Океј, може да почнеме? Добро начучулете очи и уши. И без многу татеравење и мрчење. За инсулирање ич не сакам да чујам. Жими новинарот Гоце Арнаудов. Значи, може да почнеме?
Нешто да те питам, барабо?
Питај…
Кој војдвода ти беше на вечера, Зајко или Мицко?
Ниту Зајко, ниту Мицко, сам си ја кркнав вечерата.
Ете така ми почна кошмарот. Напнат и непознат женски глас ми се вдаде среде сон. Не дека не сум правел барабски работи, ама никогаш кон женскиот пол. Мислам на вистинскиот женски пол, а не на модрениве џендер мутации. Чекав гласот да добие и тело. И ете, се појавува. Гласот ѝ припаѓа на убава женска појава. И очите убави, како лице на девојка од плакат за партизански филм. Погледот строг, некако активистички, свртен кон иднината. Чекам да започне.
Нешто да те питам, барабо, тоа го вели повторно, тука минал војвода Зајко и ти не си го пуштил на вечера?
Ни Мицко, ни Зајко, одговарам, имав лазањи за вечера, а јас знаеш, како Гарфилд сум, обожавам лазањи, па решив сам да ги изедам.
Наеднаш, во нејзините очи се крена вистинска шарена револуција. Меките усни се набабрија, устата започна отсечно да мрда лево-десно како главата на Пендаровски кога објаснува дека нема будала во државава што ќе се дрзне да смени име. Збунет, среде сон, се прашував со што ја налутив, дали е причината Гарфилд или лазањите, оти не знам, може е алергична на мачки, може е веган, кој да знае.
Нешто да ти кажам, барабо, свика исправајќи се, како само си помислил сам да ги изедеш лазањите?
Ех, си мислам, да те познавав, сигурно ќе те повикав тебе на вечера.
Но таа не реагира на моите помисли, сега високо ја крена раката како Тито кога викаше „Напред!“ во песната на Владимир Назор.
О ти барабо, крикна толку гласно што одекна и во соништата на соседите, зарем не знаеш кој е војвода Зајко, зарем не знаеш дека тој крена брана и го смени текот на историјата создавајќи вештачко езеро поубаво од природните и демоде езера полни националистички ендемски видови, зарем не знаеш дека тој го ребрендира минатото облекувајќи го во иднина, дека ги фрли старите партали ала Делчев и ги преслече во најнов моден тренд ала Боки 13, зарем не знаеш дека тој засвети на крајот од тунелот, среде мракот, па екна чочек многу јако, зарем не знаеш дека тој ги помести границите на вселената, дека нема бесконечно што тој не може да го направи конечно, зарем не знаеш дека тој може и половите да ги менува, па Јужен да го направи Северен, а Северниот да го направи Северна Македонија, тој е човекот на кој квантниот скок му е традиција, тој го донесе европскиот бич божји што самиот го нарече камшикар, тој е човекот што крева БДП, економија и либидо, тој е светлината што ме крена од мрачните тунели на невладиниот сектор и ме донесе тука во твојот назаден и националистички кошмар за да…
…за да ми кренеш и мене либидо, наивно реков, ама јас немам проблем со либидото, само немој така да го грчиш лицето, бидејќи нанесуваш непоправлива штета на твојата убавина и извини на мешање, ама ова е мој сон, па ако сакаш да одиш и да се преслечеш во пионерка, па да си направиме тунел и среде мракот ние голи…
Наеднаш занемев. Во нејзиниот поглед почна да се гради сам од себе, Голи Оток. Во мислите го викав Иван Горан Ковачиќ да дојде и да ми ископа јама за да пропаднам во неа. Ме разбуди телефонот, тој ме спаси од опасноста да бидам затворен во логорот на тие убави активистички очи.
Нешто да те питам, барабо, рече гласот од другата страна на врската.
Другар ми, член на опозициската партија. Питај, му реков исправајќи се од перницата на која сè уште имаше остатоци од воспевањето на некој Зајко на кого не му дадов лазањи.
Прочита ли дека Германците ја оцениле економијата на северџанистанциве со чиста нула?
Не прочитав, одговарам, ама без нула нема математика. Да не е таа нула нема да постои бројот 500, а јас нема да земам 500 евра плата… извини, 520 евра плата.
Што, збунето свика другар ми, стално заборавајќи дека сакам да го нервирам кога ме гњави за политика.
Уф, само што сфатив дека платата ми е веќе 590 евра, реков и ја прекинав врската чувствуајќи дека дури запалам цигара ќе рипне на 620 евра. Не стигнав да ја запалам, зашто телефонот ѕвонеше.
Нешто да те питам барабо, ми се обрати другарка ми, поддржувач на владечаката политика, го виде дуелот на деценијата, виде дека оној Мицковски нема шанси да го поништи Преспанскиот договор?
Гледај на сето тоа од блесавата страна, и велам, зашто од една страна, тој договор е кривично дело, злосторничко здружување, па ако го поништи значи поништил криминал за кој многумина еден ден треба да бидат обвинети за велепредавство и терористичко загрозување на уставниот поредок, а од друга страна тој договор нè внесе во НАТО, а може Мицковски сака да учествува на конкурсот на Шеќеринска , „НАТО и јас“. Така реков и ја прекинав врската.
И тамам си помислив, готово е за денес со глупости, заѕвоне ѕвончето на влезната врата. Гледам човек и теле. Човекот го препознавам, тој е портпарол на Владата. Клечи додека телето брзо му ја лиже косата. Потоа младиот човек се исправа.
Нешто да те питам, барабо, вели, ама ништо не прашува, туку напротив, почнува да рецитира како навиен: „Види ваму, доста ни е веќе од твоето мрчење полно инсулирање. Ние ти донесовме живот, ти ми се татеравиш тука. Добро начучули ги ушите. Ти ја покачивме платата на 670 евра (погледнува на часовник) и тоа беше пред десет секунди. Сега веќе ти е 710 евра и којснае колкава плата ќе имаш кога ќе завршам. Донесовме еден куп странски инвестиции. Еве баш една сака да отвори фабрика во твојата дневна соба. Досега вработивме 300.000 луѓе, па сега мораме да отвориме уште едно министерство, затоа што веќе нема празни работни места. Во меѓувреме ’Северџанистан‘ стана толку богат што мора да донесеме мигранти што ќе работат како послуга по домовите на северџанистанците. Многу луѓе деновиве заминуваат на запад за да се уверат дека ние сме веќе далеку побогати од најбогатите. А ти упорно мрчиш, е не може веќе така“.
Нешто да те питам барабо, наеднаш прозборува телето.
Питај бе теле едно, му одговорама.
Може да се скријам во твојава последна реченица од колумнава за портпаролов никогаш веќе да не ме најде?