„Од никого не барам ништо, од никого не очекувам ништо, јас сум слободен човек“, Никос Казанѕакис
Драга Европо, ти го пишувам ова писмо за кое знам дека никогаш до тебе нема да стигне, ти да го примиш, да го прочиташ и да ми одговориш на истото тоа. Ти го пишувам ова писмо, драга моја, точно заради тоа! Заради единствената можност што ти, драга моја Европo, отсекогаш си ни ја давала: слободно да ти пишуваме писма, а ти слободно да не ги примаш и слободно да не ни одговараш на истите тие!
Подоцна, тоа ќе го наречеш демократија, состојба во која ние можеме да ти пишуваме писма колку што сакаме, а ти слободно можеш да се правиш наудрена дека не си ги примила и слободно, во согласност со вредностите што малку подоцна од онаа првата, ќе ги наречеш – европски за никогаш да не ни одговараш! Но ние, иако свесни за тоа, не престанавме да ти пишуваме. Не, напротив. Колку што ти слободно не ни одговараше на напишаните писма, ние толку послободно уште повеќе ти пишувавме.
Со годините, драга моја Европо, и со писмата, научивме дека тие писма и не ти ги пишуваме тебе – туку на самите себеси! На нас, самите ние, во облик на писма до нас, до нашите деца и до нашите внуци. Писма што на чудесен начин секогаш, ама точно во тој момент кога треба, ти да видиш чудо мила моја, тие писма адресирани до тебе – стигнуваат до нив! Така, ете и јас, пишувајќи ти тебе, драга Европо, им пишувам на моите неродени внуци, а се надевам дека ќе се родат токму тогаш кога ова мое писмо треба да биде прочитано. Фала ти многу заради ова.
Да, навистина, јас не сум како од оние од мојот род, што неблагодарни од оваа единствена можност што нам, Македонците, ти бездруго љубезно ни ја чиниш, па како пред сто и педесет години оној Марко Цепенков, кој во писмото упатено пред тебе, наместо мила и драга те нарече: „Проклета и блудница Вавилонска“! Не, јас не сум таков. Јас, веќе сум сосема осознаен за себеси и сопствените заблуди. Па тој примитивен јазик од словенско потекло, на тој неук човек, со традиционалистички убедувања, постојано подготвен да пишува и раскажува приказни од својот и за својот народ, јас сосема го отфрлам како антиевропски и нецивилизиран пишувачки чин. Да, се срамам од тој подлец, кој правото да пишува го злоупотребил до толку што во писмата упатени до тебе, самоволно, морам сепак да признаам и со извесна намера и сознание за тоа дека писмата напишани до тебе во минатото, впрочем стигаат до нас во иднината, се распишал до толку што денес од тие писма до тебе можат да се објават цели томови во облик на литература!
Драга моја Европо, некој треба да го има ова на ум! Јавно предупредувам! Треба некој ова да им го каже на разните европски интелектуални другарки Колозови и Колбеви, па да преземат мерки за чистење на таа сѐ уште јавно присутна цивилизациска згура од некогаш постојната македонска нација! Нека иницираат санкции другарките за отстранување од рафтовите на сегашноста на тие заблуди на минатото, кое минато, признавам, јавно и отворено, е само еден непотребен и срамен товар, ветоштина и ѓубре натоварено на грбот на кутриот словенски северномакедонски народ и треба да се отфрли како болен и смрдлив заб што зјае во устата на нивната чиста и здрава европска иднина!
Се плашам, драга моја Европо, дека едно од тие подли писма напишани во минатото, пред некое време стигнаа до мене, тука и сега, во сегашноста! Па, така, сега пишувајќи го ова мое писмо, не сум сосема сигурен дали сепак, во него не се, можеби, измешани и делови од тие, погореспоменати инкриминирани писанија чија мрачна содржина, се плашам, (може да биде) да не – го има опседнато и делот на мојот ум, кој секако ти припаѓа тебе и само тебе, драга моја Европо, тебе и на твоите светли и уредени европски вредности!
