Настани, симболи, алузии
Во периодот кога треба да се составува новата влада на Република Северна Македонија, најверојатно под покровителство на СДСМ, односно на Зоран Заев, наместо да изнесувам претпоставки и актуелни согледувања, решив на читателите да им ја понудам приказната за кралот Архелај, лик од несподелената заедничка македонско-грчка историја, поточно од нивната митологија. Намерата ми е преку неговата личност, идеите што ги имал и делата што ги остварувал да укажам како еден владетел околу себе избирал состави и лица со кои соработувал и на што посветувал внимание за напредокот на државата и на нејзините граѓани. Во рангирањето по успешност на македонските антички династии, Архелај Први се вбројува меѓу првите и се смета за еден од најголемите реформатори во сите сфери на државното уредување пред времето на Филип и Александар.
Владеењето на кралот Архелај Први е еден од најзначајните периоди во историјата на Античките Македонци, бидејќи го издигнал македонското кралство во еден од клучните политички и економски фактори на балканската историска сцена, а македонската престолнина станала еден од најзначајните културни центри на своето време. Освен тоа, водел и умешна надворешна политика, јакнејќи ги односите со соседите, од што неговото кралство имало само корист. Владеел само 14 години, а делата што ги оставил траеле со векови.
Архелај Први (413 -399 пр. н.е) со денешни зборови може да се опише како владетел што работел на големи проекти, со осмислена програма и со нејзина целосна реализација. Тој е оној што го удрил камен-темелникот на градот Пела за да биде македонска престолнина на кралството наместо старата Ајга. За остварување на таквиот градежен подвиг не распишувал тендери и не договарал бизнис во четири очи, не барал мито или нешто за себе, туку ги повикал најпознатите архитекти на тоа време и ги слушал нивните совети. Му препорачале да ги исуши мочуриштата западно од Солун и на тие терени бил подигнат современ урбанизиран град, кој бил оценет како нов цивилизациски дострел на архитектурата.
Во преземениот инвестициски бум, Архелај ја обновил целата патна инфраструктура, со санација на старите и пробивање нови патишта, подигнал тврдини низ државата за да ја штити од разните напади. Ја развил трговијата со Атина и заработил многу пари извезувајќи големи количества дрва од шумите на македонските планини, дрва потребни за изградба на бродови и правење весла за нив. Имено, Атина имала очајна потреба за дрвена граѓа за обнова на флотата, а погледите биле свртени кон македонското шумско богатство. Кралот, од своја страна, во економската соработка и во таа странска инвестиција ја гледал својата вистинска шанса за остварување на сеопфатно подготвените политички, економски, воени и културни реформски цели во државата.
Освен во економско профитирање од извозот на дрвената граѓа, Архелај гледал и осигурување на безбедноста од атински воени дејства против македонското кралство, но и обезбедување поддршка за иницијативи во градењето нови политички односи во корист на македонските интересни сфери. И не само со Атина, Архелај постојано тежнеел да има добри или барем одржливи односи и со Спарта, зачувувајќи ги притоа својата фактичка неутралност и еднаква воено-политичка дистанца при нивните спорови и војни. Обилно користејќи ја трговијата како адут, сфаќал дека тие врски ги зближуваат народите и дека комбинирана со мудра дипломатија носи заемно позитивни ефекти. За таа соработка, за тоа меѓусебно разбирање и добродетелство, атинскиот народ му изразил благодарност со посебна повелба.
Само со една одлука ја осовременил војската и ја зголемил повеќекратно, одобрувајќи првпат и сиромашните селани да служат во тешко вооружената пешадија, право што дотогаш го имале само поимотните Македонци. Со таквата историска одлука направил поширока социјална дистрибуција на парите насочени кон посиромашните слоеви. Значи, ја зголемил вработеноста, но не во администрацијата, го проширил списокот на оние што земаат државни пари а ја бранат државата Архелај уште пред 2.400 години пред Исусовото сметање на времето им посветил посебно внимание и на оние дејности за кои на македонските политичари им е најмала грижа од независноста наваму. На културата, на образованието и на уметностите, дејности што во современата македонска држава се оставени на маргините на политичкиот и општествен интерес Значи, сестраните реформи и полната каса биле добра основа и за културен подем на македонското кралство. По примерот на старите хеленски тирани, лично се поставил како мецена за збогатување и развој на духовните, културните и уметничките творечки дејности: на литературата, театарот, музиката и сликарството и до спортот, сфери на кои во денешна Македонија речиси од никаде или сосема малку им се обрнува внимание.
Угледувајќи се на примерот на својот татко, кралот Пердика Втори, кој во Македонија ги поканил прочуениот лекар Хипократ и дитирамбскиот поет Меланипид, Архелај на кралскиот двор во престолнината Ајга на трајно населување и работење поканил филозофи, музичари, лекари, поети, драмски автори, оратори и други културни дејци, сѐ што било голем и признаен ум во тогашниот хеленски свет. Не ги избирал по национален клуч, по квоти и проценти, туку ги повикал како творци и советници најдобрите и најпознати во неговото време.
На македонскиот двор престојувале прочуениот атински трагедиограф Еврипид, хорскиот лиричар Тимотеј од Милет, епскиот поет Хојрил од Самос, атинскиот трагички поет Агатон, прочуениот фрескосликар Ѕевксид, атинскиот историчар Тукидид, кој го напишал славното дело „Историја на Пелопонеската војна“, и други познати имиња. И сите, знајни и незнајни, оставиле трајни дела живи до денес, како што се драмите на Еврипид или списите на Тукидид. Не успеал да го придобие само славниот филозоф Сократ, кој на добиената покана филозофски порачал да му пренесат дека „во Атина четири мери брашно чинат еден обол, а вода има во изобилство“, со што, всушност, сакал да го омаловажи кралството, а и самиот Архелај, кого Сократ не го сметал за Грк, туку за варварин.
Кратко речено, со собирањето на овие значајни имиња во македонската престолнина, кралот Архелај го издигнал македонскиот кралски двор во најзначаен културен центар на своето време.
Според историско-биографски извори, Архелај бил свесен дека културата и уметноста се духовна движечка сила, а сето тоа е плод на образовани луѓе. Затоа кралот се нафатил со обемна програма да донира средства за отворање нови училишта во градовите, училишта за практично оспособување разни профили на идни кадри. Насекаде биле отворани школи за науки за војската, медицината, занаетчиството, полјоделството, политиката, литературата и уметноста. За реализација на тој обемен проект во неговиот дворец ги собирал најдобрите учители, наставници и воспитувачи.
Не бил заборавен ниту спортот. Бидејќи Македонците немале право да учествуваат на хеленските Олимписки игри, сакајќи да ја потврди посебноста нa идентитетот, државноста и суверенитетот што се разликувал од грчкиот, Архелај воспоставил своевидно македонско религиско празнување во чест на Зевс и на Музите. Во тој комплекс оформил и посебни Македонски олимписки игри, со атлетски натпревари во светиот град Дион, на северните падини на Олимп. Тие игри, всушност, биле паралелни олимписки игри со хеленските, но со една далековидна меѓуетничка толеранција. Имено, додека правото за учество на тие игри било ограничено со грчкото етничко потекло, на македонските можеле да учествуваат сите пријавени натпреварувачи.
Архелај не само што самиот имал солидно знаење од низа области од животот и науката туку бил воспитан да знае и умее да командува со војската и да комуницира со народот. А над сето тоа да биде мудар политичар со соседите и подалечните европски и азиски народи. Не само со визиите туку и со делата одел напред, сакал да направи нешто повеќе и поголемо од неговите претходници.
Тука ја завршувам приказната за кралот Архелај, иако има уште многу што да се пишува за него и неговото кралство. Поентата ми беше во надежта дека новиот состав на владата, новиот нејзин претседател, ќе го избира најдоброто што му стои на располагање, дека со опсежните реформи на досегашните реформи ќе почне нов замаец во развојот на државата и дека, конечно, ќе има место и за другите дејности освен за голата, празна политика. Дека од таму ќе гледаме повеќе дела наместо да слушаме празни зборови и ветувања.