Ајде да почнам по обратен редослед: темата за сексуалното образование во рамките на училишниот систем воопшто не е нова. Она што дефинитивно ми пречи е што целата таа работа, како и сè друго, се става во контекст на нашата европеизација и европска интеграција. Демек, за да бидеме напредни Европејци, треба да сме во чекор со прогресивните текови и во најинтимната сфера на човечкиот живот. Колку се „напредни“ покажуваат и обидите за забрана на абортусот во Полска (на што жените се кренаа на нозе и ја натераа власта да се повлече), но и најновиот бриселски скандал за оргии во кои учествувале и европратеници – и тоа среде забрани и рестрикции поврзани со заштитата од коронавирусот. Додуша, за вториов скандал велат дека е димна завеса и дефокусирање од некои многу поскандалозни работи што се случуваат во Унијата, а овде како нарачано им дојде што голиот пратеник е токму од непопуларната Фидеш (партијата на Виктор Обран). Кога сме веќе кај сјајот и бедата на бриселските куртизани, овие ситни човечки гревови и слабости (перверзии?) се мачкина кашлица во споредба со она што се прави на јавна сцена.
Еве, на пример, последната порака на комесарот за проширување Вархеи упатена кон Македонија (дека треба да им излезе во пресрет на барањата на Бугарија), мнозина ја протолкуваа и илустрираа како порака до жртва на силување од која се бара малку да ги подрашири нозете за да му олесни на силувачот, а притоа и да се обиде да ужива во чинот. И така, навираат преспанските сеќавања за Македонија како мома што ја мажеле во богата фамилија, па морала да гувее и да ги прифати барањата на младоженецот. Во бугарската сага, „маженава мома“ станува или ку*ва или жртва на (балканско) семејно насилство. Што е со фамозниот „патоказ“ за кој бладаат владините претставници и специјалните пратеници? Според нивното однесување, јасно е дека се апсолутно вешти во сите садомазо и фетиш-комбинаторики (ама како да го заборавиле „безбедносниот збор/код“ – или можеби комплетно уживаат не во педесет, туку во сто и педесет нијанси на сивото). Побесрамно и субмисивно однесување на премиер на држава не сме виделе, не само ние туку и тие другите, прогресивните. Објаснувајќи ни ги опциите пред кои стои Македонија (т.е. сите ние), се јавуваат и искусни новинари, кои тврдат дека кога ќе ти го бапне магарето ем се преживувало ем можеби и не е толку лошо, во споредба со каснувањето на змијата. Многу сликовито, многу јасно и „поучно“.
И среде сета оваа разузданост, растечени лиги по тој темен предмет на желбата (моќ и Брисел), се отвора дискусија за „сестрано сексуално образование“, кое, замислете, ќе почнело среде пандемија, кога децата од основните училишта се на онлајн настава. Би рекле, уште до тоа им дојде! Националната платформа за редовната настава доживува фијаско, ама затоа Мила (со нејзиниот НВО-бекграунд) сега ќе ги просветли децата за сексуалноста. Да се разбереме, мислам дека поголемо безобразие и перверзии има на ТВ-вестите и дебатите отколку што може да има во некаква (макар и најлоша) програма за сексуално образование. Освен тоа, во 21 век треба да си со умот многу застанат за да не знаеш дека младите не чекаат некој да ги образова на училиште и дека од сè помала возраст влегуваат во светот на сексуалноста. Тоа е резултат на сите алтернативни средства за доаѓање до информации, па и „нагледна настава“ (преку интернет-страници што за време на пандемијата дури и станаа бесплатни), но и поради фактот што сексуалноста стана и политичка валута (идентитетска политика, woke идеологија), ама и комерцијално добро. Македонскиот систем (а верувам и другите во околината) е доста назад во однос на она што реално се одвива (и во она што се нарекува Запад), ама брза да стане „модерен“. А таму интимата е претворена во јавна забава, виртуелен секс (што пандемијата само го зајакнува и така дополнително отуѓува човекот од човек), деформација на еротската љубов во егзибиција и физички подвиг. Се согласувам со мојот пријател Жарко Пуховски кога вели дека воведувањето сексуално образование го потсетува на задолжителното учење на марксизмот (во наше време): т.е. ако сакате на младите нешто да им се одмили, воведете им го во училишната програма! Од друга страна, не само што упадот на државата е драматичен туку сега е дополнет и со параметрите на идеолошкиот конструкт „Запад“ (како олицетворение на слобода и на прогрес). Така, во една преписка на оваа тема се зборува дека „сеопфатноста“ на сексуалното образование ќе ги надминела биолошките и технички аспекти на сексот, туку тоа ќе ги опфатело темите како родови идентитети и сексуални ориентации, ХИВ и други болести, насилство, различност итн. Децата ќе дознавале од информирани и проверени извори за овие теми, наместо да се оставени сами на себе, вели познавачот.