Но, драга Европо, да преминам на писмото, што признавам во духот на во мене сѐ уште подмолно присутната традиционална форма на изразување со користење епски мотиви на повторување на определено дејствие во чисто лирските обраќања (кое, ете, го кажувам и се самоодрекувам од него!) е особеност присутна во некогаш постојната македонска народна поезија и проза, (сакам мојата јасна политичка коректност да биде забележана и наградена со патување до Европа!), а подоцна применета и од некои пишувачи на писма во облик на песни, раскази, романи, драми па дури и филмови, што во облик на инкриптирана, скриена форма на пишување писма до иднината и нивните родени и неродени деца и внуци лажно го нарекле авторско творештво и фикција, а себеси писатели и уметници!
Ги молам погореспоменатите европски другарки како и другарите Димитров и Малески на идните меѓудржавни состаноци на кои ќе се ревидираат сите заостанати форми на пишан македонизам, особено внимание да обрнат на тие субјективни елементи, што доколку не се избришат сосема од меморијата на новата северномакедонска нација, може опасно да ги загрозат процесите на европска и евроатлантска интеграција на нивната земја.
Но, ете, најпосле дојде моментот, драга моја Европо, да го започнам ова мое „Писмо до Европа“. Но пред да преминам на писмото, сакав само да напишам дека тие писма, кои веќе ги споменав, а по оној чуден пат, на оној чуден начин, кога ти се пишуваат писма тебе, а тие пак стигаат до нас, е оние што стигнаа до мене се клевети и лаги во кои тебе, мила наша мајко Европо, те обвинуваат за несправедливост кон тогаш сѐ уште постојните и самонаречени Македонци во само нивните вмровски глави замислена земја Македонија, а се однесуваат на некакви одредби од Сан Стефано, Мирцтешки спогодби, на одредени договори од Лондон, Версај, Јалта, Техеран, Варкиза, Охрид, Скопје, Преспа и Пржино, но и на некои идни договори со имиња на познати и значајни европски градови и места, што ќе се случат во иднината, а до мене стигнале или ќе стигнат според она тврдење на еден од оние што ти, драга Европо, ги нарече основачи на Европа, филозофот и тиранот Марко Аврелиј, кој непоколебливо напишал: „Само оној што си го познава минатото може да ја прифати сегашноста и да ја предвиди иднината“! Па така и јас како Византиец, како чедо на Румелија, сосема признавајќи ја неговата кралска власт, дрско се самоидентификувам со римското во мене и, ете, не се воздржувам да крикнам: „Ти благодарам од о кралу мој!“ Но да преминам на писмото, мила Европо.
Но само сосема накратко, пред да почнам, сакам да ти кажам дека јас еднаш, пред многу години, во далечната 1990 година сум ти напишал и испратил едно многу важно писмо, во кое, јас, во името на мојата генерација сосема, ама сосема во занес и безмерна надеж во тебе ги изразив сите мои очекувања за нашата тогаш, многу важна европска иднина. И како што кажав и погоре, драга Европо, нашите писма адресирани до тебе никогаш не стигаат, никој не ги прима и некогаш не одговара на нив, па тие писма до Европа, се впрочем писма до нас самите.
И, ете, триесет години подоцна, откако тоа писмо лутало по Европа на запад, Европа на исток, Европа на север и Европа на југ, и никој не го примил, по оној, пак повторувам, чуден начин се врати до мене: неговиот испраќач. Еве што сум ти напишал тогаш во тоа јуношко писмо: „Драга Европо, сега ние полека зачекоруваме кон тебе. Силно сме убедени дека ти во нашата земја Македонија ќе го испратиш оној дух на општото братство, љубов и заедништво, како што нѐ учеше во книгите за големата европска Француска револуција. Ние, драга Европо, силно веруваме дека ти ќе го замениш ова едноумие на комунизмот, таа зандана на слободните нации и вредности, со вистински европски достигнувања во кои сите народи ќе живеат еднакви и слободни со право да се самоопределат и самонаречат, во согласност со Хашката декларација, критериумите од Копенхаген и повелбата на Обединетите нации! Знаеме дека ти, мила Европо, ќе го замениш ова комунистичко безвластие со држава во која ќе владеат правото и праведните, наспроти децата на комунизмот и нивната жед за власт со сила и тиранија. Ние веруваме дека ти Европо ќе ја пазиш праведната распределба на општественото богатство и капиталот и дека ќе застанеш на страната на знаењето, образованието, личниот подвиг и трудот на поединецот наспроти грабежот и уривањата и војните! Ние сме убедени дека диктатурата на грст полуписмени самонаречени комунисти ти ќе ја замениш со демократија и диктатура на умот наспроти клиентелизмот, партизацијата, корупцијата и власта на богатите и опортуните. Силно веруваме дека слободата на говор, на мислење и пишување ќе бидат берлинскиот ѕид на надежта преку кој нема да премине никој и ништо.
Убедени сме, драга Европо, дека еднаквоста пред законот и можноста секој од нас да учествува во современите текови на европското живеење нема да бидат заменети со влада на терористи, криминалци, бандити, олигарси и примитивци што ќе се наречат твои верни слуги европски! Веруваме дека до крајот на патот до тебе и твојот дух ќе стигнеме според тоа колку сме вложиле и заслужиле да се наречеме слободни и еднакви граѓани, а не според тоа колку сме се понижиле, онеправдиле и самоодрекле од себеси и од своето. Копнееме и веруваме дека и нашето сонце еден ден ќе сјае како ѕвездите од твоето знаме. Затоа што и сонцето е ѕвезда, нели?!“
Го читам ова писмо од мојата младост, кое триесет години талкало по европските друмови и стигнало таму каде што било испратено – до самиот себеси! Некој, драга Европо, може во неговиот поетски занес да рече дека ова писмо до Европа е можеби само една младешка заблуда и верба во чесноста и доблеста во онаа што оној на почетокот споменат лажен пишувач на народни песни и приказни, Марко Цепенков, кој сега ми е сосема јасно – зад грбот на народот се криел себеси и своето творештво. Не за друго, туку заради тој истиот народ, кој денес, само и единствено заради него и заради тоа што пишувал во негово име може да се нарече народ со дух и посебност што не може да се уништи и одрече од никого и никогаш. Па дури и од оние што го прават тоа во твое име и на твоја сметка, драга моја Европо!
Не го кажувам ова, за и јас да се скријам зад народот. Јас само се обидувам да напишам писмо до моите неродени внуци, за да знаат дека сите не знаеле дека писмата до Европа немаат адреса, никој не ги прима, не одговара на нив и не ги враќа назад на испраќачот. И, секако, не го пишувам ова писмо за да ги разубедам да не пишуваат писма до Европа. Напротив, да пишуваат. Затоа што, драги мои, кога еден ден ќе го прочитате ова писмо, ќе посакате да ѝ напишете писмо на некоја Европа, убедени дека сѐ што ќе побарате да ви се даде, ќе го добиете единствено и само и доколку вие самите си го создадете, онака како што самите знаете и умеете. И, драги мои, секогаш сетете се на вашиот предок Никос Казанѕакис и не барајте од никого ништо! Не очекувајте од никого ништо! Само така еден ден ќе може да се наречете слободни луѓе, а вашиот народ слободен народ! И сега, најпосле, ете, ќе го напишам ова мое писмо до Европа. „Драга Европо, како сте по дома? Јас сум добро и ништо не ми треба. Секако, ништо и не барам. Од тебе ништо и не очекувам. Од денес, драга Европо, по ова писмо, јас сум слободен човек!“
Авторот е режисер и универзитетски професор