Како последици од пандемијата и во првиот квартал од годинава во нашата земја продолжија здравствената, економската и политичката криза. Истовремено цените на храна и на другите давачки постојано се зголемуваат со што стандардот на сѐ поголем број лица секојдневно опаѓа. Реално кај нас има над 500.000 лица што се судираат со сиромаштијата, меѓу кои се загрижувачкиот број на невработени, на вработените со минимални плати и на многубројните пензионери со ниски пензии. Бројот на невработени значително ќе се зголемува доколку владините антикризни пакет мерки не се сеопфатни и доволни. Аналитичарите со право ја истакнуваат потребата од нови вакви мерки за потребите на економијата и граѓаните. Посебно треба да им се помогне на секторот угостителство и на конфекциската преработувачка индустрија, кои поради полицискиот час и пандемијата се најдоа во многу незавидна положба. Суштински потреби за закрепнување и ревитализација имаат и другите сектори на економијата. Сето тоа е погодна платформа за поголемо ширење лажни вести и говор на омраз. Оттука не случајно за вкупната пандемиска проблематика бројот на контрадикторни мислења, дезинформации, сензации, шпекулации, клевети и други слични дејанија секојдневно се зголемува со единствена цел за манипулирање на јавноста.
Во ноември минатата година најголемиот број заразени изнесуваше над 30.000 лица. Меѓутоа, најмногу починати, 46, во еден ден имаше на 8 декември. Истата бројка на оние што ја изгубиле битката со ковид-19 е забележана на 11 април 2021 година, а вкупната бројка на починати од почетокот на пандемијата во нашата земја на 14 април изнесува 4.322. Поради сето тоа на црната листа во Европа сме на трето, а во регионот на второ место. И не само тоа. На 7 април, Светскиот ден на здравството, кај нас е регистриран досега најголем рекорд од 51 починат во едно деноноќие. Како што истакнав и во претходната колумна објавена во весникот „Нова Македонија“, ваков ден треба да биде повод Владата да донесе одлука да се одбележува секоја година во знак на почит на починатите од пандемијата, со преземање превентивни мерки против предизвиците на епидемиите, но и за ширење на здравствената култура и за поттикнување за градење нови вредности на солидарност и човечност. Во тој контекст е и предлогот на семејствата на починатите од коронавирусот да им се даде надомест за погребните трошоци и за надгробни споменици. Сериозно треба да се размислува и да се овозможи бесплатно тестирање од ковид-19, како и покривање на трошоците за болничко и домашно лекување на сите заразени од овој вирус. Ваквите мерки, секако, ќе придонесат и за намалување на зачестените невролошки и психички нарушувања во голем број семејства. Сметам дека е добро што во вакви услови се одложи пописот на населението во нашата држава за септември, уште повеќе и што започна помасовна вакцинација.
Во овој период е забележителна и политичката криза кај нас, за што несомнен придонес имаше неочекуваното вето на Бугарија за почетокот на пристапните разговори за Европската Унија. Источниот сосед, членка на Унијата, како да ги заборави сите ветувања, така што во кампањата за нивните парламентарни избори постоеше очигледен натпревар во ширење лажни вести и тенденциозни манипулации со неосновани напади за негирање на македонската историја и нација и на македонскиот јазик и идентитет. Нелогични и несфатливи се нивните тврдења дека Македонците се вештачка нација создадена во 1944 година и дека имаме бугарски историски корени. Добро е познато дека македонскиот јазик е различен од сите други словенски и балкански јазици. За проблемите со овие прашања треба да се погрижиме и во соседските односи со Грција и со Албанија. Поради тоа, кај нас се чувствува потреба од создавање национален консензус за црвените линии, особено кога се во прашање нашата автентична историја, посебноста на македонскиот јазик и националниот идентитет. Единствено со северниот сосед Србија во последно време се забележани неколку позитивни чекори со заемно почитување. Како многу позитивен гест беше подарокот од Србија на извесен број вакцини против ковид-19 и бесплатната вакцинација на над 10.000 граѓани од Македонија, кои беа вакцинирани во Белград, Ниш, Врање и во други градови. Како наша благодарност, на српските возачи ќе им биде овозможено неколку месеци бесплатна патарина во нашата земја и намалување од 10 до 20 отсто на трошоците за престој во хотелите.
Загрижувачка е појавата што и за популистички цели лажните вести и говор на омраза сѐ повеќе се присутни во медиумите и социјалните мрежи. Преку пласирање лажни вести и непроверени информации што се далеку од вистината јавното мислење се насочува по нечија потреба или политичка желба што станува очигледен проблем во демократските односи во државата. Со неточно и нефер информирање често не се почитува ниту начелото за пресумција на невиност за сите лица, а се нарушува и со устав загарантираната приватност.
На тој начин како да се стимулира лагата да се шири побрзо од вистината. Мислам дека ова тешко ќе се искорени без законски одредби. Како што е познато, во Кривичниот законик не постои кривично дело за лажни вести. Во него казниви мерки се предвидени само доколку во јавноста преку интернет се шири расистичка ксенофобична информација што помага или поттикнува омраза, дискриминација или насилство против лице или група врз основа на национално или етничко потекло. Во такви услови сѐ повеќе е присутна потребата од квалитетно новинарство, со целосно почитување на Кодексот на новинарите, со етничност и човечки морал. Тоа, како и навремено и објективно информирање и пласирање кредибилни информации со проверени факти ќе може значително да придонесе за намалување на влијанието на лажните вести и манипулации. Во новинарската професија треба многу повеќе да се почитува правото јавноста да ја знае вистината и да се поттикнуваат довербата, човечноста и соживотот. Медиумите треба да бидат брана за лажните вести, а не да ги создаваат. Со други зборови, само со зголемување на довербата кон медиумите ќе може да се создава поголема позитивна колективна свест на луѓе што правилно ќе резонираат и ќе станат сериозна пречка за ширењето дезинформации.
Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба