Првобитна акумулација на демократија

Во такви драматични и турбулентни политички околности се одвива процесот на никнување и создавање на политичките авторитети, што најчесто се гради врз нереална подлога и многупати преставува кадровска импровизација, политичка мелодрамска бламажа, што е деградација и навреда за електорат со реални и видливи последици

Штом се собираат потписи за толку многу независни граѓански иницијативи за кандидати за советници речиси во сите поголеми општини, тоа е охрабрувачки за демократијата. Луѓето си се организираат. Сакаат да си ги заштитат куќите, дворовите, да си ги ослободат улиците, тротоарите, парковите… Тоа требаше да им го овозможат политичарите од партиите за кои гласале. Кога политичарите би си ја вршеле својата работа…

Патеките за економски и демократски развој, општествата треба самите да си ги пронајдат и изодат, а решенијата треба да почиваат на нивната историја, култура и традиција, но пред сѐ на потребите на граѓаните.
Состојбите, неразумните деструктивни политички прилики и неприлики, какви што имаме во последниве години во нашата држава, можат да ги блокираат демократските процеси, нанесувајќи им огромни штети на националните и државните интереси, да го намалат растот и да повлијаат на севкупниот развој и да му наштетат на државотворниот континуитет на многу начини. Но како што слабеат врските на избирачите со политичките странки и опции, поради редица „извесни и неизвесни“ причини, за што сведочат многубројните анкети и мерења на рејтингот, зајакнуваат личностите на поединци, кои стануваат важни во политичкиот живот, практика што во развиените демократии битно влијаела и придонела за т.н. персонализација на политиката.
Во такви драматични и турбулентни политички околности се одвива процесот на никнување и создавање на политичките авторитети, што најчесто се гради врз нереална подлога и многупати преставува кадровска импровизација, политичка мелодрамска бламажа, што е деградација и навреда за електорат со реални и видливи последици.
Безмалку апсурдна ситуација во нашата плурална практика, во која секој во оваа средина може да се поткрене и афирмира како авторитет, особено во недоволно созреаната и конфузна сфера на политиката. Своевидна првотна акумулација на демократија, што во извесна смисла го стеснува просторот и го ограничува дејствувањето на вистинските авторитети. Една од причините е секако нашиот ментален хабитус, кој и покрај многубројните декларативности и повикување на плурализам, толеранција, дијалог, силни заложби за европски дух и почитување, – едноставно не поднесува неистомисленици.

Преовладува мислењето дека кај нас секој може да се произведе во политички авторитет, но малку имаме политички личности во вистинска смисла на зборот, луѓе во чија вредност беспоговорно би поверувале, се разбира во една рационална и поднослива мера. Кога станува збор за политичкиот авторитет, во нашата мала и политички неискусна средина опстојува и преовладува мислењето за него како за ниво и човечки формат создадено од позиција на идеолошка определба, власт, моќ, интерес. Неможноста за создавање вистински авторитети во политиката во голема мера е резултат и на стилот на однесувањето на голем дел протагонисти на нашата плурална сцена, кои политиката ја сфатија и практикуваат пред сѐ и над сѐ како „конјунктурна дејност“. Ароганција, бескрупулозност, криминална приватизација, која остави триста илјади без работа, грабеж, корупција, егоистично и неморално однесување со реални последици по генерации. Тоа е дел во низата од причини што ги урна нивото и довербата во оваа сфера до степен на кој се доведува во прашање и самата онтологија на поимот политика.
Препознавањето и почитувањето на правите вредности е силно отежнато и поради лажните авторитети, кои јавајќи на бранот на конфузната транзициска реалност, вешто ја избегнуваат вистинската проверка на критериумите и со тоа дополнително ја дезориентираат и отежнуваат детекцијата на вистинскиот авторитет.

Авторитетот пред сѐ треба да претставува сила на нечие име изградено низ макотрпна практика, како врвен критериум на вистината, поткрепено со конкретни резултати и достоинство, некој кому нагорниот од и височините не му ги зашеметуваат рефлексот и моралниот човечки интегритет. Некој во кого безрезервно би поверувале и беспоговорно би го следеле до степен на морална и културна подносливост, некој што е подготвен своите економски, научни, уметнички, политички визии и, едноставно, човечки референции да ги вгради во напорите за општото добро, во реална и солидна човечка сегашност и иднина. Таквиот тип на авторитети на нашата политичка сцена се наѕира и профилира и во ликот на чесни, вредни поединци со резултати, визија и искуство и пред сѐ со висока одговорност и етика, што ќе ја ослободи политиката од сфаќањето за неа единствено како можност за профитерство, кариеризам, зона на бескрупулозни денунцијации, туку пред сѐ како заложба за општо добро, просперитет и конструктивна и нормална атмосфера.