Интересот за историските вистини и вредности, истражувањето и осознавањето на корените на традициите, кои го обликуваат личниот и колективниот идентитет во општествата, се една од кардиналните нишки во процесот на цивилизацијата
Аљоша
Симјановски
Дебатите, недоумици и дискусиите за архитектонските, споменичните и идентитетските дилеми кај граѓанството, чесната интелигенција и преостанатите во библиска Македонија не стивнуваат. Според информациите и одгласите во медиумите, во печатот, социјалните мрежи, скопјани уште долго нема да куртулат од градежните активности на централното градско подрачје, кејот и плоштадот „Македонија“. Непознаница и неизвесност и за тендерот што пред некоја година Министерството за култура го објави за избор на компанија што ќе гради „објект со скулптурална композиција“, реченична кованица зад која, според извесни толкувања, ќе бил затскриен новиот споменик на Мајка Тереза со дозволена висина од дури 32 метри. Следуваа реакции, негодувања во дел од граѓанството, „постмодерните експерти естети и интелектуалци“, несогласувања, поради нерационалните трошења, навреди, пцости.
Во походот кон европските и пошироки глобални интеграции, се наметна потребата за ослободување извесни идеолошки балкански толкувања на минатото од „историскиот ретуш и вишокот интерпретација“ како перспектива заробена во историските и идеолошки предрасуди.
Одненадеж во медиумскиот метеж и вртеж изникнува интересна вест. За мир во душите на дузината „заколнати македонски постмодернисти“, кои на историјата на уметноста гледаат исклучиво како на историја на ремек-дела…, а во архитектурата стриктно се против „кичот“ вообличен како неокласичен романтичен поглед и визури, и поблиски и подраги им се градбите од постземјотресно, кензотангеовско, постмодерно социјалистичко архитектонско обликување, од натур-бетон и футуристички градби и како УКИМ, МОП, споменици во вид на бомби, апстрактни обелисци и бравури во метал. Како идеја, и за мир во куќата, наместо последниот споменик на Мајка Тереза, да се изгради и спомен-композиција на Стари Словени / во крстозборите нарекувани Анти / како со цевки под вода го минуваат Дунав и се населуваат на Балканот. Можна локација беше местото – блага кривина, на потегот каде што Серава се влева во Вардар, на пристојна оддалеченост од поновата историска четврт на градот и флотата гемии на реката, заради претпазливост и опасност од идеолошко-историска контаминација. Такви се збиднувањата што се случуваат во /над/земските дејности, но од длабочините на површина изрти и никна уште една вест што ја разбуди љубопитноста на домашната јавност и одново како и секогаш во кусата неверојатна и непредвидлива историја на Балканот, ги вознемири соседите. Исцртани се границите на повеќе од 700 археолошки локалитети со утврден опфат и тие може веднаш да се вградат во Археолошкиот катастар, кој ќе биде прв во регионот и ќе опфати околу 5.000 локалитети утврдени со археолошката карта на Македонија, објавија вредните археолози.
Со децении од македонската независност и самобитност, античкото наследство, некако беше понастрана од погледот од толкувањата, прашањата и одговорите. Тоа си беше безбедно, длабоко закопано во земјените архиви, под карпите и под македонскиот плоден и животороден алувиум. Таму не смееше ниту да се чепка, а камоли пак проучува, истражува. Тоа беше мајдан резервиран за дивите копачи /а богами и „питоми“/ и трагачи по богатства и возбуди, кои немилосрдно откопува, распарчуваа артефакти, ги продаваа на белосветските колекционери за багателни цени, систематски го дробеа македонското ткиво, за што сведоштво е и едно дамнешно писание на стариот добар Марко Цепенков.
„Навистина треба човек да се чуди со тоа место во градо Битола или стара Битола покрај Букоо и Крстоар по тие чудесни изурнати стари јапии. Пред годиње имаше у нас еден еќим што го викаа Џаванаќија, тогај видовме рисјанин да води две жени, кокони, мислам оти тој ќе беше Немец. Џиванаќиа копа во Прилеп на некој места да бара азно, според како мислевме ние тогај у нас ништо не најде. Од кај нас отиде во Битола и тамо копал во букоското, тамо нашол некој антиќи од камен. Освен тој мнозина Френци и Немци ошле во тоа место букоското и копале по лозјата та нашле луѓе од мермер делкани: мажи, жени и деца. Едни од нив си и зеле, а пак едни и остаиле со изим од правотелството, турцко“, напишал Марко Цепенков.
Еве дури пред некоја година, век и половина по Цепенковото писание, заштита на културното наследство е озаконето, се изработува Археолошки катастар на подземната Република Македонија. Отпрво во овој капитален проект ќе бидат внесени градовите тврдини со цивилизациско значење. Според археолошката карта на МАНУ, во Република Македонија има околу 4.650 локалитети, згора на тоа и богата праисторија, неверојатно силна железна доба, и заедно со антиката, реално веројатно се неколку десетици илјади, па можеби и сто илјади, претпоставуваат археолошките стручњаци. Со Археолошкиот катастар подобро ќе се заштитат археолошките локалитети, што се со статус на културен ресурс, кој мора да се контролира и познава затоа што е неопходен и вклучен во современиот живот од повеќе аспекти.
Деконтаминацијата и постепеното ослободување од талогот, на одредени историски интерпретации за едно поинакво и различно толкување на минатото е само облик и обид за воспоставување баланс меѓу многубројните историски контрадикции произлезени од историско-идеолошкиот концепт за потребите на едни минати свршени политички концепт и време.
Во рамките на таквите трендови, се актуализираа прашања што налагаа извесна мека преобразба. Славење личности, изградба на споменици и музеи, кооптирање на собитија, содржини од новата, но и подалечната пребогата „премолчувана и заробена историја“, што кај „некои“ предизвикуваат дискусии, жестоки дебати, немир… во извесна смисла го разнишаа онтолошкиот статус на монолитот на доскорешното историско паметење, кое долго ни беше обврзно и поттурано.
Интересот за историските вистини и вредности, истражувањето и осознавањето на корените на традициите, кои го обликуваат личниот и колективниот идентитет во општествата, се една од кардиналните нишки во процесот на цивилизацијата. А Македонците на овие простори постоеле, вредно работеле, граделе и битисувале долго пред религиите и смешните атласи и географии и ќе постојат засекогаш и покрај тенденциозните дебати, недоумици и малициозни коментари.
Затоа треба историјата да живее, а бригадата за политичка коректност да ја остави намира. Бевме она што бевме, а сме она што сме. Историјата ни помага да станеме, историјата ни помага да се развиваме, историјата никогаш да не ја заборавиме.