инает. Тука не се забележува инает. Тивко е, секој со својата мака. Висока свест, дисциплина, самопочит. Нема дневни конференции за новинарите, а има дневни здравствени билтени: до денеска 137.409 тестирани, 6.151 заразен, 676 оздравени, 163 починати. Аждерот е запрен. Речиси од утре се отвораат пазарите, малите дуќани, фризерските салони. Па, големите, и така со ред. Во мај – отворање на музеите и галериите, како и на големите трговски центри.
Ќе се дозволат професионалните активности на спортистите со учество на 10 луѓе. Бавчите на рестораните ќе почекаат до 25 мај. Ах, да: платите не се намалени, нив државата ги субвенционира со 80 отсто, без око да ѝ трепне од вжарените глави на неолиберализмот. Сето тоа не се прави „од ракав“, ами сериозно промислено. Многу ќе зависи која линија ќе ја фати короната по неодамнешните велигденски празници. Коефициентот R за кој се вели дека е најпрецизен барометар на корона-состојбите и дека кога тој ќе се спушти под 1, треба да почне пакувањето за излез преку прагот од пеколот. Во сите чешки весници пишува дека тој коефициент е веќе 0,80.
Тоа, всушност, значи колку луѓе се заразуваат понатаму од еден заразен. Значи, 100 заразени ти носат 80 нови. А Р-3, на пример, значи дека ако денеска си објавил дека имаш 60 заразени, треба да очекуваш 180 нови заразени. Зошто тој податок не го објавуваат сите, знаат само господарите на податоците. Луѓе си шетаат низ градот и колку и да сакате, одат на пазар, а притоа нема да видите никој да не ја почитува оддалеченоста од два метра. Нема групировки, тајни и јавни журки. Ментална карта со цврсти корени.
Нова пролет во Прага, која имаше една славна и незаборавна во шеесет и осмата. Дигиталната глава на Кафка на Народниот плоштад, нонстоп се врти на сите страни. Не како надзорник, тоа го знаат и малите деца. Него го надзираат минувачите, а тие денес се такви оти го прочитале Кафка. И Храбал, и Кундера… И оти ги изгледале, во еден здив, сите филмови на Форман и на Менцел. Во културата се најдлабоките идентитетски корени. Минатото не е за заборавање.
Настрана од јавноста, министерот за здравство си ја брка својата работа, а ја има полни раце. Неговиот заменик, водечки епидемиолог, е моторната сила на оваа чешка битка: веќе е објавено дека ќе добие високо одликување. Пензионираните доктори, пак, се во бели мантили – самоиницијативно, не треба да им наредува никој дека треба да помогнат кога татковината е во неволја. Со години веќе докторите не се брчкаат во водите на политиката. Не се за на доктор. Никој не брза да отвори утрински весник: злото веќе се случило, не било предвидено за утре. Никој не продава катастрофични сценарија. Тука нема работа за Данте, кој беше наумил да избира достојни кандидати за пеколот. Блажен спокој и тишина. Тука ни поетите веќе не потковуваат муви.