И заклучува: „Интимата е многу често тоа под коешто се прикриваат многу проблеми. Тоа што е интимно, не е секогаш исправно.“ И кога ќе го чуете зборот „исправно“ во контекст на интимата, еротиката и сексот, треба да ви се вклучат сите аларми. Но ако за време на Грујо се вклучуваа едни аларми, сега се оди во другата крајност: во име на сеопштото образование за сексуалноста, некој (Кој? Системот? Државата? НВО-експерти? Меѓународната?) ќе одлучува што е исправно, а што не е. И тука завршува човековата слобода. Консумацијата на сексот, без вистинска физичка и психичка сатисфакција, е најчесто бегство од сопствената осаменост, отуѓеност, анксиозност (која сè почесто се „лечи“ на порно-сајтови, инстантно), бегство од егзистенцијалните и други (реални) проблеми, барање начин да се биде „прифатен“, па дури и „почитуван“ итн. И нема човек што не минал низ тие несигурни и кривулести патеки, особено во младите години, но верувам дека нема човек и што стигнал на крајот на патот на откривањето на себеси и на својата сексуалност. Тоа е „проект“, работа за цел живот, а сатисфакција може да постои само ако истражувањето се води без притисоци однадвор како треба да изгледа тоа, што е модерно, што е напредно, што е прифатливо, а што не. Не сум фан на Жижек, но една статија ми остави силен впечаток: „Човечката сексуалност е инхерентно перверзна“. Низ сексот човекот не само што се поврзува со другиот туку и со самиот себе. Сега, државата (либералната) се обидува да биде толкувач и да му помогне да се најде себеси во она што е модерно, што е (наводно) ослободено од стеги.
Парадоксално, но стегите се многу посилни од претходните, па, така, рака на колено се смета за непочитување или сексуално насилство. Бунтот против патријархалноста и сфаќањето дека сексот е грев, корисен и дозволен само кога се работи за брак и репродукција, сега се заменува со наводно широко отворена палета на сексуални идентитети (и, би рекле, за разлика од првото што бара премалку секс, ова второто го глорифицира како идеологија, и тоа примарно идентитетска – небаре само преку сексот (и родот) човекот се очовечува). Од друга страна, паралелно со ова, има безброј „патокази“, упатства, стандарди за тоа што е сексуално вознемирување, а што е дозволено – па, така, ќе ти се одмили и помисла на еротска љубов со толку правила. Голем број центри на новото просветителство нудат проекти, грантови, експерти и што ли уште не за сексуално будење, ама спомнувањето на сиромаштијата е рамно на пцост. За тоа децата не само што не учат туку треба да го прифатат како „нормален ред на нештата“.
„Нашиве“ се неспособни да го организираат образовниот систем и за поедноставни нешта, но решиле по секоја цена да учествуваат во создавањето нов човек, по мера на (наводните) западни стандарди. И како и секој проект на „создавање нов човек“ од идеолошки, но и други побуди, и овој се одвива „одозгора надолу“, со „патокази“, со насоки што е „исправно“, а што не е. Во моментов има недоумица дали е апсолутен приоритет редизајнирањето на Македонецот/Македонката или неговиот сексуален живот, или двете – па може да се онадува додека му го менуваат колективниот идентитет во аморфна маса, но за возврат во интимната сфера ќе му откријат безброј други можности. Структуралното и културното насилство од социјален тип се легитимира како нормално, а токму авторитарниот образовен систем е сега столбот за паралелните инженеринзи на кои е подложено и младо и старо.
Накратко, да, треба да се ослободиме од многу предрасуди и во однос на себе и на другите, но револтира нивната намера своето безобразие, бесрамност и онаквање во здрав памет да го претстават како конструктивност, напредност и патриотизам, додека наводно го модернизираат образовниот систем со проекти за „сеопфатно сексуално образование“. Можеме сеопфатно да одиме по ѓаволите… Иако некои институции се дигаат. Што би рекол Оскар Вајлд, сè во светот е во врска со сексот, освен самиот секс. Сексот е во врска со моќта. Кај не се знае каде почнува државата и каде завршува (нејзиниот) секс. Вуди Ален е во право кога вели: „Дали е сексот валкан? Само кога е добар.“ Во политиката е обратно, но во македонската и силувањето ви го продаваат како прогресивност.